Работните групи сочинети од координатори на пратенички групи денеска попладне ќе се состанат во Клуб на пратениците каде што ќе дебатираат за документите од францускиот односно европскиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со Европската унија, велат пратеници од опозицијата за Радио Слободна Европа.
Од Собрание велат дека до сега до нив не е пристигната официјална информација од Владата, што значи се уште нема основа да биде свикана пленарна седница на која ќе треба да се расправа за заклучоци.
Владата се уште не го поминала францускиот предлог на седница, за да го испрати во Собрание. Се чека крајот на консултациите, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој посочи дека не може да каже кога точно и на кој начин ќе се донесе конечната одлука, но, како што вели, тоа мора да биде наскоро. Ако сега го одбиеме предлогот ќе треба во иднина повторно да преговараме од почеток, вели вицепремиерот.
„Владата секако ќе постапи одговорно, ќе ги разгледа информациите за текот на преговорите коишто ги водеше Министерството за надворешни работи за резултатите од тие преговори и секако планира да добие поддршка и од Собранието, за да го комплетираме нашиот став и за да можеме одговорно и со поддршка на Собранието да настапиме пред ЕУ и да дадеме конечен став“, вели Маричиќ, на прашање кога ќе биде објавен Протоколот со Бугарија.
Тој додава дека се уште не е усогласен и потпишан билатералниот Протоколот со Бугарија. Тоа, како што вели, ќе се прави во наредните саати и денови, а после тоа трите документи кои се дел од таканаречениот француски предлог, заедно со Протоколот ќе се стават на разгледување.
„Но тоа нема да се случи денеска или утре. Владата ги врши консултациите и се надевам ќе најде начин како во наредните денови да ги заокружи и како да го праша Собранието за мислење“, вели тој.
Германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој е посета на Скопје, вели дека не сака да гледа на францускиот предлог како понуда – Земи или остави!, но, како што вели, предлог на маса е подобар и кој друг потоа би го преработил предлогот кој веќе е преработен и подобар.
За што ќе дебатираат пратениците?
Двете најголеми политички партии во Собранието, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера го потврдија договорот за одржување на разговори во Собранието. Но, со различна тема на дискусија. За владејачката СДСМ во Собранието денеска ќе дебатираат за заклучоци што би требало да бидат разгледани и усвоени од Собранието, додека опозициската ВМРО ДПМНЕ вчера соопшти дека разговорите во работните групи ќе се однесуваат на преговарачката рамка.
Од власта тврдат дека со забелешки не може да се измени предлогот, а единствено што може е да се донесат заклучоци во Собранието, кои би биле обврзувачки само за македонската влада.
Вицепремиерот Артан Груби упати апел до пратеничките групи кои како што велат, ќе разговараат за предлог заклучоци за информацијата од Советот на ЕУ до Владата за таканаречениот француски предлог да ги усогласат и да ги усвојат.
„И да ја задолжат Владата со нула компромиси по однос на јазичните, идентитетските, културните, историски и образовни особености на македонскиот народ на нашата држава, за да отпочне со преговори со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција“, изјави Груби.
Владеачката и опозициската партија ќе имаат по двајца претставници во работните групи, ДУИ и Алијанса на Албанците ќе имаат по еден и уште еден од помалите парламентарни политички партии.
Премиерот Димитар Ковачевски при вчерашната прес конференција изјави дека пратениците во форма на заклучоци се тие што ќе и ги дадат насоките на Владата за нејзиното делување околу почнување или не почнување на преговори со ЕУ.
„На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите и со какви заклучоци - и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе, да го операционализира во врска со одлуката која Собранието ќе ја донесе“, рече тој.
Откако Владата ќе добие заклучоци од Собранието официјално ќе достави одговор до ЕУ.
Опозицијата досега неколку пати јавно соопшти дека се против со таква преговарачка рамка земјава да отпочне преговори.
„Предлогот води кон вечно преговарање или асимилација по диктат на Бугарија, изјави вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Маричиќ ја поздрави одлуката на опозицијата, која, како што вели, топката ја префрли од емотивно отфрлање на предлогот на почетокот до разговор за содржината на предлогот.
Според досега објавените информации помалите партии од владината коалиција нема да дадат безусловна поддршка на францускиот предлог почнување на пристапни преговори.
Клучен проблем за опозицијата и помалите партии се вметнувањето на билатералните прашања и проблеми во преговарачката рамка. Власта постојано повторува дека во европскиот предлог се сочувани и заштитени прашањата за македонскиот јазик и идентитет.
Но, опозицијата бара да се измени делот за уставни промени со вметнување на Бугарите во преамбулата, потоа да се отфрли можноста за измена на учебници и историските факти, кои, како што велат, ќе влијаат врз македонскиот идентитет.
Коалициската „тројка“ сочинета од Либерална партија, ДОМ и Демократски сојуз бараат со заклучоци да се задолжи Владата да бара измени во преговарачката рамка, односно од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, рамката да биде согласно европските принципи и стандарди, да се овозможат гаранции дека Бугарија нема да се меша во внатрешното уредување на Македонија и уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа.
Инаку, илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ.
Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. На вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата во и парламентот во Скопје а кон зградите фрлаа со камења, јајца, шишиња и тоалетна хартија.