Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 27 јуни.
Место реклама за производите и услугите кои ги нудат, на се повеќе локали низ центарот на Скопје, може да се забележи лист со порака - дуќанот се издава. Место продавач зад тезгата, кој ќе ви понуди да изберете што сакате да купите, сега има затворени катанци. Дуќанот е затворен, а продавачот веројатно еден од 11 190 луѓе кои се пријавиле како невработени во Агенцијата за вработување.
Директорката на агенцијата Билјана Јовановска вели дека толкава е бројката луѓе кои од 11 март до 31 мај се пријавиле дека изгубиле работа.
„Во делот, пак, на дејноста од која што дојдоа овие невработени лица најголем процент се од производствената дејност и трговијата на мало и големо и помал е процентот на останатите дејности, би рекла дека трети по ред се услужните дејности и угостителскиот сектор и останатите“, вели Јовановска.
Повеќето од тие лица, додава таа, се со спогодбен отказ, или работниот однос е прекинат поради истекот на договорот, а помал процент се поради отказ од работавачот или работникот.
Видете и ова: Короната ќе отера во сиромаштија илјадници луѓеСпоред евиденденцијата на Агенцијата, со завршено средно или непотполно средно се 58 проценти, а 26 проценти се без образование, односно со основно образование. Јовановска вели дека пазарот на труд во земјава во меѓувреме и додека трае пандемијата не престанал да функционира, па во моментов се отворени 6000 работни места.
„Во целиот период имавме движење од околу 4000 до 8000 работни места, но тоа секојдневно се менува“, вели Јовановска.
Пандемијата со коронавирусот, несомнено покрај тоа што предизвика нови правила во комуникацијата - маска, дистанца и дезинфекција на раце, осиромаши многу граѓани, особено оние кои и претходно беа со поплиток џеб.
Јавната администрација и покрај најавите од некои владини функционери за намалување сепак остана со истата плата, но оние кои работат сами за себе сега се соочуваат со нови предизвици. Една од најпогодените категории се таксистите. Долгите полициски часови, празниот град, намаленото движење на луѓето придонесоа за ситуацијата во која сега се наоѓаат.
Разговараме со двајца од нив. И двајцата свесни за опасностите од коронавирусот, велат дека возат со страв, со сите заштитни мерки, маски, дезинфициенси, дури и маски за неодговорните патници кои сакаат да се возат без заштита, но дека немаат друг избор. И покрај намалената заработувачка, која ги доведува до најниско ниво на одржливост, тие се обидуваат да заработат.
Александар Најдовски дваесетина години заработува преку возење такси. Вели дека додека траеја долгите полициски часови заработувачката му се намалила за дури деведесет отсто, а сега, по олабавувањето на мерките се зголемила и нивната работа, но пак споредбата со лани истото време покажува дека заработуваат околу 30 отсто.
„Мозаикот се склопи таков - распуст е, заврши школската година, епидемијата со корона, институциите не работат, затворени автобуски, железнички станици, аеродромот не работи, туристи нема....нашата работа сега се сведува на тоа, некој, ептен што нема каде, или се плаши да оди во ЈСП во градски превоз и се чувствува посигурен да оди со такси па да се вози со нас“, вели Најдовски.
Неговиот колега, Горѓи Мариновски кој е и претседател на Синдикатот на таксисти на град Скопје, вели дека 14 500 кои им ги дава државата им се од помош, но кога ќе ги подмират давачките што ги имаат не им останува многу.
„Тоа не се чисти средства, затоа што тие пари, барем во нашиот синдикат, некаде по еден, двајца, тројца сме во фирма, така што од тие 14 500 треба да се издвојат 5,500 до 6000 за придонеси, треба да се плати кон здружението 2000 денари, така што не знам колку остануваат од парите“, вели Маринковски.
Видете и ова: Во новата нормалност нормално е само плаќањето на давачкитеОвие таксисти се во главниот град, но состојбата и во другите градови е тешка. Оние кои имаат мали продавнички и кои исто така заработуваат за живот во соседно Куманово се жалат на намален промет.
