Одложување на пристапните преговори со Македонија и Албанија, нерешеното косовско прашање, БиХ, Република Српска... Тоа се најкрупните камчиња во балканскиот чевел. И додека тие го бодат Западот, но и Балканот на патот кон тој Запад, велат експертите како Симеон Костадиновски, Москва комотно ќе гази по трасата на својата антизападна стратегија на Балканот.
Сите балканските претенденти за влез во ЕУ имаат по некое камче во европскиот чевел што сакаат да го облечат, велат експертите, и го поставуваат прашањето: Може ли Западен Балкан да го истресе својот чевел и полесно да зачекори каде што одамна тргнал?
Приказната со политичкото камче во чевелот ја отвори бугарскиот премиер Бојко Борисов, во контекст на косовското прашање. Но, како што велат дел од политиколозите, тоа може да важи и за која било земја од Балканот која се соочува со проблеми и внатре, но и од надвор во форма на странски влијанија, спротивни на стратешките определби на Западен Балкан.
Колку побрзо решение, толку пократок пат до Брисел
Политикологот Симеон Костадиновски вели дека тие прашања конечно мора да се затворат и дека колку побрзо се решат, толку пократок ќе биде патот до влез во ЕУ.
„Секоја балканска земја си има барем по едно такво камче кое мора да се истресе што побрзо. Европа не сака локалните спорови да влезат во нејзиниот двор. И тоа е сосема логично, со оглед на тоа дека Унијата си има и свои грижи, а и не е во согласност со утврдените принципи на нејзиното функционирање“, вели Костадиновски.
Видете и ова: ЕУ чекор назад, Русија два напредКои се регионалните камчиња?
1. Македонија - За камчињата, во контекст на изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, коментираше и „Дојче веле“, посочувајќи ја и Македонија како пример.
„Скопје и Атина после 30 години успеаја да го извадат камчето од својот чевел“, коментираше германскиот медиум.
Дека тоа камче е истресено, потврдуваат и бројните изјави од европските претставници дека Северна Македонија со Преспанскиот договор и реформите во државата ги испoлнила условите да добие датум за преговори со ЕУ. Поранешниот европратеник Едуард Кукан вели дека на Северна Македонија може да ѝ се додели конкретен датум на Европскиот Самит на есен, бидејќи „ја завршила работата“, а и дека, како што вели Кукан, „францускиот претседател Емануел Макрон, кој имаше многу категоричен став за ова прашање, се чини дека веќе почнал да попушта“.
Сепак, во последно време се поставува прашањето дали актуелниот случај „Рекет“ може да биде нова сопка, ново камче во македонскиот чевел на патот кон ЕУ. Македонската позиција вели НЕ, од Брисел доаѓаат изјави дека условите се исполнети, но и дека очекуваат расчистување на случајот, додека опозицијата е категорична - „Рекет“ ќе ја сопне Македонија.
2. Србија и Косово - Пред нешто повеќе од 10 години Косово прогласи независност, денес признаена од поголем број држави. Таа независност за Србија сега е европски бенчмарк дека Белград и Приштина треба да се договорат. Разговорите не напредуваат како што се посакува, а надворешните влијанија се испреплетуваат и од исток и од запад.
Но, тоа не е единственото камче за Србија. Како што велат експертите, таа сака и со ЕУ и со Русија. Веќе доби покана од Москва да се приклучи на Евроазиската унија на чело со Русија, но од Брисел стаса одговорот: Ако Србија сака во ЕУ, тогаш да не влегува во Евроазиската унија. Камче во српскиот чевел може да биде и политичката криза на релација опозиција - власт - бојкотирање на изборите.
Видете и ова: Чекајќи датум: Нагазни мини за Македонија и Балканот3. Босна и Херцеговина и Република Српска - Ако се прифатат коментарите на некои западни медиуми и локални аналитичари дека Русија сака во Република Српска да направи воена база, пандан на американскиот Бондстил во Косово, тогаш Република Српска е поголемо камче во чевелот на БиХ.
Германскиот весник „Дие Велт“ директно напиша: „Русија сака своја воена база во република Српска за да му парира на НАТО“. На тоа се придодава и наклонетоста на Кремљ кон република Српска и се посочуваат „блиските“ односи на нејзиниот претседател Додик со Владимир Путин.
4. Албанија - Тирана очекува датум за преговори со ЕУ во пакет со Македонија, но неудобност и прават реформите што треба да заврши, велат експертите.
Поранешниот европратеник Едуард Кукан минатата недела рече дека, за разлика од Македонија, ситуацијата во Албанија е сосема поинаква. Тој рече дека Албанците треба да имплементираат големи судски реформи, опозицијата го бојкотира Парламентот, и над се, како што рече, Албанците не можат да најдат компромиси.
Видете и ова: Путин чека слабост од ЕУ и НАТО за да го „запали“ Балканот?Побавно кон Европа - посилни влијанија
Ако не се извадат овие политички камчиња од балканските кондури, се остава голем простор за вмешување на Русија и Кина и нивната контра-западна политика и за засилување на нивното антизападно влијание во Западен Балкан.
На таа линија е и словенечкиот дипломат Јелко Кацин, во неговиот коментар, што го објавија неколку црногорски медиуми, за разговорите Белград - Приштина, датумот за преговори на Македонија и Албанија со ЕУ и можното руско и кинеско влијание на Балканот.
„Русија се спротивставува на ширењето на НАТО и на ЕУ. На зборови не е така, но на Москва ѝ одговара нестабилност. Кина за мали пари купува се што за неа има смисол и продира во економијата. Мешањето на Русија е секогаш можно и секогаш реално, само начините се менуваат. ЕУ мора да биде поодлучна и да им даде датум на Македонија и на Албанија“, заклучува Кацин.