Со маски на лицето и дезинфицирани раце, со претходно измерена нормална телесна температура, новите народни избраници седнаа во пратеничките столчиња. Поради пандемијата со ковид19, конститутивната седница со која претседаваше досегашниот спикер Талат Џафери се одржа во салата „Голема Купола“ во која го имаше потребното растојание меѓу пратениците и гостите кои присуствуваа на седницата. На конститутивната седница присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претставници на највисоките судски инстанции, Народниот правобранител и претставници на дипломатски конзуларни мисии во Македонија.
Со кревање на картончиња, пратениците прво избраа Верификациона комисија за да ги верифицира новите пратенички мандати според извештајот од ДИК за резултатите од предвремените парламентарни избори.
Подоцна со 116 гласови за и ниту еден против и воздржан, Собранието ги верификуваше мандатите на 120 -те пратеници. Претседателот Џафери им ги честиташе мандатите на сите пратеници, притоа истакнувајќи дека на членовите на владата чив мандат е верификуван денеска, согласно член 8 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата.
„Почитувани колеги пратеници во мое лично има и целата служба, на новиот состав и сите пратеници им го честитам мандатот и верувам дека нашите задачи и обврски ќе ги извршиме согласно уставните определби како претставници на граѓаните на Република Северна Македонија“, рече претседателот Џафери.
Другите две точки од дневниот ред односно изборот на претседател, заменик претседател и членови на Комисијата за избори и именувања, како и избор на претседател на Собранието, Џафери објасни дека ќе се случат тогаш кога за тоа ќе се создадат услови, односно потребното парламентарно мнозинство. Дотогаш ќе претседава Џафери, а негови заменици се Горан Мисовски и Флорим Бесими.
Во десетиот собраниски состав има 77 пратеници и 43 пратенички или две помалку споредено со претходниот состав. Во однос на возраста, 16 од новите пратеници имаат помеѓу 23 и 35 години. Најмлада пратеничка е 23- годишната Артина Ќазими студентка од гостиварски Добри Дол, која доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, а 72 години имаат нејзините највозрасни колеги - Стојан Миланов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Николовски од коалицијата на СДСМ.
По конституирањето на Собранието, Уставот предвидува шефот на државата Стево Пендаровски во рок од 10 дена да го додели мандатот за формирање влада. Од неговиот кабинет најавија дека оној кој ќе обезбеди парламентарно мнозинство за формирање нова влада, ќе го добие мандатот од претседателот. Мандатарот пак има рок од 20 дена да формира влада и ако не успее во тоа, тогаш мандатот го добива партијата која е втора по ред по бројот на мандати на изборите, што во случајов е ВМРО-ДПМНЕ. До почетокот на септември треба да биде составенановата влада која има обврска да поднесе до Парламентот програма за работа.
Почнуваат преговорите за формирање нова влада
Во меѓувреме, од СДСМ најавија дека преговорите за состав на новата ќе започнат уште денеска, кога лидерот на партијата Зоран Заев чија партија освои најмногу пратеници на изборите се враќа од одмор. За евентуалниот договор меѓу СДСМ и ДУИ, за сега нема официјална потврда, туку низа шоекулации по медиумите. Преговори досега воопшто немало, велат од ДУИ од каде претходно ја демантираа веста дека со СДСМ бил постигнат договор за Влада со премиер Албанец.
Заев: Почнуваме преговори за Влада
ВМРО-ДПМНЕ само со ДУИ нема да може да формира Влада, но би и биле доволни двајцата пратеници на Левица. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во однос на коалицирањето со ДУИ и дали ќе се почитува принципот победник со победник, изјави дека овој принцип бил прекршен уште во 2017 година кога ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите, но не кажа каков е неговиот став во однос на избор на коалицискиот партнер.
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе преговара за нова Влада
На предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои 46 пратенички места, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Обнова на Македонија“ добија 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник.
Инаку конститутивната седница на претходниот парламентарен состав ќе остане запаметена како најдолгата во историјата на парламентот. Таа почна и беше прекината на 30-ти декември 2016 година, потоа практично започна на крајот од март, имаше 21 продолжение и заврши дури на 31-ви мај 2017 година. Собранието во тој период го доживеа и „крвавиот 27-ми април“, кога беше извршен насилен упад во Собранието по изборот на Талат Џафери за негов претседател.