Достапни линкови

Кумановските бизнисмени не ги користат проектите за развој


Кумановскиот бизнис сектор недоволно ги користи проектите на Центарот за развој на Североисточниот плански регион. Како причини ги наведуваат недоволната информираност, недостатокот на квалификуван кадар и комплицираната процедура за аплицирање.

Малите и средни претпријатија од Куманово поради недоволна информираност или поради немање доволно време да се позанимаваат со проектите на Центарот за развој на Североисточен плански регион или Министерството за економија, во незначителен број ги ползуваат. Министерството за економија неодамна одржало и работилница за да му се помогне на малото стопанство со одредена поддршка за неговиот развој.

Владимир Павловски, координатор во Бизнис центарот на Центарот за развој, вели дека сите мали и средни претпријатија можат да аплицираат за проектите кои се однесуваат на подобрување на производството, иновативните системи во него и севкупната нивна работа. Карактеристично, според Павловски, е тоа што менаџерите од претпријатијата немаат време.

Најмногу времето тие го трошат во трка за производство, пронаоѓање на пласман, но можеби е битно да се посочи и неинформираноста за можностите кои што ги нуди Министерството за економија за аплицирање на ваков вид помош. На работилницата беа презентирани дел од пакетите кои што ги нуди Министерството за економија, меѓутоа претставниците од малите и средните претпријатија се задржаа на тоа дека во Македонија најголем проблем им е недостаток на квалификуван кадар“, вели Павловски.

Тој додава дека тие не се осврнале на платите кои што им ги даваат на вработените.

Најчесто квалитетните квалификувани работници затоа и се наоѓаат надвор од државата и наоѓаат работа во некоја од западните земји. Квалификуваните работници со ниските плати не можат да обезбедат егзистенција и затоа заминуваат“, вели тој.

Павловски нагласува дека и претставниците од бизнис секторот во градот, како и граѓаните воопшто не се доволно информирани за постоење на Центарот за развој, а уште помалку каква помош можат да добијат.

Во изминатиот период од Бизнис центарот се обидувале малите стопанственици да ги информираат преку веб страна на која биле поставени можностите и условите, но страницата многу малку била посетувана. Во иднина според Павловски нешто треба да се менува.

„Потребно е најверојатно повеќе средби на претставници од малите и средни претпријатија со претставници од Министерството за економија и од Бизнис секторот на Центарот заразвој на СПР за да се развие подобра соработка.“

Не може да се пренебрегне ниту фактот дека административната процедура за аплицирање за одредени проекти е комплицирана, неопходно е многу време, можеби и вклучување на повеќе вработени во обезбедување на сето тоа, што пак од друга страна не постои гаранција дека апликацијата ќе биде прифатена. Малите и средни претпријатија имаат мал број вработени во администрацијата, оти тие се фокусирани на производствениот дел.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG