Достапни линкови

СДСМ прогласи победа - ВМРО-ДПМНЕ сака да прави влада


Зоран Заев и Христијан Мицкоски
Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е во благо водство пред коалицијата предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори, соопшти ДИК. СДСМ вели дека победуваат со најмалку три пратеници разлика. Од ВМРО-ДПМНЕ велат тие се во трка за состав на нова влада. Над половина од гласачите го искористиле своето право на глас. Поради пандемијата на коронавирус, изборниот ден траеше два часа подолго, наместо до 19 часот, се гласаше до 21. Изборниот ден минаа мирно, со спорадични проблеми, оценуваат институциите и набљудувачите. Граѓаните избираа пратеници за десеттиот состав на собранието.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е во блага предност на предвремените парламентарни избори во земјава. Според податоците на Државната изборна комисијата од обработени скоро 94 отсто од гласовите, коалицијата предводена од СДСМ и Беса освои 36, 13 отсто од гласовите, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 34, 65 отсто од гласовите. Во албанскиот блок победник е ДУИ со 11, 57 проценти од гласовите, следува Алијансата за Албанците во коалиција со Алтернатива со 8, 79 отсто. Левица има 3,96 отсто од гласовите, ДПА 1,48, а Интегра 1,33, соопштија од ДИК. Од Комисијата не кажаа колку мандати освоиле партиите, конечните резултати ќе ги објават во текот на денешниот ден.

Со предност од три мандати со можност од уште еден до два, нашата коалиција „Можеме“ е победничка на овие избори, рече доцна ноќеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е и кандидат за мандатар за состав на влада.

„Имавме мирни, достоинствени, слободни, демократски и безбедни избори“, рече вечерва Заев на прес-конференција во Хотелот Белви, каде што е сместен изборниот штаб на СДСМ.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за состав на нова влада, затоа што постојната е истрошена и време е за промени.

„Трката е неизвесна. Многу пати сме го кажале ставот со кого може да се преговара за идната влада, сепак да почекаме да видиме и финално како ќе бидат поделени мандатите“, рече Јанушев.

Тој рече дека победиле во најголем број од градовите и населените места, но дека Донтовиот модел ја прави трката неизвесна.

„Факт е дека народот сака промени. Опозицијата на овие избори покажа дека има повеќе гласови од партиите на власт“, рече Јанушев.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети рече дека орелот се врати, прогласувајќи победа на неговата партија во албанскиот блок. ДУИ на изборите во 2016 освои 10, а на овие избори најмалку 12 пратеници, рече тој.

„Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и апсолутна победа“, истакна Али Ахмети пред партиското седиште на ДУИ во Мала Речица.

ДУИ на овие избори настапуваше со концептот „прв премиер Албанец“. ДУИ веќе 18 години е дел од власта, прво со ВМРО-ДПМНЕ, а изминатите 3,5 години е во коалиција со СДСМ.

Институциите и набљудувачите оценија дека имало мирен изборен ден, со мали неправилности и излезност која со оглед на пандемијата може да се каже дека е задоволителна.

ДИК соопшти дека излезноста на 15 минути пред затворањето на гласачките кутии била 50, 86 отсто.

Според податоците што ги објави на прес-конференција претседателот на ДИК Оливер Дерковски, најголема излезност има во Четвртата изборна единица – 59,79 проценти, а најмала и понатаму останува Шестата изборна единица со 39,23 проценти.

Во Првата изборна единица излезноста е 52,17, во втората е 47,97 проценти, во третата 57,31 и во петтата 50,16 проценти.

Претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски оцени дека изборниот ден поминал во најдобар ред, со мали спорадични инциденти. Деркоски вели дека излезноста со оглед на ситуацијата, е задоволителна.

„Изборниот ден помина во исклучително комплицирана сложена ситуација, меѓутоа помина одлично, со мали исклучоци кои во текот на денот заедно со вас ги расправавме. Можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет кој го покажаа во овој изборен ден“, рече претседателот на ДИК.

Како што информира Деркоски, до ДИК пристигнале неколку претставки за евентуално нарушување на изборниот процес и неколку приговори во смисла на повреда на избирачко право и на изборен молк, но, посочи, тоа не е нешто посебно што може да го наруши целиот изборен процес.

Генерална оценка е дека овие избори минаа во мирна фер и демократска атмосфера, рече вечерва министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој рече дека до Министерството за внатрешни работи имало пријави за агитација, делење пари за гласање, пишување графири, фотографирање на гласачко ливче, напад на полициски службеник и други неправилности, но оти изборниот ден генерално го оцени за мирен.

„Овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера и се уште еден доказ, како за демократската свест на граѓаните, така и за капацитетите на институциите, пред се на МВР, кои крајно одговорно бескомпромисно неселективно и согласно законски надлежности постапуваше, Нна ваков начин МВР претставувало силен гарант за спроведување на граѓанската волја, но и за почитување на словото на уставот и на законите“, рече министерот Чулев.

Полицијата на изборниот ден евидентирала 151 настани, од кои за 31 настани наводите во пријавите не биле потврдени.

Приведени биле осум лица поради расчистување на настаните – четворица поради фотографирање гласачко ливче, три лица за сторени прекршоци и едно лице кај кое биле пронајдени две гласачки ливчиња.

Најмногу, 38 настани биле регистрирани на подрачјето на СВР Струмица. Најмирно било на подрачјето на СВР Охрид, вели Чулев.

Изборите ги следеа 2550 домашни и 102 меѓународни набљудувачи.

Домашните набљудувачите регистрирале помали неправилности. Граѓанската асоцијација МОСТ регистрирала еден гласач кој го фотографирал гласачкото ливче, а во Битола на гласачко место било пронајдено вишок гласачко ливче. Од Цивил, кои исто така ги мониторираат изборите, констатираат дека изборниот ден поминуваат мирно, без посебни инциденти или поголеми проблеми во гласањето. Мониторингот на ЦИВИЛ бележи еден случај на лажни вести, а нотираат и дека има провокации кон нивните набљудувачи.

Граѓаните гласаа на предвремените парламентарни за избор на 120 пратеници, кои ќе бидат дел од десеттиот парламентарен состав. Право на глас имаа 1.814.263 гласачи. Поради пандемијата изборниот ден се одвиваше според посебни здравствени протоколи со заштитна опрема и на дистанца.

Комисијата на јавното обвинителство која следи евентуални нерегуларности поврзани со изборите констатираше дека парламентарните избори 2020 година се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број нерегуларности, соопшти вечерва јавниот обвинител Џелал Бајрами, претседател на Комисијата.

До јавните обвинителства пристигнале 24 известувања за евентуални изборни нерегуларности.

Изборите доколку беа редовни требаше да се одржат на 11 декември, но одлуката да се одржат предвреме уследи откако минатиот октомври земјата не доби датум за почеток на преговори и покрај тоа што го смени името на државата. Потоа лидерите на партиите на средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски се договорија предвремени избори да се одржат на 12 април. Но поради пандемијата на коронавирусот изборите беа ставени во мирување, а за нов датум беше избран 15 јули.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG