Речиси и да нема работници кои нема да ги почувствуваат последиците од пандемијата на коронавирус, но се чини дека барем засега текстилните работнички се изложени на најголем удар, велат во Хелсиншкиот комитет на Македонија. Работниците во земјава во изминатите неколку месеци се соочуваат со губење на работните места, намалување на платите, кршење на работничките права, но во текстилниот сектор има и изразено загрозување на здравјето и безбедноста на вработените поради непочитување на мерките за заштита од коронавирусот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија од 10 март до 30 јуни регистрирал 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваа на 2723 работници. Повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваат на работничките со што кризата неизбежно доби и родова димензија, велат во Хелсиншкиот комитет.
Според статистиката на Агенцијата за вработување, од крајот на март до крајот на мај, бројот на невработени е зголемен за над 13 илјади луѓе.
Први на удар беа вработените на определено време. Освен масовни отпуштања, биле забележани и случаи кога работниците биле принудувани да потпишат спогодбени откази, имало намалување или неисплаќање на плати, но и прекршување на правилата за заштита од коронавирусот.
Еден од најпогодените сектори е текстилната и кожарската индустрија, каде што беа регистрирани најголем дел од повредите на работничките права, вели Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тој посочува дека токму поради тоа се појавија „текстилни кластери“ на ширење на коронавирусот, прво во Штип, а сега и во Свети Николе.
„Голем број текстилни работнички беа превезувани во автобуси на начин на кој беше прекршувана уредбата за организирање на јавниот транспорт, односно не можеа да држат растојание во автобусите, дел од нив немаа заштитни маски, па тука беше речиси сигурно дека ќе почне да се шири вирусот, затоа што оваа уредба не беше почитувана. Понатаму, на самите работни места имавме доста поплаки дека текстилните работнички работат во услови коишто значат непочитување на мерките за заштита од коронавирусот на работни места, во смисла на одржување физичка дистанца на работните места, работа во дезинфицирани услови, како и добивање на заштитна опрема од страна на нивните работодавачи“, вели Јадровски.
Коронавирусот во изминатите две недели најбрзо се шири во Свети Николе. Досега во градот има регистрирано 120 случаи на ковид-19, од кои 77 се само во изминатата недела. Откако беа регистрирани 19 заболени работнички во текстилната фабрика МОДА, фабриката е затворена на неопределено време, а сите работнички ќе се тестираат.
Претходно, многу заболени имаше во штипските конфекции. На почетокот на минатиот месец шест штипски конфекции во кои имаше голем број заболени беа затворени на 14 дена. По Ресен, Штип е град каде што има најмногу заболени по жител. Досега се регистрирани 448 случаи на коронавирус, но ширењето е забавено па во моментов има 176 активни случаи, а деветмина штипјани починаа од болеста.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата во Македонија изнесува 8111,бројката на оздравени пациенти е 4203, на починати е 382, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3526.