Сите опции остануваат отворени, а преговорите за владино мнозинство веројатно нема да бидат лесни, велат аналитичарите, по вчерашното конституирање на парламентот.
Видете и ова: Конституирано Собранието - почнуваат преговорите за нова владаЛидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека сите опции се отворени и дека почнуваат преговори со сите партии и оти очекувам за 10 до 15 дена да има исход од овие преговори. Тој најави многу поголемо мнозинство од минималните 61 пратеници. Од друга страна, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека ќе се обиде да формира владино мнозинство.
На изборите одржани на 15 јули, во Собранието од 120 пратеници коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса/Алтернатива 12, Левица 2 и еден пратеник освои ДПА.
Наједноставна опција е обнова на досегашната владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, кои заедно ги имаат потребните 61 пратеници, но во преговорите ќе треба да се надминат антагонизмите меѓу двете партии од предизборната кампања, вели аналитичарот Џељал Незири.
Заев во кампањата инсистираше дека ДУИ треба да замине во опозиција, па дури и дека е подготвен да му отстапи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за да формира влада без ДУИ. Од друга страна, главно предизборно ветување на ДУИ беше Албанец-премиер, на што СДСМ не се согласува.
Заев вчера рече дека премиер не се станува со 15 пратеници, но лидерот на ДУИ Али Ахмети веднаш му одговори дека не се станува ни со 46 пратеници.
Видете и ова: Конститутивна седница со протоколи за заштита од коронавирусЏељал Незири вели дека преговорите за формирање владино мнозинство нема да бидат лесни и покрај оптимизмот на Заев. Сите опции се отворени – можна е коалиција СДСМ – ДУИ, можна е коалиција меѓу СДСМ и Алијанса за Албанците со уште неколку пратеници од другите партии, но треба да се има предвид дека овој „кванташки пазар за пратеници“ станува рак-рана на македонското општество и третата опција е СДСМ да коалицира и со ДУИ и со Алијанса/Алтернатива, но тоа не е здраво за демократијата, зашто е потребно да има опозиција и во албанскиот блок, вели тој.
„Мислам дека сите опции остануваат отворени. Не верувам дека за кратко време, или како што рече Заев за 10-15 дена ќе има влада, не верувам дека така ќе испадне. Можеби Заев има информации, веќе има контакти со пратеници и знае со колкави бројки располага, но сепак мислам дека сите опции ќе останат отворени“, вели Незири.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека очекува владата да биде формирана до крајот на овој месец. Речиси е извесно дека новата владата ќе ја предводи Зоран Заев и исто толку извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица нема да бидат дел од неа, неизвесно е кој од останатите ќе биде, вели тој.
„Јас апсолутно би почекал да видиме како ќе одат преговорите, тие може да бидат тешки и напорни. Јас не би бил изненаден во владата да се вклучат сите останати, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но мислам дека малку поголеми шанси има владата да ја формира Заев со ДУИ и со ДПА на Мендух Тачи“, вели Дујовски.
Незири посочува дека ако Заев не успее, и Мицкоски ќе се обиде да формира мнозинство, но ако евентуално коалицира со ДУИ, ќе му бидат потребни уште двајца пратеници. Мицкоски навести дека е можно во владиното мнозинство да влезат и дел од коалиционите партнери на СДСМ. Беса има четворица пратеници во коалицијата со СДСМ, но Незири вели дека не е неверојатно, особено пратеници од партиите на помалите етнички заедници да се приклонат кон оној што прави влада, зашто тоа им е начинот да ги реализираат нивните заложби.