Достапни линкови

Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог


Архивска фотографија - Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на средба во Софија на шефови на влади на земјите од Југоисточна Европа, кои се членки на НАТО, март 2022.
Архивска фотографија - Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на средба во Софија на шефови на влади на земјите од Југоисточна Европа, кои се членки на НАТО, март 2022.

Три клучни прашања има македонската влада, наспроти четири барања од бугарската, со кои ќе се влијае да има надополнет француски предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции.

Јазикот, историските прашања надвор од рамката и одредувањето кога да се направат уставните измени се клучните македонски црвени линии, кои ќе одредат дали е прифатлива конечната усогласена верзија на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ.

Ова го истакна денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Македонската власт го чека конечниот француски предлог
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Декларација на бугарскиот паралемент

Претходно бугарското Собрание усвои декларација со која, како што се наведува во текстот, се утврдуваат условите под кои Република Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Во нивниот документ се додадени уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ.

Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Османи не коментира

Османи вели дека нема да коментира за бугарскиот документ кој е усвоен во Собранието се додека не го погледне детално, затоа што досега објавената верзија на француски предлог е работна верзија со неусогласени прашања. Тој додава дека сега ќе се чека каква ќе биде формулацијата на францускиот предлог по усвоениот бугарски документ и претходно доставените забелешки на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел.

„Останува наредните денови на француското претседателство дали ќе има конечен свој предлог по однос на прашањето. Досега имавме работна верзија во која останаа недефинирани некои прашања а тоа е прашањето за протоколот, затоа што протоколот на некој начин ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашата сензитивност, може да се најде решение и во наредните неколку денови“, изјави Османи.

Тој истакна дека се додека Бугарија не ги смени позициите за прашањата кои и досега беа кочница за изнаоѓање на решенија, напредок нема да има.
Османи на брифингот, пред да биде изгласано во бугарското собрание документот, посочи дека ако се отстранат бугарските барања кои се однесуваат на Преговарачката рамка и за заклучоците на Европскиот совет, а тоа се двостраниот Протокол и почетокот на преговорите да зависи од внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, тогаш таков француски предлог би бил прифатлив за македонската влада.

Овие бугарски услови за сега значат проблем во оценување на успешноста преговарачкиот процес затоа што ќе дадат политички легитимитет на Бугарија да се повикува и да оспорува делови од преговорите. Во македонски интерес е вели Османи, Европската комисија да го врши во целост оценување, а не како што сака Бугарија да биде контролор во „преземените обврски од билатералните протоколи“.

Според него во францускиот предлог за разлика од португалскиот македонскиот јазик бил чист со тоа што во засебни изјави би требало да стои македонскиот и бугарскиот став за јазикот, затоа што не може на некоја земја да и се ограничи правото да се изрази за одредено прашање.

Според бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков, бугарското Собрание донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Според усвоената одлука, Парламентот и дава право на Владата во оставка на Петков да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

„Бугарија не го укина ветото. Бугарија ја зголемува силата на своето вето“, рече пратеникот Христо Иванов од „Демократска Бугарија“, кој е иницијатор на донесената одлука.

„Од сега па натаму, во секое време кога Северна Македонија нема да ги исполнува своите обврски и ги прекршува, веќе како кандидат за членка на ЕУ, силата на овие барања ќе ја наметнува целото европско семејство, не само Бугарија“, рече Иванов.

Францускиот предлог во сегашната форма предвидува бугарските услови за Скопје, да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ, а Европската комисија да биде гарант за нивното спроведување. Оваа варијанта стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека се надева дека следната недела на состанок на КОРЕПЕР за процесот ќе може да се обезбеди Северна Македонија и Албанија да се придвижат напред во евроинтегративниот процес.

По француското претседавање со Советот на ЕУ кое завршува на 1 јули годинава, ќе следува чешко шестмесечно претседавање. Францускиот предлог е трет обид да деблокирање на бугарското вето. На него му претходеа германски и португалски предлози.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG