Неприфатливо е да биде изградена депонија за потребите на Југозападниот регион во сливно подрачје на Охридското Езеро, на десетина километри од заштитената зона од УНЕСКО, вели градоначалникот на општина Дебарца Зоран Ногачески во разговор за РСЕ.
Од Министрството за животна средина и просторно планирање наведуваат дека планираната регионална депонија во општина Дебарца ќе биде изградена според сите стандарди, но Ногачески во тоа се сомнева. Тој вели дека во европските земји таквите постројки се изградени во близина на урбани центри или во предградија.
„Кај нас ваква постројка се лоцира на 50 километри од првиот урбан центар, во чиста животна средина. Тука сепак има разлика од технологија до технологија, бидејќи сумата со која се лицитира за Дебарца, од 30-тина милиони евра, е далеку од некоја технологија која би значела некое решение кое не би имало последици на една таква животна средина“, вели Ногачески.
Од Министерстовото за животна средина објаснуваат дека за локациите на регионалните депонии во Македонија се направени студии и оти, според нив, е утврдено дека Дебарца е најсоодветна за изградба на регионална депонија, за општините во Југозападниот регион.
Советот на општина Дебарца во минатата недела соопшти дека не ја прифаќа владината одлука за давање согласност за основање на регионална депонија за Југозападниот плански регион. Советот наведе дека во целост ја почитува одлуката на граѓаните на Дебарца изразена на референдум против предложеното решение.
На прашањето како општината планира да го реши проблемот со отпадот и со постоечките диви депонии, Ногачески истакнува дека тие не се протиов проектот на Министерствотото за решавање на проблемот со отпадот преку регионален пристап, но според него документите за изградба на депонијата се донесени во нетранспарента постапка и бараат нова дебата за прашањето.
„Бидејќи во првиот документ кој го изработи консултатнтот избран од Министерството за животна средина, во Регионалниот план за управување со отпад, беше посочена локацијата на напуштениот рудник за лигнит во Осломеј. После тоа доаѓа до промена на локацијата“, вели Ногачески.
Од Министерството за животна средина уверуваат дека имало јавна дебата за прашањето. Оттаму се очекува да ги соопштат следните чекори во однос на решавањето на прашањето.
Силна контрола при управувањето со регионалните депонии
Во општина Дебарца има две-три диви депонии кои се наоѓаат на околу двеста метри до Охридското Езеро и деректно го загрозуваат, а дополнително големи количини отпад се фрлени во сите реки кои се влеваат во езерото, вели Блаже Јосифовски – извршен директор на граѓанската организација „Ајде Македонија.“
„Тоа е моменталната ситуација, како ќе ја решиме е важно да биде според некоја депонија која ќе биде стандарна. Тоа што се нуди како решение, според она што ние можевме да го видиме, е солидно решение во однос на тоа колку пари имаме и во однос на стандардноста, а дали Дебарца е најдобра локација, не би можеле да кажеме. За да се одреди една локација потребно е да се исполнат голем број на критериуми“, вели Јосифовски.
Доколку депониите се направат според стандардите, ќе се минимизира влијанието врз животната средина, вели Јосифовски, посочувајќи дека доколку се изградат планираните депонии, тие мора строго да бидат контролирани.
„Има одредени процеси кои ако не се следат, може негативно да влијаат влијаат врз животната средина. Од една страна потребно е запазување на сите страни, а од друга е потребна силна контрола. Тоа зависи од нас“, вели Јосифосвки.
Во однос на технологиите, Јосифовски посочува дека еден од најдобрите модели за управување со отпадот го има Словенија која во својот регионален центар за преработка на отпад, каде што не се гори отпадот во инсинератори, туку се селектира и рециклира. Тој смета дека во Македонија тоа делумно може да се направи со изградбата на регионалните депонии.
Регионалните депонии, според познавачи, треба да бидат изградени во насока на решавање на проблемот со вкупно 54 општински депонии во земјава кои не исполнуваат никакви стандарди, а 35 насто од нив се високо ризични за здравјето на граѓаните.