Зошто ДУИ и СДСМ се откажуваат од консензуален претседател?

Архивска фотографија- лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети

По најавата за можноста ДУИ да одат на избори за претседател со свој кандидат, наспроти очекувањата за заеднички со СДСМ и по расправиите за парите од ПИОМ аналитичарите сметаат дека има несогласувања во владината коалиција.

Јавни искричења меѓу владини функционери од СДСМ и ДУИ, меѓу пратеници од владиното мнозинство и последно - можноста за самостоен настап на претседателските избори на ДУИ и покрај најавите дека бараат консензуален кандидат со СДСМ. Овие чекори ги отворија дилемите дали постојат реални несогласувања меѓу владините коалициски партнери, што е причината и со што може да резултираат.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски можно е да има повеќе причини за ова, а една е случајот со парите од ПИОМ.

“Мислам дека дел од причините се во расплетите околу ПИОМ и дека таму има некаков конфликт на интереси меѓу СДСМ и ДУИ, второ може да има некои причини за кои не знаеме, а трето може да биде и дека во основа не можат да најдат консензуален кандидат со СДСМ за кандидат за претседател”, вели Арсовски.

Уште од пласирањето на идејата останува нејасно што значи тоа консензуален кандидат во услови во кои претседателот се бира на директни избори и зависи од гласањето на граѓаните, коментира аналитичарот Алајдин Демири. Според него, можно е да се работи за вовед во предвремени парламентарни избори.

“Ова што ДУИ го прави се веројатно тие веќе познати трикови кои се практикуваа и во минатото, да играат дека се незадоволни и на крај да се договорат да се оди на предвремени парламентарни избори ”, вели Демири.

Позициите на ДУИ, пак, досега се исклучиво против предвремени парламентарни избори, одлука за која се уште директно се нема изјаснето СДСМ, а според најавите тоа треба да се случи до крајот на неделава. На состаноците на партиските тела владејачката партија треба да разговара и за кандидатот за претседател, а претходните очекувања беа дека во разговор со ДУИ ќе се обидат да најдат заеднички прифатлив кандидат. Ахмети, пак, по седницата на нивното централно претседателство ја отвори можноста сега да се договорат за поддршка и заеднички кандидат со другите партии на Албанците.

Инаку, последниве седмици се почести се несогласувањата меѓу двете владејачки партии. Почнаа со објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник и со меѓусебни префрлања кој е заслужен за него. Премиерот Заев тогаш директно кажа дека тој закон не е на ДУИ туку како што рече “е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија”.

Арсовски смета дека има тензија која трае меѓу владините партнери, а таа потекнува од тоа што СДСМ во последните изборни циклуси освојува доста гласови од Албанците со што го ситни гласачкото тело на ДУИ.

“Но и покрај ова мислам дека причините за ова сегашно разногласие треба да се бараат поактуелно оти ова е конфликт кој го имаа од претходно па сепак решија да одат заедно во коалиција”, вели Арсовски.

Директно во конфликт за случајот ПИОМ, пак, деновиве влегоа и двајцата вицепремиери Бујар Османи и Радмила Шекеринска. Османи ја нападна министерката за труд и социјала Мила Царовска за отворањето на аферата со злоупотреба на пари од Фондот за пензиско и застана во одбрана на директорите од ДУИ во чие време не им биле префрлани пари во вториот столб на 12 илјади вработени, со што им била нанесена штета од 19 милиони евра. Во одбрана на Царовска, пак, застана вицепремиерката Шекеринска.