Достапни линкови

Владата и натаму ќе може да дава концесии за рудници на кого сака


Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“
Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“

Измените на Законот за минерални суровини се во собраниска процедура по скратена постапка, откако поминаа на Комисијата за европски прашња во прво читање. Граѓанските организации подготвија амандмани, но Владата го задржува дискреционото право да одлучи дали некому ќе додели концесија.

Темата за експлоатацијата на минералните суровини во Македонија пред неколку години предизвика реакции во јавноста поради десетиците издадени концесии за рудници, по што шест општини во истокот на земјата организираа референдуми стравувајќи од загадување на животната средина.

Предлагач на измените на законот е Министерствто за економија, а сегашните амандманите ги подготви Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри се“, во која се вклучени Зелениот институт и граѓанските организации Здрава Котлина, О2 Иницијатива и Зелна Долина. Тие велат дека законот е на второ читање пред финалното гласање на пленарна седница и дека е кратко времето за разгледување на амандманите.

„Има доста подобрувања на законот, но не е доволно. Затоа сметаме дека со прифаќање на нашите амандмани законот ќе стане комплетен“, вели Лилјана Поповска од Зелен Институт и поранешна пратеничка од партијата ДОМ.

Според новиот текст на законот, Владата го задржува дискреционото право да одлучи дали некому ќе додели концесија, дури и во случај кога има негативно мислење од други институции или локална самоуправа.

Поповска објаснува дека нивниот амандман за овој член бил прифатен само делумно, односно дека со него Владата нема да има такво право само во случај на доделување концесии покрај водотеци.

Од „Разбистри се“ наведуваат дека постапките за давање концесии и натаму нема да бидат доволно транспарентни за жителите на локалните заедници.

„За тоа, исто така, има редица амандмани што ги предлагаме, за да не биде оставено само на обврска на Министерството за економија да објави на нивната веб-страница, што е сега внесено и тоа е добро. Но, тоа не е доволно, потребно е да има многу повеќе објави на локално ниво за да можат пред се граѓаните да бидат информирани“, вели Поповска.

Во новиот текст на законот предложена е нова дефиниција за рудник која ги опфаќа хидројаловиштата, но од „Разбистри се“ наведуваат дека контролата над рудниците од страна на Државниот инспекторат за животна средина не е доволно дефинирана и дека е избришана обврската на државата да изработува годишна програма за рекултивација на старите рудници.

Кинески рудник во Бор ги уништува околните села
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

Активистите наведуваат дека новиот Закон за минерални суровини треба максимално да ја штити животната средина, но посочуваат дека, според законот, ископувањето на песок и чакал од реките и езерата се дозволува исклучиво за бизнис цели.

„Предлог-законот не ја ограничува експлоатацијата на песок и чакал во близина на водотеците само врз основа на еколошки параметри, односно кога е потребно уредување на речните корита или крајбрежјата, со што останува и понатаму бизнис дејност спротивно на Законот за водите и директивата на Европската унија“, се вели во соопштението на „Разбистри се“.

Предлог законот минатата година беше повлечен поради јавниот притисок на граѓанските организации. Активистите од граѓанската организација „Здрава Котлина“ кои се противат на отворањето на рудникот Иловица-Штука, во југоисточна Македонија, велат дека целиот период биле вклучени во подготовките на законот, но дека јавна дебата за законот не се случила и покрај ветувањата од претставниците на Министерството за економија.

Од Министерството за економија во одговор за Радио Слободна Европа велат дека имале кратки рокови за усогласување на Законот за минерални суровни со други закони, за да бидат исполнети барањата по директивите на Европската унија, како и за одржување на средби со засегнатите страни, да се слушнат нивните заложби за „да се предложат измени на Законот таму каде што е уставно и законски оправдано.

Предложените измени и дополнувња на Законот за минерални суровини биле усогласени со Законот за прекршоци и со Законот за услуги, велат од Министерството.

„Предлог законот веќе беше еднаш повлечен од собраниска процедура, а во меѓувреме се одржаа неколку средби со невладиниот сектор, со пратеници и со претставници од концесионерите, а се одржа и имаше заедничка средба со трите страни. Од овие средби произлегоа повеќе заклучоци кои Министерството за економија ги имплементираше, а дел од предлог-измените, пак, се повлекоа токму по барање истакнато на заедничките средби“, велат од Министерството за економија.

Групацијата на граѓаните и активстите исто така поднесоа амандмани за подобрување на текстот во делот на издавање на концесии во близина на водотеци на реки и езера, бидејќи досега се издавале обврсака за изработка на студија за оценка на влијание врз животна средина.

Амандмани се поднесени и за хидројаловиштата како најопасни места на рудниците. Активистите бараат законот да предвидува јавна расправа посебно посветена на хидројаловиштата, а локалното население точно да знае како тие ќе изгледаат.

„Хидројаловиштата се огромни езера со токсичен течен отпад. Тие остануваат за навек, тие не исчезнуваат и се вечно над главите на луѓето кои таму живеат. Затоа треба да се обезбеди максимална транспарентност којшто сега не постои“, вели Поповска.

Од „Разбистри се“ велат дека подобрувања на законот има во делот на прецизирање на постапките за добивање и раскинување на концесии во случаи на загрозување на здравјето, безбедноста и животната средина, а дека се зголемени и обврските на концесионерите во однос на државата.

Исто така, се воведуваат и заштитни механизми за спречување на перење на пари од концесионерите при пренос на удели, а зајакната е ревизијата на висината на финансиската гаранција на секој пет години; намалени се површините и времетраењето на концесиите за песок и чакал; останува обврската за концесионерите да го рекултивираат девастираното земјиште со рударски активности, наведуваат „Разбистри се.“

Инаку, неодамна Државниот завод за ревизија по извршена ревизија за тоа дали земјата ефикасно ги искористува минералните суровини, наведе дека државата нерационално ги користи минералните суровини, бидејќи нема соодветна контрола над издадените концесии, ниту мерки за ефикасна наплата над концесиските надоместоци согласно начелата за одржлив развој.

Ревизорите утврдиле низа слабости, како тоа дека обврските на концесионерите не се доволно утврдени за да обезбедат правна заштита во случај на неисполнување на нивните обврски, додека од друга страна нема прецизни рокови за склучување на договорите за доделување на концесии, што негативно влијае врз економскиот интерес на компаниите.

Ревизорите, меѓу другото, утврдиле дека поради наведените слабости во периодот од 2016 до 2020 година констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во износ од 33 милиони денари, но и дека некои концесионери вршат ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG