Достапни линкови

Ветувањата за помалку министерства (не) остварливи


Архивска фотографија- седница на министрите во македонската влада
Архивска фотографија- седница на министрите во македонската влада

Пред избори партиите ветуваат помалку министри, но по избори ситуацијата е поинаква. Очекувањата се дека и сега изборните резултати нема да го дозволат тоа.

Пред изборите и од двете партии, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, од чии редови се очекува да дојде мандатарот за состав на новата влада ветуваа намалување на министерства и на други државни органи. По изборите, додека се уште е неизвесна идната владина коалиција, извесно е дека таа ќе биде доста голема земајќи ги предвид изборните резултати.

Комбинациите покажуваат дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при составувањето на новата влада би морало да вклучат повеќе партии за да дојдат до мнозинство од над 61 пратеник. Бројноста на партиите во владината коалиција, пак, досега беше причина да не се намалува бројот на министри, за, како што се оценува, да се задоволат владините чинители со партиски места.

Професорот од Правниот факултет Јустинијан Први, Ненад Марковиќ не смета дека е возможно да дојде до намалување на бројот на министри земајќи ги предвид изборните резултати.

„Еве неколку можни сценарија - ако Алијансата за Албанците и Алтернатива влезат во владината коалиција ќе имаат практично многу така кажано „гладни усти за ранење“ бидејќи тие досега не биле на власт на централно ниво. И целата филозофија на функционирање почива на „вработување“ на свои кадри. Редукциите може да бидат само симболични, во смисла да се преименува одредено министерство и да се нарече директорат, или нешто друго, но тоа нема ништо суштински да смени“, вели Марковиќ.

Тој смета дека кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има желба за намалување на владините кабинети и воопшто на администрацијата, но дека сите останати и помалите коалициони партнери имаат свои амбиции, кои вели треба да се задоволат.

„Потребата постои и е евидентна, но мислам дека она што е брутална политика на моќ и начинот на кој функционираат партиите нема да дозволат такво нешто да се случи“, вели Марковиќ.

Што ветуваа партиите?

Македонската влада во моментов има 23 министри, од кои седум се без ресор, а 16, колку што има министерства, имаат свој ресор.

„Сите седум министри без ресор, кои што дадоа резултат, но немаа свој капацитет заради инфраструктура, ќе ги укинеме како министерства без ресор, но ќе создадеме агенции, директорати за да работат уште повеќе“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на еден од предизборните митинзи.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во својата изборна програма наведува дека се обврзува „да преземе повеќе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државна управа, со можност за спојување или укинување на одредени државни органи (министерства, агенции, бироа и сл.)”.


Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу поголем проблем е бројот на разни агенции кои вели, реално немаат работа во текот на 12 месеци, отколку бројот на министри. И тој нагласува дека во земјава министрите без ресор се за задоволување на апетити на помали партии, но додава дека е голем бројот и на вицепремиери.

„Партиите не ги исполнуваат ветувањата кога општеството не ги повикува на тоа. Јас сепак очекувам да се намали бројот на министри без ресор, не очекувам да се намали бројот на министерства, тој не е претеран, сепак е рационален, но не очекувам намалување на бројот на заменици- премиери, освен ако тоа не биде резултат на некаков политички компромис“, вели Муслиу.

Како се зголемуваше владиниот кабинет?

Инаку, и пред да дојде на власт во 2016 година СДСМ ветуваше намалување на бројот на министри на 20. Но, наместо тоа, лани пролетта формираше ново министерствоза политички систем и односи меѓу заедниците со што бројот на министерства од 15, колку што ги наследи од владата на ВМРО-ДПМНЕ, го зголеми на 16.

За споредба Словенија, која е речиси колку Македонија има вкупно 17 члена на владиниот кабинет сосе министри без и со ресор, a Косово, кое исто такае слично по бројот на жители, има вкупно 15 члена на владиниот кабинет.

Бројот на министри без ресор во владите од осамостојувањето на Македонија се движеше околу четворица и исто толку вицепремиери. На пример од 1994 до 1998 владата на Бранко Црвенковски имаше15 министерства, четири министри без ресор, без вицепремиери. Владата на ВМРО-ДПМНЕ која дојде во 1998 година, тогаш предводена од Љубчо Георгиевски најмногу го зголеми бројот на министерства, на 21, па тогаш имаше министри за развој, градежништво, спорт и млади, иселеништво, наука. Но, таа влада имаше помалку вицепремиери и министри без ресор, вкупно пет. Владата на Бранко Црвенковски, која дојде во 2002 година, ги намали министерствата на 14, имаше двајца вицепремиери и еден министер без ресор.

Толку министерства задржи и владата на Никола Груевски која ја презема власта во 2006 година, но се зголеми бројот на другите членови на владиниот кабинет, па така имаше тројца вицепремиери и тројца без ресор. До зголемување дојде во 2011 кога ,исто така, Груевски како премиер имаше четворица заменици и исто толку министри без ресор. Во владата на Груевски формирана во 2014 година имаше дури седум министри без ресор, a исто толку има и досегашната влада која ја формираше Зоран Заев во 2017 година. Последната влада на СДСМ го задржа и бројот на вицепремиери како владата на Груевски, вкупно четворица.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG