Ако цената на едно еспресо во центарот на Скопје пред нова година беше 70 денари, сега во некои кафулиња изнесува и 100 денари. Ова е само еден од примерите на ценовните скокови кои се случуваат во земјата поради повисоката цена на струја која поттикна поскапување на производите и услугите. Владата од ноември минатата година прогласи енергетска криза предизвикана од порастот на цените на енергенсите на светските пазари.
Претседателот на независната комора на угостители Здравко Јосифовски вели дека без разлика на сите промени очекуваат дека угостителите и понатаму ќе ги задржат постојните цени, но, за жал, како што вели, реалноста е поинаква, бидејќи добавувачите поради зголемените трошоци за производство ги покачиле цените на храна и пијалоци. Од друга страна, според него, ако се споредат трошоците за струја минатата и оваа година, сметките се без малку двојно поголеми.
„Посебно кога станува збор дека многумина од угостителите користеле алтернативни добавувачи на електрична енергија во комбинација со ЕВН мораа да се откажат од тие, бидејќи нивните сметки веќе почнаа да доаѓаат врз основа на берзанската цена и да се репозиционираат повторно назад на ЕВН Хоум или ЕВН дистрибуција со што во моментов плаќаат електрична енергија по цена од 11 и пол денари плус ДДВ која што е довјно поголема во однос на истата цена која што сме ја плаќале за време на овој период“, вели Јосифовски.
Либерализацијата на пазарот на електрична енергија овозможува потрошувачите да можат да одлучат да бидат снабдувани од снабдувач на слободен пазар на електрична енергија, а цените на да ги договараат меѓусебно.
Ангел Димитров, кој има текстилна фирма и кој е дел од Организацијата на работодавачи вели дека најголем проблем за компаниите сега претставува цената на струјата.
„Плаќаат три до четири пати повисоки сметки отколку минатата година и кај нас струјата доста учествува во нашите трошоци затоа што сите машини со кои работиме трошат многу струја. Веќе скоро сите компании имаат нови договори кои се врзани со берзата во Будимпешта и секојдневно ја следиме берзата, но за жал нема во овој момент некакви најави дека ќе почне да паѓа цената на струјата на берзите“, посочува Димитров.
Зголемените сметки за струја се и страшен удар за примарното здравство, кое што е платено по систем на капитација, односно секој матичен лекар добива фиксна сума која се пресметува по бројот на пациенти, посочува докторката Лидија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни матични лекари.
„Имено сега ми се јави матична докторка, концесионер која што ме информираше дека овој месец добила две сметки за струја. Првата сметка била 5700, а додека следната сметка која што ја добила од Здравствениот дом била корегирана и изнесувала 20 илјади и нешто. Така да ова е нов страшен удар кон примарното здравство“, вели Дервишова.
За жал во изминативе два месеци има зголемени сметки за струја кај компаниите за 200 до 300 отсто, споредбено со истиот период минатата година вели економскиот аналитичар Арбен Халили.
„Тоа е директен удар кај овие компании поради тоа што од една страна имаме и покачување на цените, односно тоа значи и покачување на цените за репро материјалите или за прехранбената индустрија“, вели тој.
Повисоки цени на услугите
Сметките за струја се зголемени и ни се случуваат ценовни шокови, вели сопственичката на фризерско козметички салон Емилија Ивковска. Неминовно е да ги покачиме цените на нашите услуги, додава таа.
„На пример ако порано сме плаќале 10 илјади за струја. Сега плаќаме 15 илјади денари. Сега не знам колку процентуално тоа изнесува, но многу се покачени“, вели таа.
И Јосифовски на истиот став дека угостителите ќе мора да ги качат цените.
„Фактот укажува дека зголемените трошоци ќе допринесат за зголемување на цените во угостителските објекти и тоа не за малку, 5 или 10 отсто, туку можно е да бидеме сведоци и по 20, 30 проценти во некои угостителски објекти кои се позиционирани на посебни локации во центар или туристички места, цените претрпат значителни промени во однос на нивното зголемување“, смета Јосифовски.
И Халили очекува раст на цените.
„Апсолутно да. Значи со зголемување на цената на суровините. Во овој случај за угостителските објекти некој вид суровина е и електричната енергија која се користи за подоготовка на храна во рестораните, нормално дека ќе влијае и ќе придонесе за зголемување на цените на производите кои ги нудат“, вели Халили.
Бизнисите без помош од државата
Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.
Снабдувањето со електрична енергија е стабилно и состојбата во енергетскиот сектор е под контрола, беше заклучокот од координативниот состанок на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО, ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕМО.
„На состанокот разговаравме и за идни системски мерки кои би се презеле со цел стабилизирање на енергетскиот сектор. Започнавме и разговори во насока на промена на тарифниот систем, што ќе се базира врз претходно изготвени детални анализи. Целта е да има фер цена на електричната енергија која ги одразува реалните трошоци за секој вид на потрошувач и која ќе спречи злоупотреба на пазарот на електрична енергија“, посочи Бислимоски, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Како што нагласи Бислимоски, забележано е дека дел од големите потрошувачите кои имаат обврска да набавуваат електрична енергија на слободниот пазар, регистрираат нови фирми кои ги исполнуваат условите за учество на регулираниот пазар, па преку склучување на договори за закуп во нивно име добиваат електрична енергија по регулирани цени кои се пониски од пазарните.
Халили вели дека државата не може да ги контролира цените на струјата на светскиот пазар, но од друга страна мора да има стратегија како ќе обезбеди евтина струја не само за граѓаните, туку и компаниите.
„Токму поради тоа недостигот на јасна стратегија за да произведуваме соодветна, потреба количина на електрична енергија. Но, за жал мораме да признаеме дека не можеме да бидеме независни. Тоа што недостига таа стратегија прави да малите и средните претпријатија, вклучувајки ги и сите жители во земјата да се соочат со поголеми потешкотии. Сето тоа влијае и нормално дека во вакви кризни економски, социјални, па и политички моменти сите правиме некои наши пресметки и нормално нема да трошиме за се и сешто како што правиме во условно кажано нормални денови“, додава тој.
Владата поради енергетската криза и повисоката цена за струја од јануари за домаќинствата од речиси 10 отсто ќе овозможи финансиска помош само за граѓаните.
Ивковска вели дека државата треба да му помогне и на бизнисот.
„Ние занаетчиите и другите сигурно од приватниот сектор би требало да побараме сметките за струја да ни бидат намалени, односно да не ја плаќаме таа индустриска тарифа, туку да плаќаме регуларно како што плаќаат и физичките лица затоа што со овие трошоци не можеме да опстанеме во нашиот бизнис“, вели Ивковска.
Димитров вели дека мора да се снаоѓаат во било какви услови.
„Се додека можеме да ја одржиме компанијата и колку што можеме максимално да го одржиме бројот на работниците се снаоѓаме на секој начин. Секаде максимално штедиме. Се разбира тоа се ограничени можности. Вие може да заштедите да речеме 20 посто струја со соларни панели. Но, во овој период во годинава кога има и облаци не можеме да произведеме повеќе од една третина од струјата, што значи дека другите две третини ќе ги плаќаме многу поскапо“, посочува Димитров.
Негативни ефекти по бизнисите
Јосифовски очекува зголемувањето на цените во угостителските објекти во прво време ќе направи револт кај некои гости. Но, според него, кога ќе се соочат со фактот дека тоа ќе се случува во сите угостителски објекти со цел да го зачуваат нивниот бизнис тоа ќе биде прифатено.
„Нормално е дека секоја промена во однос на цените. Секое влијание политичко или било какво што може да влијае на гостите во прв момент ќе направи удар на угостителите да во еден момент луѓето се откажат или може да размислат што ќе јадат и што пијат заради зголемување на цените“, смета тој.
И Ивковска велат дека тоа ќе влијае на обемот на нивната работа.
„Мислам да, дека ќе имаме помал обем на работа затоа што некој што правел фризура секоја недела може сега ќе прави еднаш во месецот, така да секој си прави калкулации според неговиот семеен буџет“, очекува таа.
Како е во Европа?
Во цела Европа, високите цени на енергијата ги зголемија сметките за комунални услуги, оставајќи ги луѓето мака мачат да врзат крај со крај, а малите бизниси не се сигурни уште колку долго можат да преживеат. Никаде повеќе не се чувствува таквиот притисок како во Турција.
Турскиот дел од приказната
Мехмет Богдај, сопственик на ресторанот „Асмали Месит“ во областа Бејоглу во центарот на Истанбул вели дека подзинал кога видел оти неговата последна сметка за струја е поскапа од киријата за неговиот ресторан и повеќе од двојно поголема од сумата што ја платил во декември.
„Ова не е одржливо. Навистина не е одржливо. Имаме вработени, осигурување, работници; има кирија, има даноци. Не можеме да го издржиме. Нелогично е сметката за струја да биде толку висока“.
Џенгиз Сур, сопственик на бар и ресторан во Истанбул, пак вели дека почнал да ги исклучува фрижидерите, греалките и светлата, откако неговата сметка за енергија овој месец исто така ја надминала неговата кирија.
„Ги исклучуваме светлата. Вклучивме некои токму сега затоа што дојдовте вие. Ги држиме греалките исклучени. Кога нашите клиенти ќе ни кажат дека им е ладно, ние ги вклучуваме греалките на неколку минути за да заоплимњ, но повторно ги ислучуваме, бидејќи трошоците се превисоки“.
Во Европа високите цени на енергијата ги зголемуваат сметките за комунални услуги. Никаде повеќе не се чувствува тој притисок како во Турција, каде што инфлацијата достигна речиси 50%, а превисоките сметки за струја предизвикуваат протести. Социјалните мрежи се преплавени со луѓе - вклучително и познати личности - кои ги објавуваат своите сметки за струја.
Пазарџиите истакнуваат известувања во кои ги критикуваат високите сметки, додека други се собраа пред компаниите за дистрибуција на електрична енергија и ги запалија сметките за струја.
Џенгиз Сур, сопственик: „Нашето најголемо прашање е нашата сметка за струја која е поголема од киријата. Заборавивме на киријата и сега се обидуваме да откриеме како да се справиме со нашите сметки за струја. Ги исклучуваме нашите фрижидери, се трудиме да не ги користиме или да ги користиме минимално“.
Лидерот на најголемата турска опозициска партија се приклучи на бранот повици со кои се бара повлекување на неодамнешните поскапувања на струјата, велејќи дека нема да ја плати сметката за струја додека не се намалат тарифите.
Со оглед на тоа што производството на електрична енергија во голема мера зависи од увезениот природен гас и јаглен, властите ги зголемија тарифите за електрична енергија на 1 јануари, интензивирајќи ја кризата со трошоците за живот во земјата. Новите тарифи ја покачија струјата за 50 насто за домаќинствата кои користат до 150 киловат часови месечно и за дури 127 отсто за деловните субјекти и домаќинствата со висока потрошувачка.
Сулејман Атил, (здружение на барови и ресторани во областа Бејоглу во Истанбул) член: „Тие (сопствениците на мали бизниси) веќе поминаа низ тешки времиња. Некои беа затворени 16 месеци за време на пандемијата. Некои мали бизниси немаа корист од наводните владини субвенции. Некои мораа да затворат, некои преживеаја, а на оние што преживеа, и што се опоравуваат, им се случува ова“.
Зголемувањето на електричната енергија дополнително ги оптоварува домаќинствата и бизнисите кои веќе беа оптоварени од високата инфлација и зголемувањето на цените на природниот гас, горивото и патарините за патишта и мостови. Бидејќи покачувањето на цените се заканува да му наштети на позицијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред изборите закажани за јуни 2023 година, министерот за енергија и природни ресурси Фатих Донмез и други официјални претставници изјавија дека владата работи на можно ново прилагодување на тарифите за електрична енергија.
Озлем Деричи Сенѓул, економист: „Мислам дека ќе има одредено повлекување во покачувањето на цените. Не сум сигурна дали е изводливо за билансите на компаниите и не сум сигурна до каде можат да ги вратат покачувањата на цените, но мислам дека за да се спречи јавната тензија, можеби ќе видиме некоја акција од менаџментот на економијата“.
Ситуацијата во Турција е влошена и од кризата предизвикана од политиките на претседателот, кој тргна против конвенционалното економско размислување и ја притисна централната банка да ги намали каматните стапки и покрај високата инфлација која се искачи на 20-годишното ниво од 49% во јануари. Лирата падна на рекордно ниско ниво кон крајот на минатата година и загуби околу 44 отсто од својата вредност во 2021 година.