Францускиот предлог ги инкорпорира нашите забелешки и е солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во владата, по средбата со владините коалициски партнери. Тој рече дека започнува процес на широки консултации со претседателот, собранието, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите и експертската јавност за предлогот кој ќе ги откочи македонските евроинтеграции.
„Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изразени ставови“, рече Ковачевски.
„Сите лажни тврдења, во различни форми, сметам дека потонаа... Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонски јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка. Нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на конференција со ЕУ е исто така во вклучено во предлогот“, рече Ковачевски.
Сепак, во предлогот пишува дека „во однос на преводите на законодавството на ЕУ, ЕУ ги забележа соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик“.
Во предлогот се наведува дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување.
„Потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и имплементација билатералните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија“, пишува во предлогот.
Ковачевски рече дека ЕУ почива на добродоседски односи.
Тој ја повика опозицијата да мисли и на наредните генерации, а не само на својата политичка кариера.
„Не смееме да бидеме држава која не сака да се интегрира“, рече Ковачевски.
Демократскиот сојуз и ЛДП претходно оценија дека првичниот француски предлог е неприфатлив и се заканија дека ако се прифати, ќе излезат од владината коалиција. Ковачевски сега не кажа дали овој предлог бил прифатлив за сите коалициони партнери, туку рече дека имале конструктивна и државничка дискусија, а коалиционите партнери треба прво да се консултираат со своите партиски раководства.
По завршувањето на прес-конференцијата, владата, на својата интернет-страница, го објави францускиот предлог, но по кратко време страницата прекина да функционира.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) цени дека предлогот е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на европскиот пат.
„Цениме дека ваквите шанси за компромис, кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани, не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот“, соопштија од ДУИ.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на прес-конференција оцени дека овој предлог е суштински истиот со претходниот.
„Јавноста да види дека овој предлог суштински е истиот со она за коешто македонската јавност веќе изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не ги решава споровите со Бугарија и не нè носи до целта која што ја замислуваме во минативе 20 години, а тоа е полноправно членство во ЕУ“, рече Милошоски.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Бугарија претходно го прифати францускиот предлог, а бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска рече дека новиот е ист со претходниот.