Достапни линкови

Секоја општина од североисточниот регион со свои потреби


Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион од Куманово.
Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион од Куманово.

Во општините кои ги опфаќа Центарот за развој на североисточен плански регион со домашни средства, но и со странска помош се реализираат низа проекти. Во некоја општина се реновираат и опремуваат општинските сали, некаде се уредува речното корито или пак се прави пат.

„Успеавме да завршиме еден голем проект, тоа е реновирање на општинските сали во Крива Паланка, со сосема нова ЗД опрема. Проектот изнесува околу 250 илјади евра од наша страна и исто толку и од бугарската страна, од ќустендилската администрација. Направивме навистина модерни сали за презентации во 3Д“, вели Младен Протиќ раководител на Центарот за развој на североисточен плански регион од Куманово и појаснува дека спроведените проекти минатата година биле преку нашето Биро за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, како и повеќе проекти за меѓугранична соработка и други донатори.

Претходно е реновирана и опремена големата сала во поранешната зграда на Комитет и Занаетчискиот дом во Куманово, а во иднина со веќе подготвената техничка документација се планира да се изнајдат средства за реновирање и опремување на салата за одржување седници на општинскиот Совет во овој град.

Центарот за развој ги опфаќа општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково, така што во нив за тековната година следи реализирање на низа проекти.

„Секоја општина си има свои специфики. Во Крива Паланка ќе интервенираме на речното корито. Во Старо Нагоричане се надеваме да го изградиме патот кон селото Вујовци и да набавиме опрема со лед осветлување. Во Општината Ранковце ќе реновираме дел од општинските простории со слична намена како во Крива Паланка, за промовирање на туризмот, за одржување разни семинари, конгреси и работилници. За Куманово се надеваме дека ќе обезбедиме машини за метење на градот кои ќе бидат доделени на ЈП „Чистота и зеленило“ и терасата на затворениот базен која е околу 360 квадрати да ја покриеме. За Општината Липково е предвидено изградба на ограда околу Културниот дом во селото Матејче и во Кратово ќе се уреди шеталиште покрај реката“, вели тој.

Според Протиќ вкупно издвоени средства од Бирото за регионален развој за годинава се околу половина милион евра, секоја година се зголемуваат, така што тој очекува трендот да продолжи и наредните години.

Бизнис секторот во рамките на Центарот за развој преку швајцарската агенција за поддршка и Министерството за локална самоуправа работеле за добивање на два проекта, иновативен и за рамномерен регионален развој.

„Од тие два повика едниот го доби кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“ за инклузивни и паметни училници кои што треба да бидат опремени до септември годинава, како и три гусеничари за лица со посебни потреби, за олеснето искачување и симнување на децата со такви потреби“, вели Владимир Павловски од Бизнис секторот.

Според него, ќе се реализира и проектот за валоризација и оплеменување на Бислимската клисура (Куманово), каде што ќе бидат обезбедени кајаци и опремени карпи за алпинизам, електрични велосипеди и спортска опрема. Со тоа би се помогнал развојот на туризам кон крајот на оваа година.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG