Достапни линкови

Импровизации на сметка на здравјето со азбестните покриви


Пожар во фабриката Треска во Скопје
Пожар во фабриката Треска во Скопје

Пожарот во кругот на „Треска“ уште еднаш ги потсети скопјани на опасноста од десетиците илјади квадрати азбестни кровови во кругот на старата фабрика. Отстранувањето на опасниот отпад е скапо, па често се заобиколуваат прописите при овие интервенции по цена на здравјето, коментираат експерти за РСЕ.

Посебни мерки за заштита на околината, знаци за предупредување, но и работници во скафандери со целосна заштитна опрема многу слична на онаа на медицинарите кои беа во првите редови на пандемијата од Ковид 19 – ова се дел од мерките кои треба да се преземат кога се работи со материјали што содржат азбест. Овие правилници од европското се преземени и во македонското законодавство, но кога пред неколку дена се срушија дел од азбестните покриви при пожарот во старата фабрика „Треска“ и се разлетаа азбестните влакна, локацијата ја посетија многумина. Сепак, заштитната опрема изостана, исто како и предупредувањата за зголемена внимателност во околината.

„Серозен е овој проблем многу е сериозен, а некако односот е ноншалантен“, реагира скопјанката Татјана Чакулев, инаку дел од иницијативата О2 која се бори за чиста и здрава животна средина.

Забележува дека сите кои беа надвор додека гореше „Треска“ беа изложени на азбестните влакна за кои се знае дека предизвикуваат бројни респираторни проблеми, како и рак на белите дробови. Токму поради тоа азбестот е сместен на листата на опасен отпад, а во Македонија употребата на овој материјал е целосно забранета пред повеќе од една деценија. Западните држави забраната ја воведоа порано, некаде во 90-тите години на минатиот век.

„Ако се работи за опасен отпад и канцеорогено влијание, не може да не сме загрижени. Инаку тоа ќе било нормален отпад и ќе се третирало како што се третира, а не со строги прописи и протоколи како тоа се отстранува“, загрижена е Чакулев.

Институциите во меѓувреме смируваа. Општина Центар формираше и кризен штаб справување со последиците пожарот во старата фабрика. Овој простор беше многу актуелен последниве две години бидејќи се наоѓа на атрактивна локација во Скопје на која се планира градење повеќе згради. Сега е во приватна сопственост, но претставува своевидна еколошка бомба со руинирани објекти и азбестни кровови.

Азбестот убива по многу години

Сепак, смирувачки пораки стигнуваат од професорот Јордан Минов, од Институтот за пулмологија кој со години ги проучува болестите предизвикани од вдишувањето азбест. Во вакви случаи вели дека е потребна внимателност, но не и паника, бидејќи опасниот азбест „убива“ при долготрајна изложеност на опасниот материјал и негово вдишување.

„Треба да се постапува внимателно во секој случај, треба да се следат актуелните препораки, меѓутоа, краткотрајната изложеност нема ефекти штетни по здравјето. Потребно е во белите дробови да се депонира доволна количина на азбестни влакна , во воздухот да го има во поголеми концентрации и тоа да трае подолго време. Долгото време не го мериме во денови. Ниту во часови“, вели професорот.

Иако во Македонија употребата на овој материјал е целосно забранета пред повеќе од една деценија, на Клиниката за пулмологија се уште доаѓаат пациенти со болести од вдишувањето азбестни влакна. Ова се случува бидејќи од изложувањето на азбестот до појавата на првите симптоми на болестите предизвикани од него обично треба да минат по 10, 20 па и повеќе години.

Градежните работници се во најголем ризик бидејќи азбестот е мошне присутен во старите изолации и кровови на објектите, препознатливи по сивите салонитки.

„Болестите предизвикани од абест, тоа е азбестозата, тоа се промените на плеврата, белодробниот карцином и мезотелиумот на плеврата-обвивката на белите дробови најчесто се професионални болести, најчесто се јавуваат кај работниците кои се подолго време изложени на азбест, односно подолго време ги вдишуваат азбестните влакна“, појаснува професорот.

Кога азбестот е врзан со цемент, како во салонитките тој е мошне стабилен и безбеден. Исто така е и огноотпорен. Но проблемот настанува ако материјалите се дотрајани, се кршат или ронат. Тогаш може да се разлетаат азбестните влакна, како кога во пожарот почнаа да паѓаат салонитките од крововите на „Треска“.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски смируваше дека пожарот не предизвикал штети по здравјето на граѓаните. Ова го темели на информациите од околните мерни станици кои не покажале аерозагадување.

„’Треска’ е фабрика за дрвна индустрија и тука пред сѐ, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции“, изјави Герасимовски.

Плиток џеб, многу импровизации

Македонските закони го ставија предзнакот „опасно“ кога се работи за азбестните материјали, но протоколите остануваат главно на хартија. Правилникот за постапувањето со азбестниот отпад предвидува низа мерки со кои треба да се заштити здравјето на работници, но и на граѓаните кои живеат во околина од која се отстрануваат азбестни материјали.

Така, покрај посебната заштитна опрема за работници, предвидено е отпадот од азбест да се собира и отстранува колку што е можно поскоро во непропустливи затворени вреќи, а транспортот задолжително да се прави во специјални затворени возила. Целта на ова е во најголема можна мерка да се спречи емисија на азбестните влакна во животната средина.

Во Македонија, единствено во скопската депонија „Дрисла“ има специјални јами каде може да се депонира овој опасен отпад. Но, ако за оставање обичен градежен шут на „Дрисла“ се плаќа 200 денари за тон, депонирање на азбестните салонитки чини 10 000 денари за истата количина отпад.

Таму азбестот нареден на дрвени палети и обвиткан со „стреч“ фолија депонира во ровови обложени со геотекстил и геомембрана. По обложувањето на рововите палетите со азбесните плочи се ставаат во ровот и се покриваат со земја, по што врз нив пак се става геомембрана.

Минатата 2021 година на Дрисла биле складирани 207 тони азбестен отпад, но годината претходно (2020) трипати помалку, или само 57 тони. Во 2019 година, на скопската депонија биле донесени 162 тони азбестен отпад.

Милан Петковски, претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, вели дека токму поради високата цена, кај нас се прават недозволиви импровизации при отстранувањето на азбестните материјали.

Петковски: Недозволиви импровизации при отстранување на азбестотот
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:11 0:00
Директен линк

„Ако ви кажам дека за еден објект да го тргне салонитниот покрив е да кажеме 20-30 илјади евра , и самата вредност на самиот кров би требала да биде , да кажеме, 5-6 илјади евра, ниту за инвеститорот, ниту за било кој друг сето тоа е прифатливо“, забележува тој.

Вели дека и самите имале искуство со работа на проекти за отстранување на азбестни кровови. Увиделе дека македонските фирми ниту имаат упатства како да постапуваат, ниту пак депониите имаат процедура како да ги третираат и складираат овие азбестни призводи.

Затоа вели дека нема да биде изненаден ако се импровизира и при расчистувањето на крововите од „Треска“.

„Јас од овој аспект, знам како ќе се случи од пракса. Ќе бидат ангажирани наемски работници, ќе го товараат тоа во камиончиња и ќе го однесат, и пазете, сето тоа ќе се случува во непосредно опкружување каде што имате населба, каде што имате станари. Не ве чуди зашто животниот век е далеку под европски просек? Заради вакви работи“, дециден е Петковски.

И професорот Минов укажува дека мора да се внимава при работа со овој отпад. Вели дека иако краткотрајното изложување на азбестни влакна не би требало да направи проблем, сепак азбестните материјали како салонитките во никој случај не смее да се оставаат со месеци, па и години да седат во околината каде живеат луѓе.

Според него, поважно е отстранувањето на азбестните материјали да се направи правилно, отколку по секоја цена да се брза и инсистира на нивното отстранување.

„Да внимаваат што со отпадот, каде ќе се чува каде ќе се носи, да не се става до оградите на комшиите независно што се работи за краткотрајна изложеност кои обично не се со штетни ефекти врз здравјето, сепак тоа на некој начин да се работи според некои препораки“, вели професорот.

Дел од општините веќе пристапија кон отстранување на азбестните кровови од објектите под нивна надлежност. Така, град Скопје досега има реализирано замена на азбестот на крововите во средните училишта со вкупна површина од 35.128 м2. Приближно исто колку што се претпоставува дека изнесува површината на азбесните кровови на „Треска“. Како што информираат во Градот, актуелната градоначалничка и во својата програма имаше предвидено субвенционирање на промената на азбестните покриви.

„Сепак спроведувањето на оваа активност бара детални анализи во насока на проценка на површините кои се покриени со материјали кои содржат азбест, финансиски пресметки, и секако примена на соодветната методологија при отстранувањето со цел да не се направи штета ниту во животната средина ниту по здравјето на граѓаните“, појаснуваат од Град Скопје.

Недостигаат регистри на објекти со азбест

Во меѓувреме еко-активистите од О2 иницијативата реагираат дека недостасуваат уште многу работи. Како регистар на објекти кои содржат азбест, заедно со конкретни планови и буџет за нивно отстранување.

На сличен став се и од компанијата Еко-тим, кои работат на големи проекти за отстранување опасни материјали, меѓу кои и азбест. Велат, дека за почеток граѓаните и институциите мора да се информираат за опасноста од за азбестните влакна. Втората работа е евидентирање на сите објекти каде има азбестни материјали и давање задолженија за нивно професионално отстранување.

„Трето, да се донесат ригорозни мерки со високи казни за лицата и фирмите кои на своја рака ќе го транспортираат и остават ваквиот тип (отпад) на несоодветни локации, диви депонии и слично“, велат од Еко тим.

Нордиските земји го забранија азбестот помеѓу 1970 и 1980 година. Во 1993 година следеше и Германија. Европската Унија усвои соодветна директива во 2005 година. Сепак, азбестот сè уште е присутен во многу објекти и други структури. Работниците за одржување на објектите се подложени на голем ризик да дојдат во контакт со влакната додека работат на изолација во објекти и индустриски инсталации, како што се цевки, покриви, ѕидови.

И во Источна и во Западна Германија, употребата на азбест го достигна својот врв меѓу 1965 и 1980 година. За време на тој период, болестите поврзани со азбест изнесувале 100 случаи. Потоа, овие случаи нагло се зголемиле, за да достигнат речиси 1900 во 2000 година.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG