Големи разлики во регионалниот развој

Илустрација: Центар на Куманово

Североисточниот регион е најнеразвиен во Македонија. Надлежните се обидуваат да најдат пари – и од државата и од донатори, но проблем е и тоа што нема податоци за користење на дигиталните технологии кои можат да помогнат во развојот.

Североисточниот плански регион со Општините Куманово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане, Липково и Кратово е најнеразвиен. Во соработка на Министерство за локална самоуправа и Швајцарска агенција за регионален развој во Куманово е одржана дводневна Меѓународна конференција за политиките и имплементација на рамномерен регионален развој во РС Македонија“, со учество на економски стручњаци, институции, невладин сектор.

Видете и ова: Секоја општина од североисточниот регион со свои потреби

„Се обидуваме со државни и пари од донатори да се отстранат диспаритетите помеѓу регионите и во самиот регион, за да нема миграција од помалите градови во Скопје или пак од помалите места, села во Куманово“, вели Младен Протиќ раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион.

„На овој најнеразвиен плански регион потребен му е инвестициски импакт за да може во одреден период да се развие и да го достигне нивото на останатите региони во РС Македонија. Самата местоположба му го овозможува тоа, затоа се надеваме дека ќе успееме да донесеме странски инвестиции и со помошта од нашата Влада ќе се постигне тоа“, смета Владимир Павловски, координатор на Бизнис центарот во ЦРСПР.

Никола Левков, доцент на Економскиот факултет во Скопје, објаснува дека нема податоци за користење на дигиталните технологии кои можат да помогнат во рамномерен регионален развој.

„Зачудувачки е што немаме доволно информации, дури и кај релевантни институции во државата, како што е Завод за статистика, во поглед на тоа колкава е дигиталната писменост, пристап можеби до интернет по региони. На ниво на државата некои податоци постојат, но по региони нема, па не може да се направат некои анализи, споредби, бидејќи денес информациско - комуникациската технологија игра голема улога во поглед на економскиот развој, иновативноста и економскиот раст“, вели тој.

Левков смета дека треба да се подигне нивото на свесноста и кај јавниот и кај невладиниот сектор и кај приватните компании дека мора да се вклучи компонентата на дигитални планови за регионалниот развој. Во повеќето случаи воопшто не е застапена дигиталната компонента и во Македонија и по регионите.

„Исто така, како носители на политиките за рамномерниот регионален развој, Министерството за информатичко општество и администрација воопшто не е предвидено ни како носител за овој развој. Мислам дека е потребна поголема актуализација на улогата на дигиталните технологии во поддршка за тој рамномерен регионален развој“, вели тој.

Левков вели дека токму поради отсуство на опипливи податоци по региони мора да се претпоставува. И таму каде што има податоци за бројот на корисници на мобилни телефони, интернет и слично, тие не се ставени на располагање на истражувачи и не постои можност да се добијат.

„Потребно е да имате директни барања до такви институции, па дали тие ќе ви одговорат. Дури и да ги следиме индикаторите на ЕУ за дигитално општество, барем некои да ги имаме во Завод за статистика, ќе имаме многу поопиплива слика. Вака мора да претпоставуваме каква е општата состојба во Куманово, Кратово, Крива Паланка и така натаму“, вели тој.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје забележува дека има огромен диспаритетет помеѓу општините во државава. Според него, индикаторите покажуваат дека разликите се големи и помеѓу градот Скопје и останатите урбани и рурални општини.

„Тие огромни диспаритети значајно влијаат врз ефикасноста на спроведување на политиките на државата. Дури во некои моменти се доведува во прашање дали политиката која ја носи централната власт може да биде ефикасна во определени региони. Токму поради тие огромни диспаритети. На пример, ако североисточниот регион е со најголем број на социјални случаи (сега е нешто намален), најмали инвестиции, со само два проценти од вкупните инвестиции во цела држава, најмалку отпочнати градежни работи, има најниско учество во бруто општествениот производ во државата, тоа се определени индикатори и таа политика требаше да се следи“, вели тој.

Средствата до еден процент од бруто општествениот производ да биле насочени кон овој регион не би било незначајно, но не било испочитувано, објаснува Треновски.

Се доделуваат средства преку други министерства и јавни институции со назнака регионално, но нема почитување на разликите помеѓу регионите. Средствата за рамномерен регионален развој се потрошени, но не е почитувана конкретната разлика помеѓу регионите. Со започнување на пристапување кон ЕУ проблемот ќе биде токму со регионален развој затоа што ќе има фондови за оваа намена.

„Регионите во тој случај добиваат уште поголемо значење. Најголемите апликанти, корисници на ЕУ фондовите се регионите а не општините, а кај нас тоа е сè уште во почетна фаза“, вели Треновски.

Тој посочува дека во изминатиот период не биле искористени одредени средства наменети за општини, бидејќи од 30 мали урбани и рурални општини ниту во две третини немало соодветни проекти. Градоначалниците немале техничка документација, урбанистички планови, за една дозвола се чека неколку месеци, урбанистички план година-две, што ќе биде пречка да се користат средства од европските фондови. Според Треновски, институциите треба да си ја завршуваат својата работа што побргу.