Достапни линкови

Тренчевска - Не се доволни дополнителните по 1000 денари за социјалните случаи


Тренчевска - Ќе има интензивни контроли за исплата на минимална плата
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:17 0:00

Тренчевска - Ќе има интензивни контроли за исплата на минимална плата

Можеби не е доволна помошта од по 1000 денари за месеците март, април и мај за примателите на гарантирана минимална помош, но намерата на Владата е во период на ковид криза, во период на економска криза да покрие што поголем број на граѓани, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчовска во интервју за РСЕ. Само минатата година имало дополнителни 1000 семејства приматели на минимална помош.

Бројката на приматели на социјална помош од почетокот на пандемијата до денес е зголемена од околу 27 илјади на над 36 илјади домаќинства. Кои се главните причини за наглиот пораст на бројката?

Бројката во 12 месец, 2020 година е 35.115 приматели. Во првиот месец од 2022 бројката е 36.385, значи за некаде 1000 нови домаќинства се вклучени во системот на социјална заштита. Системот на социјална заштита со реформите од 2019 година е така направен да може да ги апсорбира сите граѓани коишто се наоѓаат во социјален ризик. И навистина во услови на пандемија, во услови на светска криза, системот ги вклучува сите оние коишто се нашле во социјален ризик, односно се материјално необезбедени граѓани. И тоа е добро, затоа што секој граѓанин којшто, дали изгубил работно место заради пандемијата со ковид-19, дали поради економската криза којашто е глобална, не е нешто што се случува само кај нас, системот може да ги вклучи сите оние граѓани кои се материјално необезбедени, односно се нашле во одреден ризик. Бројот на примателите на гарантирана минимална помош покажува дека во тој период од почетокот на пандемијата до сега 1000 граѓани дали останале без работа дали ги изгубиле приходите коишто ги имале во тој момент, се нашле во ризик, но државата мисли на сите граѓани. Приоритет ни е како држава, како Министерство за труд и социјална политика да секој граѓанин кој во одреден период ќе се најде во некаков социјален ризик државата да може да му даде одредени надоместоци. Важно е да се каже дека реформите од 2019 година, со измената на Законот за социјална заштита, навистина даваат резултат и одат кон потребите на граѓаните.


Со новите мерки на Владата, примателите на социјална помош ќе добијат дополнителни по 1.000 денари, за три месеци, за купување на основните производи за исхрана. Сметате дека овој износ е доволен?

Износот не е доволен, но сега за месеците март, април и мај, сите приматели на минимална гарантирана помош ќе добијат надоместок плус од 1000 денари. Во моментот сите граѓани кои примаат минимална гарантирана помош со прогласувањето на пандемијата во нашата држава добиваат дополнително по 1000 денари за плаќање на сметки за електрична енергија, односно за да имаат за потребите за енергенсите коишто ги користат.

Можеби, како што реков, не е доволно, но намерата на Владата е во период на ковид криза, во период на економска криза да покрие што поголем број на граѓани. Во таа насока се и мерките што се носат и за примателите на гарантирана минимална помош, мерките за финансиска поддршка што се носат и за пензионерите и сите оние останати мерки од пакетот на новите 26 мерки со кои сакаме да допреме и до граѓаните и до компаниите. Да им овозможиме на граѓаните полесно да се справат со економската криза, меѓутоа и на компаниите во однос на нивната ликвидност.

Се размислува ли за зголемување на социјалната помош со оглед на фактот што сме во енергетска и економска криза, како што рековте и се зголемуваат трошоците за живот, бидејќи овие мерки се на кус рок?

Со реформите од 2019, надоместокот на гарантирана минимална помош, претходно социјална помош е зголемен за некаде околу 300 проценти, значи тој надоместок за разлика од пред 2019 е навистина многу поголем. Четиричлено семејство во моментот со деца во школска возраст или во предучилишна возраст, тој надоместок е некаде околу 11.800 денари, плус надоместок од 1000 денари месечно за енергенси и дополнително овие 1000 денари што сега ќе ги даваме три месеци, значи по 13-14 илјади денари, едно семејство што е материјално необезбедено, е во социјален ризик добива од државата, за да може да ги обезбеди основните социјални во текот на еден месец.


Се најави и промена на новата методологија за пресметување на пензиите. Колку би се зголемиле пензиите со новата методологија која треба да почне да се применува од септември?

Ова што е најважно, што треба да се каже, е дека со новата методологија и со усвојувањето на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможи постојан раст на пензиите. Системското решавање на растот на пензиите е она што е цел на оваа Влада. Со новата методологија пензиите ќе се усогласат со 50 отсто од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата. Останува двапати годишно да се усогласуваат пензиите, во март и во септември, и измената на времето на усогласување е поради тоа што податоците за порастот на просечната плата од страна на државниот Завод за статистика се објавуваат во март и во втората половина на август за да можеме тие пресметки и проекции да ги направиме колку би било покачувањето. Ако земеме просечна пензија која во моментот е 16.300, со новото усогласување во септември пензионер кој што зима просечна пензија од 16.300 ќе има дополнително во својот буџет уште 900 денари. Дополнително на ова со исплата на пензиите за месеците март, април и мај секој пензионер од вкупно 330 илјади пензионери во државата ќе зимаат дополнително по 1000 денари за да можат да ги купат основните прехранбени производи и за да можат да имаат повеќе буџет во своето семејство. Во периодот декември 2021 до декември 2022 година пензионер кој што зима просечна пензија ќе има дополнително 1500 денари зголемена пензија, а буџетот во 2022 на секој пензионер којшто има просечна пензија ќе му биде зголемен за околу 12 илјади денари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG