Достапни линкови

ЕУ чекор назад, Русија два напред


Москва ќе го лови Брисел на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:40 0:00

Москва ќе го лови Брисел на Балканот

Еден од тие чекори назад, велат експертите, е Македонија и Албанија ни во октомври да не добијат датум за преговори со ЕУ, на што Русија може да одговори со два чекори напред во ширењето на својата политика на Балканот.

Додека Европската унија се обидува да ги усогласи ставовите за своите внатрешни прашања, меѓу кои и едно од најгорливите - проширувањето, геополитичкото опкружување во Балканскиот регион почна да се реорганизира, велат експертите. Во таква атмосфера, на насловните на највлијателните медиуми и на студиите од истражувачките центри почнаа да излегуваат наслови од типот: Западен Балкан е тест за нова студена војна, Западен Балкан како шаховска табла, Игра на тронови на Путин, Дали Западен Балкан се соочува со руска бура?...

Тие наслови, како што вели Рица Панагиоту од Центарот за планирање и економски истражувања од Атина, дојдоа заедно со опасноста од разочарување на Балканот од ЕУ и отворање празнина што може да ја пополни руската политика.

„Можеби најважната индикација за оваа геополитичка промена е повторното појавување на руската политика, влијанието и вклученоста во регионот. Агендата на Русија во последниве години е да го продлабочи, прошири и консолидира своето присуство во земјите од Западен Балкан, користејќи алатки како што се енергетската политика, културната дипломатија, етничките симболи и историските здруженија. Москва успеа да ја искористи можност од растечкото разочарување во регионот во период кога ЕУ беше фокусирана врз внатрешните проблеми“, коментира Панагиоту во својата најнова анализа.

Брисел да го засили фокусот на Балканот

Аналитичарите велат дека фокусот на ЕУ на Балканот е се уште недоволно голем и дека некои отстапки од својата агенда што ги прави Унијата отвораат можност за секој чекор назад на Брисел, Москва да направи два напред кон наметнување на своите антизападни ставови на Балканот, без оглед на тоа што Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Србија, одамна се определиле за европска перспектива.

Москва тоа во континуитет го негира и нагласува дека не се противи на европската определба на Западен Балкан.

Меѓу тие чекори назад, додаваат експертите, е и одложувањето на одредувањето датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ за Македонија и Албанија.

Со секој таков чекор назад, велат аналитичарите, се ризикува да се постигнат несакани ефекти, а еден од нив е токму разочарувањето и падот на довербата на балканските држави во Брисел, нешто што ѝ одговара на Москва.

Разочарувањето како двоен ризик

На такво можно разочарување предупреди и шефот на македонската дипломатија уште во мај годинава, во интервју за „Фајненшал тајмс“.
„ЕУ ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува да ги зајакне ривалите како што се Русија и Кина ако не го одобри уверливиот случај на Северна Македонија и не донесе одлука да започне преговори за пристапување на земјата“, рече Димитров.

Сепак, ЕУ има време до октомври, но што побрзо реагира, толку полесно ќе се реализира евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.

„Доколку ЕУ реагира порано отколку подоцна, таа сепак може да победи во геостратешката битка над Балканот. Стабилен и демократски развиен Балкан може да се смета само за победа за ЕУ. Исто така, ќе се потенцира дека сите напори што ЕУ ги направи во последната деценија, не се залудни и дека регионот конечно оди во вистинската насока. Инаку, Брисел ризикува да се соочи со тврда политичка конкуренција од Москва и да ги повтори руските напори за поткопување на европските вредности во регионот“, коментира специјализираниот магазин „Меѓународна политика и општество“.

XS
SM
MD
LG