Ниските температури минатата зима, а екстремно високите летото и оваа година негативно се одразија врз пчелното производство во поголем дел од кумановските региони, велат пчеларите. Климатските промени уништиле и дел од пчелните семејства, додаваат тие.
„Летото, народски кажано, беше изгор лето, над 40 степени Целзиусови имаше долг период, а природата беше многу оскудна со нектар, почвата немаше доволно влага, немаше нектар, приносите се намалени и пчелите тешко го поднесоа. Временските промени се одразуваат и на кондицијата и на расположението на пчелите, кога во природата нема доволно нектар и нивното расположение во кошниците опаѓа“, вели Часлав Ристовски пчелар од Куманово, чии кошници се лоцирани во кумановското село Косматац.
Тој појаснува дека пчелните семејства во кошниците немале доволно мед, топлина и храна за да ги преживеат ниските температури.
РСЕ: Како пчеларите ги спасуваат пчелните семејства?
„Најдобар начин за спасување на пчелните семејства е да имаат доволно квалитетна храна и добро распоредена во кошницата, да им е над глава на пчелите. Во пролет се прихрануваат стимулативно, а на есен пообилно, со шеќерен сируп и медни погачи.“
Среќко Стошевски 18 години е пчелар, пред осум години се преориентирал на органско производство, а три години е со сертификат. Неговите пчелни семејства се лоцирани во Кокино, Пелинце и Челопек. Тој вели дека оваа во однос на претходната година во овој реон била подобра.
„Од 270 пчелни семејства минатата година имавме просечно два, а годинава е зголемено на осум до десет килограми. Органско производство значи на пет километри од пчелник 85 отсто да е необработлива површина, за да во близина нема пестициди.“
Стошевски појаснува дека кај во земјата побарувачката на органскиот мед е се уште слаба, нема реклама, повисока е цената, а произведеното количество е мало за извоз надвор од државава.
Во голем број семејства пчеларството се развива и традиционално, така повозрасните ги обучуваат помладите, им ја влеваат љубовта кон пчелите, а тоа може да биде и вносен бизнис.
Стојан Стојковски од селото Пчиња има 27 години, започнал со девет пчелни семејства и вели дека ќе ја продолжи семејната традиција.
„Кај мене целата фамилија се пчелари и идејата беше на вујко ми кој сакаше да ја пренесе традицијата на некој помлад, јас прифатив, а и финансиски е исплатливо, особено во добрите години.“
И меѓу пчеларите како што велат тие, има вистински и фалсификатори. Но, за тоа сметаат дека надлежни инспекции и контроли треба повеќе да се позанимаваат, затоа што не само што не е здрав вештачкиот мед, тој создава и нелојална конкуренција со пониски цени.