Под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“ илјадници граѓани вечерва протестираа против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Протестот беше поддржан од повеќе политички партии и граѓански организации. Тие се против тоа Владата да го потпише францускиот предлог кој, како што истакнуваат, е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
На протестот се обратија и новинари, универзитетски професори, музичари. Тие ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
„Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина,“ беше порачано на протестот.
Видео снимка од целиот протест:
Протестот доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христија Мицкоски ги повика граѓаните да се приклучат, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.
„Нас не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме“, е пораката што ја упати Мицкоски вечерва пред почетокот протестот.
„Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за совоето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни“, изјави Мицкоски.
Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.
Османи: Предлогот е историска шанса конечно да ги почнеме преговорите
Инаку денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред медиумите го образложуваше новиот француски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, уверувајќи дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него.
Османи тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Бугарија, како што тврди, ќе го искаже во изјава согласно Португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти. Северна Македонија, вели Османи, во записникот ќе има исто така своја изјава.
„Во ЕУ досега никогаш не е потпишан европски документ во кој стои македонски јазик. Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Тоа е мислење, кое не влегува во документот и заклучоците, и тоа еднаш и никогаш повеќе“, вели Османи.
За шефот на македонската дипломатија, најголемата разлика помеѓу новиот и стариот француски предлог е тоа што македонскиот јазик останува заштитен во ЕУ и хронолошки биле отфрлани предлозите „јазик на Северна Македонија“, „јазик согласно Уставот“ и фуснота со ѕвездичка дека македонски јазик за Бугарија е неприфатливо.
Според Османи, македонската дипломатија убедила 26 земји-членки дека тоа е неприфатливо.
Ставот на опозицијата
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлогот не смее да се прифати затоа што тоа ќе значи бугаризирање и асимилација во ЕУ. Од партијата ги повикаа граѓаните на протест, вечер во 19 часот пред платото на Владата, за да како што велат да кажат НЕ на предлогот.
Османи пак вели дека е ирационално и штетно да се тврди дека ќе има смена на идентитет, бугаризација. Напротив, вели шефот на дипломатијата, се затвора еднаш засекогаш прашањето за јазикот, кој беше оспоруван од некои во ЕУ.
Тој тврди дека обврските на Северна Македонија по билатералните прашања кон добрососедските односи не се вклучени во преговарачката рамка.
Во „Годишните мерки и прегледи за имплементација“ немало ништо спорно, тврди Османи откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека токму тој дел кој реферира на член 12 од Договорот за добрососедство ќе биде одлучувачки член врз основа на кој ние или ќе напредуваме или ќе бидеме подложни на вето од источниот сосед.
Инаку оваа рамка се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за документот. Со новиот предлог, преговорите ќе започнат пред уставните промени.
Владата вчера го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.