Ерата на евтини кредити заврши, па поскапата еврообврзница, владата ќе ја замени со позајмица од Меѓународниот монетарен фонд. Но меѓународната организација има построги правила и парите што ќе ги даде не ќе може да се трошат, на пример за плати и пензии.
Новото задолжување, ќе значи дека граѓаните ќе треба да одвојуваат уште некој денар плус за да враќаат долгови и за да отплаќаат камати. А државата ќе мора да крати на расходи или да ги зголеми приходите. Доколку се одлучи да намали на трошењето, може да крати пензии, плати во јавна администрација, пари за социјални трансфери, да крати на државни трошоци. Тоа не би било поволната опција во услови на економска криза, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања. Доколку, пак, се одлучи за опцијата да ги зголеми приходите, тоа може да го направи преку враќањето на прогресивниот данок, односно даночење на богатите и големите компании, вели Јовановиќ.
Видете и ова: Ребаланс - Зголемување на задолженоста, кратење на капиталните инвестицииВажно е за што ќе се трошат парите
Задолжувањето е неминовно, вели Јовановиќ, но многу е битно за што ќе се трошат тие пари. Сепак, вели тој, делува премногу задолжувањето од 900 милиони евра. Ако зајмените пари се трошат на нешто што е непродуктивно, тогаш може да се направи уште поголема штета, отколку корист.
„Ако ги потрошите парите на нешто што е општествено корисно, тогаш заемот може да излезе и позитивен, затоа што парите ќе се вратат во иднина и ќе дадат придонес поголем од парите што одат за каматата што ја плаќате, така што едно од клучното прашање е како ќе се потрошат парите и мора да се инсистира парите да се потрошат за она што е потребно во државата. Видовме во изминатите 30 години, но особено во изминатите две со пандемијата, дека кога државата се задолжува многу, обично тие пари завршуваа во џебовите на богатите и големите фирми. Видовме дека најголем дел од помошта за време на пандемијата ја земаа најпрофитабилните фирми, како приватни болници, кладилници, компании блиски до бивши политичари добија државна помош, а многу од работниците коишто требаше да добијат помош од државата не ги добија парите затоа што нивните газди ги задржаа за себе“, вели Јовановиќ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој вели дека со години на глобалните финансиски пазари имало пари, па државите можеле да се задолжат со еврообврзници со ниски камати.
„Тоа време заврши, инфлацијата ги крена каматите секаде во светот и веќе не можете да се задолжувате, барем земји како Македонија, и затоа оваа година мораше да побараат заем од ММФ. Ерата на ниски камати заврши и нема во блиско време, во скора иднина да видиме ниски камати, како што имаше во изминатите години, тоа значи дека еврообврзница и сите заеми понатаму, вклучително и тие од ММФ ќе стануваат се поскапи и поскапи, односно ќе има се повисоки камати. Тоа ќе значи дека нема да можете да се задолжувате толку лесно, а тоа, пак, ќе значи дека ќе мора да најдете други извори за да ги финансирате потребите“, вели Јовановиќ.
На 3 мај треба да заврши увидот што Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го прави во македонската економија за да види дали земјава ги исполнува условите за евентуално ново задолжување. Власта не кажува колку точно би се задолжила пред меѓународната организација, но неофицијалните информации велат дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, за време на неодамнешната посета на Вашингтон побарал заем од околу 900 милиони евра. А кредитот би бил со камата од еден процент.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Оваа кредитна линија е достапна за земјите членки со здрави економски основи, а се користи за ситуации кога има неизвесност, како што е во моментов економската криза како резултат на инфлацијата и енергетската криза, особено по војната во Украина“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими најавува дека парите ќе бидат за поддршка на стандардот на граѓаните и стопанството. Но не станува збор за класичен аранжман со меѓународната организација, туку од линија за претпазливост и ликвидност и ММФ.
За камати одат толку колку што дава државата за социјална помош
Со Буџетот за 2022 кој се уште е сила е предвидено државата надвор да се задолжи за 350 милиони евра. За оваа година е предвидено да се платат околу 170 милиони евра за камати на стари долгови. Околу 170 милиони евра, вели Јовановиќ, дава државата и за социјална помош.
„Колку пари даваме на сиромашните да преживеат, исто толку даваме и на големите странски банки за камата. Неодговорно е да се задолжиме толку многу во ситуација која економијата е во криза и кога плаќаме толкави камати. Треба сериозно да размислат и да одат со некој поумерен износ“, вели тој.
Инфлацијата ги намалува долговите
Најавите за ново задолжување доаѓаат во време кога неколку категории работници бараат од државата зголемување на платите. Штрајкуваа вработените во образованието, а сега преку дијалог ќе бараат решени за повисоки плати. Повеќе пари бараат и вработените во администрацијата, а и стопанствениците се надеваат на нов сет помош од Владата. Државата веќе изгласа повисока минимална плата и најави повисоки пензии. А економијата првично погодена од ковид пандемијата, сега се справува и со енергетска криза и на крај со војната во Украина. Тоа се одрази и на јавниот долг кој надминува 7 милијарди евра. Но процентуално јавниот долг се намалил, се пофали неодамна министерот за финансии. Јовановиќ вели дека намалувањето на јавниот долг од процентот на БДП се должи на инфлацијата, но номиналната вредност на долгот е зголемена за 35 милиони евра.
„Се намалил само како процент од БДП и тоа не затоа што владата имала добри економски политики, туку затоа што имаше инфлација. Инфлацијата има многу негативни ефекти, но има еден позитивен, а тоа е што ги намалува долговите, односно инфлацијата секогаш им помага на оние што должат, прави тие утре да вратат помалку пари“, вели тој.
Опозицијата забележува дека со новото задолжување власта ја носи државата во економски колапс.
„Со ваквото темпо на задолжување, вкупното задолжување што го направи оваа влада за период од шест години го надмина десетгодишното задолжување на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Само за споредба 3,2 милијарди евра за шест години, наспроти 2,9 милијарди евра за десет години“, рече потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Анализите што ги прави ММФ треба да завршат пред планираниот ребаланс на буџетот. Засега се знае дека со ребалансот ќе има помали проекции за раст на БДП од 4,2 на 3,2 проценти, а ќе се ревидира и дефицитот од 4,3 на над 6 проценти.