„Не е нормално. Нема народ. Ќе опстанеме со помош на државата, се надеваме. Муштерии не доаѓаат, луѓето се затворија дома. Не знам како ќе биде, немам мислење, а оптимист сум по природа.“
„Тешко. Работиме само колку да не затвориме. Се надевам на подобро, но оди потешко, луѓето стојат кусо време надвор, си заминуваат не сакаат да чекаат. Не може сите да бидат услужени на време. Ние губиме. Повеќе се троши на храна, ние со текстил работиме“, велат анкетирани дуќанџии.
Според државните податоци до минатиот месец 16.546 компании со 103, 307 вработени им е одобрена финансиска поддршка за исплата на плати за месец април 2020.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Короната ги осиромаши и вработените
Билјана Дуковска од Македонската платформата против сиромаштија вели дека кризата ги осиромаши и вработените луѓе. Таа вели дека сиромашните луѓе кои живеат под линијата на сиромаштија се згрижени во системите за социјална заштита, но дека сега има ситуација кога тие што до вчера не биле сиромашни, сега се соочуваат со сиромаштија. Сега само станаа видливи работите како навистина живеат сиромашните и сега трагедијата – Да имаш, па да немаш почна помасовно да се чувствува, вели таа.
„Тие и пред кризата живееле месец за месец, немале заштеди за шест месеци тргнато на страна, тоа ние го објаснувавме со лаекен индикатори, ако не можеш да исполниш четири од деветте индикатори, ти си сериозно материјално депривиран, тоа не значи дека немаш доволно пари, тоа не значи дека немаш приход, меѓутоа значи дека дома ти се расипе нешто поголемо, ако не дај боже треба да правиш операција, да правиш заби или слично, тешко може да го поднесеш тој товар. Тоа се дополнителни пари кои не сите ги имаат настрана. Во оваа ситуација кога мора да се извадат сите пари, оти не стигаат, луѓето реално може да преживеат месец, два“, вели Дуковска.
Голем дел од македонските граѓани, пак, парите за да ги преживеат следните месец два, или пак за да обезбедат средства за работа ги обезбедуваат преку кредити. Поради коронавирусот владата донесе да се намалат ратите за кредитите на граѓаните од финансиските и лизинг друштвата за најмалку 70 отсто и во месеците додека трае кризата да не смеат да се пресметуваат и наплатуваат трошоци, провизии и казнени камати.
Oколу 70 отсто, пак, од граѓаните одлучиле да го одложат плаќањето на нивните кредити, според информации од банките кои доставиле податоци до Народната банка. Банките поради економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот на нивните клиенти им понудија можност да го одложат плаќањето на кредитите во рок од 6 месеци. Банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат на граѓаните, откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови.
Со давачки за лизинг се соочува и таксистот Најдовски.
„Прво и основно се плаќаат сметките..но мислам дека многу им е потешко на тие колеги кои се единствени носители на приход во семејството. Ако сопружниците не им работат, ако немаат помош од родители многу тешко ќе опстанат. Ние знаме дека се стои ама тоа е тоа, еве тие што имаат кредити им се одложени на одреден период,не знаеме како ќе се одвива понатаму, може ќе ги одложат повторно , камати има нема, што да правиме, мора да плаќаме кредити, лизинг, јас сум еден од тие, само да се надеваме дека ситуацијата ќе се надмине“, вели Најдовски.
Видете и ова: На банките сепак им е важен и профитотИнаку последните податоци за сиромаштија на Државниот завод за статистика се објавени кон крајот на 2019 и се однесуваат на 2018 година. Според тие податоци, во Македонија 21,9 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија, што значи дека секој петти жител живее во сиромаштија. Податоците меѓу другото покажуваат дека 8,8 отсто од вработените луѓе се сиромашни, а речиси толкав процент е и на сиромашни пензионери.
И светот тоне во нееднаквост
Македонија не е исклучок од ваквата економска состојба што ја предизвика коронавирусот. Британско-американски економист и академик Ангус Дитон оценува дека пандемијата веќе почна да ги зголемува социјалните и расни нееднаквости.
„Навистина е страшно. И кога моите деца ми бараат нешто, јас се расплакувам, затоа што го сакам и јас тоа за нив, но тоа е невозможно и тие не разбираат затоа што се уште се мали. Тие не знаат што се случува, така што многу влијае врз мене, но јас немам друг избор.“
Јао е и волонтер и корисник на услугите на француската Агенција за социјална заштита. Од воведувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот тој нема работа и тука, како што вели, барем може да најде храна и облека.
„Но што да правам со киријата“, прашува разочарано.
Амандин Гринејзен, социјална службеничка пак, вели:
„Јас работам во оваа агенција веќе пет години и никогаш не сум видела вакво нешто. Имаме значително зголемување на бројот на луѓе. Во текот на два месеца, пресметавме дека имало 141% повеќе луѓе кои доаѓаат во оваа филијала.“
Видете и ова: Ковид-19 - како светот се справува со зголемената невработеност?Франција веројатно ќе има над 800.000 нови невработени во наредните месеци, предупреди деновиве владата, проценувајќи дека економијата нема да се врати на нивото пред кризата до средината на 2022 година.
Накусо Франција се подготвува за својата најлоша рецесија по Втората светска војна. Најпогоден ќе биде услужниот, односно туристичкиот сектор, чии вработени велат дека се изоставени и од владиниот пакет помош.
Фредерик Мартино вели:
„Ние навистина сме жртви и бевме целосно изоставени од финансискиот пакет распореден од владата. Ние не добивме ништо - во оваа фаза, не добивме ништо. Сè уште ги јадеме нашите бенефиции.“
Навидливот непријател го сврте светот наопаку. Здравствени системи пред колапс, економии кои се кутнати од мерките за спречување на пандемијата и голем број невработени кои се тетерават на работ на сиромаштијата. Социјалните проблеми полека почнаа да се префрлаат кон можеби подзаборавената, но никогаш не исчезнатата сфера, не само на расни предрасуди.
Британско-американски економист и академик Ангус Дитон, кој ја доби „Нобеловата награда“ за економија во 2015 година оценува дека пандемијата на коронавирус веќе почна да ги зголемува социјалните и расни нееднаквости и тој е загрижен дека масовната невработеност како резултат на кризата ќе го влоши овој феномен.
„Јазовите што веќе постојат, знаете, заработката да епоголема за луѓето кои имаат диплома отколку за луѓето кои немаат, ќе се прошират понатаму“
Тој наведува дека е загрижен поради тоа што освен големите технолошки фирми,кои ова време ќе напредуваат, многу други бизниси ќе бидат затворени или ќе банкротираат.
„Ако имате масовна невработеност, имате уште повеќе монополистички фирми, а тоа е рецепт за зголемување на кризата, за намалување на платите, а БДП да се дистрибуира кон капиталистите. Значи, освен ако не се пробие системот и така да имате големи реформи, некој вид на мала револуција, мислам сите овие показатели кажуваат дека ќе ги влошат нееднаквостите.“
Сепак, академик Ангус Дитон вели дека кризата може да бидат и шанса за нов почеток:
„Другата работа, мислам дека сите се надеваме на тоа, е дека ќе има зголемување на почитта кон науката, ќе има поголемо разбирање дека пазарот не може да стори сé и дека има работи што можеме да ги направиме само колективно и така, ќе има поголема почит кон јавните добра и кон јавното дејствување што е неопходно. Значи, тоа се двете работи за кои мислам дека ќе излезат од ова во скоро секое сценарио.“
Експертите велат дека економските стратегии мора да вклучуваат подобрена социјална и здравствена заштита, како и меѓународна соработка во борбата против ковид-19.