Достапни линкови

Странски агенции: тесна победа и тешки преговори за влада


Странски агенции: тесна победа на социјалдемократите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Странски агенции: тесна победа на социјалдемократите

Социјалдемократите во Северна Македонија, кои ветија дека ќе ја одведат земјата во Европската унија, тесно победија на парламентарните избори одржани во средата, наведуваат поголемите странски новински агенции, оценувајќи дека претстои долг пат до составување на нова македонска влада.

Победата на СДСМ може да се смета како поддршка наразговорите за членство на Скопје со ЕУ, наведува новинската агенција Ројтерс потсетувајќи дека парламентот се распушти во февруари кога тогашниот премиер Зоран Заев поднесе оставка откако ЕУ одби да одреди датум за преговори за членство.

„Сепак, еден месец подоцна Унијата објави дека разговорите може да започнат. Повторно не беше утврден датум, но дипломатите веруваат дека најверојатно тоа ќе биде подоцна оваа година“, пишува Ројтерс, додавајќи дека доколку се потврдат резултатите, Заев, најверојатно, ќе го добие мандатот да формира нова влада со цел да ја унапреди евро-атлантската траекторија на земјата.

Ројтерс потсетува и на тоа дека за прв пат една албанската партија, БЕСА, формираше предизборна коалиција со една од македонските партии, СДСМ.

ДИК: СДСМ 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА-А 12, Левица два, ДПА еден

Оваа агенција додава дека овие избори носеле и пошироки геополитички импликации, бидејќи ЕУ и Соединетите држави се обидуваат да ја приближат Северна Македонија пред потезите на Русија и Кина за зголемување на нивното влијание во Западен Балкан.

Новинската агенција Франс прес пак наведува дека социјалдемократите остварија тесна победа над националистичките ривали, со што се истакнале длабоките поделби во земјата која се подготвува да ги започне разговорите за членство во ЕУ.

„Ова беа првите парламентарни избори откако социјалдемократите во минатата година го додадоа „Северна“ на името Македонија - потег со кој заврши децениски спор со Грција, но беше многу контроверзен дома. Историскиот договор ја внесе балканската држава во НАТО и ја отвори вратата за идното членство во ЕУ.

Кој ќе состави нова влада?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:07 0:00

Но, како што наведува оваа агенција, критичарите сè уште се огорчени за „давање на дел од нивниот идентитет за да ја смират Атина, која бараше ексклузивни права на името Македонија за својот соседен регион“.

Заев – Водиме со најмалку 3 пратеници разлика

Франс прес проценува дека „немајќи целосно мнозинство од гласовите, централно-левичарските социјалдемократи сега ќе се соочат со тешки разговори за коалицијата што би можеле да траат и неколку недели.

„Ова може да го одложи стабилното лидерство во време кога инфекциите со коронавирус растат и на веќе слабата економија која се насочува кон рецесија предизвикана од пандемијата“, оценува Франс прес кој наведува дека доколку социјалдемократите не успеат да формираат влада, десничарската ВМРО-ДПМНЕ ќе добие шанса да го стори тоа.

И покрај изборното прво место, социјалдемократите поминаа полошо отколку на изборите во 2016 година, кога му ставија крај на скоро децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, наведува Франс прес додавајќи дека аналитичарите предвидуваа „тешки“ разговори за коалицијата и слаба влада.

Јанушев - ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за состав на нова влада

Притоа се потсетува на барањето на ДУИ која е рангирана на третото место, нивен кандидат да биде назначен за премиер во замена за владино коалицирање.

Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно го одбија предлогот како „уцена“.

Германската новинска агенција ДПА пак јавува дека веб-страницата на Државната изборна комисија паднала и не била обновена три часа откако гласањето заврши во 21 часот по што, пребројувањето се пренесуваше во живо на YouTube.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски рече дека веб-страницата била хакирана, но оти пребројувањето на гласачките ливчиња не било прекинато.

Падна сајтот на ДИК за објавување на резултатите од гласањето

ДПА наведува и тоа дека гласачите најверојатно под влијание на пандемијата со коронавирусот излегле на изборите со едвај над 50 проценти.

Новинската агенција Асошиетед прес потсетува дека земјата ја водеше привремената влада од јануари по оставката на премиерот Зоран Заев, откако Европската унија не успеа да одреди датум за Северна Македонија да ги започне разговорите за пристапување.

Парламентот избра привремена влада составена од членови на двете најголеми партии, со единствена цел да ги организира изборите, пишува Асошиетед прес.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG