Достапни линкови

Предвремени избори и францускиот предлог на „мени“ пред пратениците


Предвремени избори, преговарачката рамка со ЕУ и македонско-бугарските односи, продажбата на Топлификација, енергетската криза како и економските последици од војната во Украина беа дел од собраниските теми за расправа на пратеничките прашања во Собранието. Во кое време се живеело подобро, додека беше на власт ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ беше едно од прашањата за кое дебатираа во Собранието премиерот Димитар Ковачевски и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски

Оставка од премиерот Димитар Ковачевски побара пратеникот од опозициската ВМРО – ДПМНЕ Александар Николовски на денешните пратенички прашања во Собранието. Според него „погрешната надворешна политика со Бугарија со кој директно се негира на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, историја, традиција, македонскиот народ “, лошото справување со економската криза, сомнителните тендери и вештачки одржувањето на владејачкото мнозинство се доволно добри причини за одржување на предвремени парламентарни избори.

„И затоа сакам да го прашам претседателот на владата, дали мислите дека во Македонија се живее добро и дали не мислите дека е време за оставка и предвремени парламентарни избори“, праша Николоски.

Ковачевски кусо одговори дека не, не треба да има предвремени парламентарни избори. За причините зошто не треба да има, тој од собраниската говорница изјави дека оваа Влада се грижи за националните интереси и дека тоа го направила чесно и транспарентно во европската престолнина. Тој како контрааргумент кон опозицијата во однос на одбраната на националниот интерес го посочи Конгресот на Европските народни партии каде, како што вели била донесена резолуција во која се вградени барањата во однос на негирање на националниот и историскиот континуитет на Македонците.

„И на таа резолуција присуствуваше делегација од вашата партија. Никаде не видовме прес конференција на која сте се спротивставиле, ниту видовме записник, нити видовме говор или нешто дека сте направиле против тоа. Лесно е некој да брани национални интереси дома, ама кога треба да се бранат националните интереси пред 27 земји, тогаш очигледно на некого му е тешко. Но, некој треба тоа да го направи како што јас, претседателот на државата, коалиционите партнери и граѓаните го направивме“ изјави Ковачевски.

Тој ги повтори во Собранието ставовите на Владата за преговарачката рамка со ЕУ дека се неприфатливи идеите кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет, дека не е прифатливо мултилатерални преговори со ЕУ кој не се базира на мерит системот, односно да не се вклучуваат билатерланите прашања во преговорите. Ковачевски повтори дека историските прашања не можат да бидат критериуми за преговори со ЕУ, а преговорите со ЕУ мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција пред да отпочнат измени на македонскиот Устав со внесување на Црногорците, Хрватите, Бугарите, кои ќе станат дел од преамбулата на Уставот. Ако се постигне разбирање за овие позиции, тогаш Владата ќе се вклучи во преговори и разговори со партнерите во ЕУ.

Николовски пак, во однос на националните прашања посочи дека земјава добила убедливо најлош предлог за почнување на преговори со ЕУ досега.

„Никој не е наивен дека Франција може да си дозволи да презентира предлог без да се консултираат двете страни,“изјави Николовски.

Поранешниот министер за надворешни работи и опозициски пратеник Антонијо Милошоски го покани Ковачевски да присуствува на седница на комисијата за надворешни работи заедно со неговиот претходник Зоран Заев и со поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој како што вели, води јавно преписки со неговиот наследник Бујар Османи.

„Вие самиот кажавте дека сте свесен дека постои подгревање на тензиите по однос на македонско – бугарските односи и политичкиот мобинг кој го прави Софија во изминативе две години. На ова седница би се разгледа оној предлог што вие го одбивте во Брисел во форма таква каква што е неофицијална. Би имала за цел да има една поголема дискусија кај сите политички групи, за да имаме посилни позиции помалку недоразбирање и да не се создава како што бие го нарекувате – хистерија на експерти и кревање на тензии“, изјави Милошоски.

Ковачески се согласи на ова барање на Милошоски, но побара да се дополни листата на гости.

„Не е фер да се изолира поканата на неколку луѓе, туку сметам дека вие како претседател на Комисијата треба да ги повикаат сите поранешни претседатели, сите поранешни премиери, иако еден нема да може да дојде во странство, ама верувам дека дописно ќе се обрати, потоа сите поранешни министри за надворешни работи, затоа што не заслужуваат само министрите од последните два мандата да имаат предност во однос на министрите кои биле во првите два мандати. Да не заборавиме Северна Македонија не постои од денеска“ изјави Ковачевски.

Ваквата забелешка наиде на довикување на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ дека токму од СДСМ постои Северна Македонија.

Милошоски најави дека наскоро ќе организира една таква дискусија со гости која нема да биде во формат на јавна расправа, што значи нема да се откриваат јавно документи кои ќе произлезат од неа, додавајќи дека неговата намера не е да се прави циркузијада.

„Мојата намера е да направиме седница за сите актери кои учествуваа во потпишувањето и создавање на Договорот за Добрососедство со Бугарија, затоа што од тој момент имаме надолен тренд во недовербата со соседна Бугарија и блокади. Оние кои што актуелно разговараат, одбиваат или прифаќаат делови од францускиот предлог, не мора да е официјален да присуствуваат на таа седница“, вели Милошоски.

Кога се живееше подобро, во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ ?

Не изостана ни дебатата во кое време се живеело подобро, дали во времето на ВМРО- ДПМНЕ или во времето на СДСМ. Според Ковачевски за опозициските критики посочи дека кога се земаат економските параметри неопходно е да се види и контекстот во кој денеска се живее со последиците од војната во Украина, пандемијата која се уште не е завршена приказна, како и историското најголемо зголемување на цените на енергенсите и суровините. Во однос на топлинската енергија со која се загрева градот Скопје, Ковачевски прстот во впери во опозицијата.

„Топлинската енергија – тоа беше мој прв предизвик, затоа што вашата влада и вашиот премиер во тоа време дозволил системот за загревање во Скопје односно компаниите дозволил да бидат продадени на фирма од Кипар која требало да снабдува со гас а нема лиценца за тоа, затоа владата мораше да го преземе управувањето со топлинскиот систем. Тоа е надлежност на градот Скопје кој тогаш преќутно а сега јавно укажува дека нема знаење, нити има волја со тоа да управува. Компанијата која е регистрирана некаде во Кипар, треба кај вас во партија да прашате дали се тоа дали се тоа руски олигарси или не, дали целиот систем го имаат заложено во банки по Луксембург или не, кај вас да прашате“ изјави Ковачевски.

Обвинителството три години води предистражна постапка за лиценците на БЕГ

За ова Николовски изјави дека грешките од минатото во неговата партија се исправени.

„Дали имало грешки во минатото, секако имало, ние како партија имавме храброст дел од тие луѓе кои стоеја позади грешките да ги исклучиме и од партијата, јас лично излегов и го кажав тоа во јавност. Не знам дали вие имате таква храброст да направите прочистување во СДСМ, топло ви го препорачувам затоа што е добро за здравјето на секоја политичка партија. Но треба одговор да дадете како еден транзициски олигарх е сопственик на Топлификација“ изјави Николовски.

Владата го презеде парното, за монополот ни збор

Дебатата се водеше и за изминативе два тензични дена во Собранието меѓу власта и опозицијата. Милошоски побара од министерката за култура да го разреши нејзиниот колега државниот секретар Вламир Азири по коментарите на социјалната мрежа Фејсбук. Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека по неговата кривична пријава, ако институциите утврдат дека постои основ тогаш ќе биде спроведена и конкретна постапка.

„Морам да кажам дека не оправдувам никаква форма на насилство, и се додека сум министерка насилството секаде каде што јас ќе можам да го спречам, ќе биде спречено. Но не го оправдувам нити насилството што го имавте вчера како пратеничка група кон мојата колешка Снежана Калевска Ванчева, кон Арта Биљали Зендели“ изјави таа.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, пред почетокот на денешната собраниска седница на брифинг со новинарите коментирајќи го последното случување од пред два дена во Комисијата за европски прашање рече, дека не го оправдува однесувањето на претседателот на оваа Комисија Арбер Адеми, меѓутоа, според него, немилиот настан бил испровоциран.

„Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место, рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.

Претходните два дена расправите во собраниските комисии за законот за работни односи поминаа во тензична атмосфера. Расправата на раб да премине во физичка пресметка во Собранието околу измените на Законот за работни односи се претвори во битка за микрофонот на претседавачите на комисиите.

По драмата во Комисијата за европски прашања и инцидентот со Арбер Адеми, вчера до полноќ се повторуваа истите сцени и во Законодавно-правната комисија.

Предлог измените на Законот за работните односи кои се однесуваат на продолжувањето на работниот век на 60 судии и 13 обвинители се причината поради која вчера се вжешти атмосферата на собраниските комисии.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG