Достапни линкови

Аферите без завршница мирисаат на политички маркетинг


Владина седница.
Владина седница.

Ако владите отвораат афери за милионски криминали, а потоа нема судска одговорност, тоа го засилува чувството кај граѓаните дека функционерите се недопирливи.

Ако нема одговорност за случајот со пензиите, што го претстави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, тогаш ќе остане уште еден помпезен случај за политички маркетинг, какви што имаше многу во изминативе години и тоа продуцирани од властите. Тоа, пак, од друга страна, дополнително го зголемува чувството на неказнивост кај граѓаните.

Каде завршиле парите на идните пензионери?

Министерката Царовска во неделата соопшти дека Фондот за пензиско осигурување 10 години не им ги префрлал парите на 12 илјади вработени во Вториот пензиски столб, со што ги оштетил за 19 милиони евра. Парите на оштетените ќе им бидат вратени од буџетот, а министерството поднесе кривична пријава против непознат сторител.

Случајот предизвика искричења меѓу владините коалициски партнери, со оглед на тоа дека ДУИ го раководи Фондот за пензиско во изминатите десетина години. Тие велат дека нема криминал затоа што парите не се украдени, туку останале во првиот пензиски столб и од нив се делеле пензии. Царовска, која доби поддршка и од министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, вели дека тие пари не смеело да се трошат за други намени, затоа што така директно се оштетуваат идните пензионери и оти злоупотреби има.

Политика или одговорност?

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека не смее да се остави случајот да остане без завршница.

„Секое помпезно најавување на кривични дела без завршеток ја подига недовербата кај граѓаните. Во случај да нема епилог затоа што не постои дело, тогаш тој што го иницирал, треба за тоа да сноси, ако ништо друго, политичка одговорност. Ако има дело, тогаш тие што го сториле делото треба да сносат кривична одговорност. Многу јасна е ситуацијата, инаку влегуваме на полето на ПР-от. Секој, во секој момент кога нешто ќе му треба може да направи прес-конференција, да најавува големи работи, а тие да немаат завршница“, вели Муслиу.

Во изминатата деценија на чело на Фондот за пензиско осигурување се кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

Одговарајќи на новинарско прашање дали случајот ќе може да биде завршен имајќи предвид дека поранешниот министер Бајрами сега е јавен обвинител, претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева, рече дека токму обвинителството е една од најголемите пречки во борбата против корупцијата.

„Ние многу пати досега сме правеле анализи на случаите на корупција и каков е нивниот тек преку институциите и гледаме дека дури и оние коишто се поднесени до обвинителството како кривични пријави таму заглавуваат“, изјави Тасева.

Само во изминатата година беа отворени неколку големи афери за чиј епилог јавноста нема никакви информации. Премиерот Зоран Заев во ноември 2017 година рече дека под истрага се двајца именувани функционери од оваа влада, но ниту кажа кои функционери, ниту јавноста има информации што се случи со истрагата. Јавното обвинителство тогаш само кусо одговори дека сите дејствија што се преземаат во предистражната постапка се сметаат за тајна и не можат да бидат споделени со јавноста.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески кон крајот на ноември минатата година објави дека се прислушувале фиксните телефони од телефонската централа во јавното обвинителство, а неколку дена подоцна, премиерот Зоран Заев рече дека ист таков систем бил поставен и во Основниот суд Скопје 1. Во обвинителството пред Нова година ни одговорија дека преземаат дејствија за расчистување на настанот, но оти „станува збор за обемен материјал за кој е потребно време за обработка“.

Премиерот Зоран Заев, како лидер на опозицијата, при објавувањето на „бомбите“ во 2015 година најави дека ќе ги објави и „бомбите“ за случајот Монструм, но тие разговори не беа објавени. Потоа Заев рече дека немал докази, туку само индиции и оти тие се објавени.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кон крајот на 2017 година рече дека „постојат шпекулации дека во „Дрисла“ се гори радиоактивен отпад“. Експресно реагираше премиерот Зоран Заев, кој рече дека „апсолутно не е вистина дека во Дрисла има радиоактивен отпад“, а истото го соопштија и Дрисла и директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија, Светислав Ѓорѓевиќ.

Големи прес-конференции со најави за откриен криминал, кои немаа никаков епилог, често одржуваше и минатата влада.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG