Достапни линкови

Ќе се изгради ли регионална депонија во општина Дебарца?


Архива: Депонијата во Струга на само стотина метри од влезот на градот.
Архива: Депонијата во Струга на само стотина метри од влезот на градот.

Проектот за регионална депонија во општина Дебарца е со цел изградба на безбедна регионална депонија според европски стандарди, која нема да ја загрозува животната средина, велат од Министерството за животна средина, во услови кога жителите на Дебарца и општината се против ваквото решение.

Во Југозападниот плански регион идентификувани се 100 нестандардни комунални и диви депонии кои претставуваат сериозен ризик за животната средина и здравјето на луѓето, како и за природното и културно наследство на УНЕСКО, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Само во општина Дебарца идентификувани се девет ризични неконтролирани депонии кои во моментов значително влијаат на животната средина и се далеку од било какви еколошки стандарди“, вели портпаролката на Министерството за животна средина Беса Татеши.

Ваквите реакции се во насока на противењата на општина Дебарца на нејзината територија да биде изградена регионална депонија за потребите на општините на територијата на Југозападниот регион, која ќе биде под ингеренции за Министерството за животна средина со одлука која ќе ја усвојат советите на општините.

Минатиот викенд жителите на Дебарца организираа протест против изградбата на регионалната депонија. Тие во октомври минатата година на референдум гласаа против истото прашање.

Од Општина Дебарца велат дека не се против проектот на Министерството за решавање на проблемот со дивите депонии, но според нив, неприфатливо е, како што велат, регионалната депонија да биде изградена на локацијата „Годивје 2“, во сливното подрачје на Охридското Езеро, на десетина километри од заштитената зона на УНЕСКО.

„Бараме Министерството за животна средина да иницира и да отвори нова дебата, бидејќи сите документи кои беа донесени, од кои произлезе ова решение за Годивје, беа носени во нетранспарентна постапка во која не се инкорпорирани мислењата на засегнатата стручна јавност и на граѓаните“, изјави за РСЕ градоначалникот на Општина Дебарца, Зоран Ногачески.

Општината бара промена на локацијата за изградба на регионална депонија, вели Ногачески, истакнувајќи оти е сигурен дека од дебата ќе произлезе решение за промена на локацијата.

Од Министерството за животна средина потенцираат дека одлука за разгледување на нови локации засега нема, бидејќи, како што објаснуваат, веќе се анализирани 12 локации за оваа намена, при што се водело сметка за националните паркови Галичица и Маврово и за заштитеното подрачје од УНЕСКО во однос на Охридското Езеро.

„Како најсоодветна, согласно процедурата, е избрана локацијата Годивје 2. Дополнителни анализи би барале дополнителни финансиски средства кои општините во овој момент ги немаат на располагање. Владата за сите овие проекти обезбеди еден милион евра само за овој регион преку ИПА програмата“, вели Татеши.

Од Министерството за животна средина велат дека вкупно 25 општини се согласиле за веќе поставената рамка за регионален интегриран пристап за управување со отпад.

„Што значи овластувањата се делегирани на Владата на Република Македонија“, велат од Министерството за животна средина.

Оттаму ги уверуваат граѓаните на Дебарца дека постапката за донесување на позитивно решение за изградба на депонијата се водела на транспарентен и законски начин и дека сите анализи укажуваат оти не постои опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

„Реален е стравот на граѓаните, бидејќи согласно со досегашното искуство за нив депонија претставува место натрупано со ѓубре кое мириса, гори и ја загрозува нивната животна средина и здравјето. Но, многу е важно да се врати довербата во институциите и ние ги уверуваме граѓаните дека секоја одлука за изградба на каков било објект, инсталација или депонија ќе биде строго контролиран процес и во согласност со законодавството од оваа област“, вели Татеши.

Во насока на изградбата на регионалните депонии, еколошките граѓански организации предупредуваат дека е потребна силна контрола при нивното управување.

Според извршниот директор на граѓанската организација „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски, понуденото решение за изградба на регионалната депонија за Југозападниот регион е солидно, истакнувајќи дека за изборот на локацијата потребно е да бидат исполнети голем број критериуми.

Доколку депониите се направат според стандардите, ќе се минимизира влијанието врз животната средина, вели Јосифовски.

„Има одредени процеси кои ако не се следат, може негативно да влијаат врз животната средина. Потребно е запазување на сите страни, како и силна контрола. Тоа зависи од нас“, вели Јосифовски.

Регионалните депонии, според познавачи, треба да бидат изградени за решавање на проблемот со вкупно 54 општински депонии во земјава кои не исполнуваат никакви стандарди, а 35 отсто од нив се високо ризични за здравјето на граѓаните. Во Македонија дополнително има околу 2000 диви депонии.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG