Во обид да ја покаже поддршката за францускиот предлог и да ја потврди заложбата на Унијата за интегрирање на Северна Македонија, во Скопје пристигна претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел. Тој ќе присуствува на владината седница на која токму предлогот ќе биде главна тема.
Предвидени се и тет-а тет средби со премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.
Пред неговата посета и од Европската Комисија испратија порака дека што поскоро треба да е најде решение на проблемот меѓу Скопје и Софија и ги поздравија напорите на француското претседателство да го деблокира процесот на македонските евроинтеграции.
Портпаролката на ЕК, Ана Писонеро вчера изјави дека Комисијата ги следи случувањата и консултациите во Северна Македонија и очекува ефективен одговор.
„Внимателно и одблиску ги следиме настаните во Северна Македонија. Сега е време за одговорни одлуки кои ќе овозможат да се оди напред во процесот. За нас сега е време да се напредува во преговарачкиот процес. Ревидираниот француски предлог токму тоа го овозможува“, изјави Писонеро додавајќи дека треба да се најде решение што е можно поскоро, што ќе придонесе формално да започнат пристапните преговори.
Во меѓувреме, Собранието се очекува до крајот на неделава, најверојатно четврток, на пленарна седница да расправа за владината информација за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ.
Според извори во владејачкото мнозинство, по денешната владина седница документите треба да доставени за расправа пред пратениците. Оваа владина информација ќе ги содржи веќе објавените три документи, а можно е и билатералните протоколи со Бугарија.
Собранието треба да донесе заклучоци кои ќе бидат обврзувачки за Владата и за нив ќе се гласа со просто мнозинство. Во нив се очекува да има препораки кои ќе се однесуваат на заштита на македонскиот јазик и идентитет во пристапните преговори со ЕУ, велат собраниски извори за РСЕ.
Опозицијата, пак, тврди дека Владата ќе ја носи конечната одлука и затоа повикува да продолжат протестите.
Илјадници граѓани подржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. На вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата во и парламентот во Скопје а кон зградите фрлаа со јајца, шишиња и тоалетна хартија.
Мишел беше во земјава пред неполни месец. Тој од Охрид порача дека Македонија и Албанија треба што е можно поскоро да ги почнат преговорите со Европската унија, што е важно не само за двете земји туку и за целиот регион воопшто, особено во контекст на новите геополитички случувања.
Владата пред три дена го објави модифицираниот предлог од Франција, со кој се условува земјата за Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство во Европската Унија.