Достапни линкови

Мишел од Скопје: Оваа можност е премногу важна за да се пропушти


Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел присуствуваше на Владината седница на која заедно со премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата дискутираа за европскиот предлог за тргање на бугарското вето од македонските евроинтеграции.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел присуствуваше на Владината седница на која заедно со премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата дискутираа за европскиот предлог за тргање на бугарското вето од македонските евроинтеграции.

Претседателот на ЕС Шарл Мишел порача дека францускиот предлог е историска можност за старт на преговорите со ЕУ и дека таа не смее да се пропушти. Премиерот Димитар Ковачевски пак рече дека Собранието ќе одлучи дали ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.

„Македонци имате историска можност да кажете – ДА. ДА , за почеток на преговорите, ДА на ЕУ, ДА за нашите деца. Вашата земја има можност уште еднаш да стане првак во проширувањето, тоа ќе внесе нова динамика, нови реформи кои ќе ве приближат до ЕУ, а тоа ќе доведе до поголем просперитет, стабилност и отпорност на вашиот народ“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој денеска престојува во Скопје.

Изјави Мишел и Ковачевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Мишел, чија посета има за цел да ја покаже поддршката за францускиот предлог и да ја потврди заложбата на Унијата за интегрирање на Северна Македонија, вели дека оваа можност, е премногу важна за да се пропушти, нагласувајќи дека никогаш не сме биле толку блиску до Европската Унија.

„Според мене Северна Македонија припаѓа во ЕУ, вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробив, на започнувањето на преговорите. Одлуката за ова е кај Вас, тоа е ваш суверен избор. Лично јас сум уверен дека ова е урамнотежено решение, кое што се упатува на вашите загрижености. Целта е јасна, да се започне со пристапните преговори и конечно да се придвижиме кон градење на нашата заедничка иднина во ЕУ. Ако кажете ДА, првата меѓувладина конференција ќе се организира во следните неколку денови и ќе ја имплементира одлуката од март 2020 година“, порача Мишел.

Свесни сме, рече Мишел, за загриженоста на некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет.

„Со овој предлог јасно дискутираме за македонскиот јазик, тој е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Целото европско законодавството ќе биде преведено на македонски јазик. Свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет и може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права.“, рече Мишел нагласувајќи дека добрососедските односи, се неопходен елемент во процесот на проширување, како што е за сите партнери од Западен Балкан.

Ковачевски: На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите

Премиерот Димитар Ковачевски го повтори познатиот став на Владата дека се работи за историска можност и за поволен предлог кој ги штити националните интереси и македонските позиции и ставови.

Тој информираше дека откако ќе заврши консултативниот процес за европскиот предлог, билатералниот договор и уште еден документ ќе бидат испратени во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии ќе разговараат за овие предлози. Тие, како што рече тој, треба да донесат одлука и заклучоци и ќе и дадат задолженија на Владата тоа да го споведат.

„Сметам дека претседателот Шарл Мишел беше јасен во својата експликација дека ние имаме предлог кој ни овозможува веднаш отпочнување на преговори со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите и со какви заклучоци - и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе, да го операционализира во врска со одлуката која Собранието ќе ја донесе“, рече тој.

Откако Владата ќе добие заклучоци од Собранието официјално ќе достави одговор до ЕУ.

Ковачевски ги коментираше протестите кои три дена по ред се одржуваат пред Владата против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Тој рече дека има информации од МВР оти се подготвува нешто што не доликува на НАТО членка и идна членка на ЕУ и оти не е дозволиво да се протестира со качулки, по инцидентите во Собранието од 27 април.

„Да протестираат луѓе кои носат качулки, којшто гаѓаат по полиција, да имаме повредени полицајци. Секој може да протестира за секое прашање. Но целта да се носат качулки, да се оди маскирани е недозволиво за држава која го помина 27 април. И тоа не смее да ни се повтори. Вчера видовте дека полицијата се повлече. Овде се проговара за предлог доставен од ЕУ“, изјави Ковачевски.

Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во однос на владината коалиција, имајќи предвид дека три партии не се согласуваат со овој предлог, беше дециден дека коалицијата е стабилна и посочи дека денеска имаше седница на Влада на која биле присутни сите министри

Инаку илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. На вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата во и парламентот во Скопје а кон зградите фрлаа со јајца, шишиња и тоалетна хартија.

Владата пред три дена го објави модифицираниот предлог од Франција, со кој се условува земјата за Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство во Европската унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG