Достапни линкови

Мирен изборен ден, сите очекуваат победа


Зоран Заев, Зијадин Села, Билал Касами, Али Ахмети и Христијан Мицкоски
Зоран Заев, Зијадин Села, Билал Касами, Али Ахмети и Христијан Мицкоски

Над половина од гласачите го искористиле своето право на глас на денешните предвремените парламентарни избори. Поради пандемијата изборниот ден траеше два часа подолго, наместо до 19 часот, се гласаше до 21. Излезноста заклучно до 20 часот и 45 минути изнесува 50, 86 отсто. Изборниот ден минаа мирно, со спорадични проблеми, велат од ДИК. И набљудувачите регистрираат помали неправилности. Граѓаните денеска избираа пратеници за десеттиот состав на собранието. Првичните резултати се очекуваат доцна вечерва.

Мирен изборен ден, со мали неправилности и излезност која со оглед на пандемијата може да се каже дека е задоволителна. Вака го оценуваат изборниот ден и институциите и набљудувачите. И партиите од власта и тие од опозицијата очекуваат победа.атмосфера.

Излезноста на предвремените парламентарни избори до 20:45 часот изнесува 50, 86 отсто, соопшти Државната изборна комисија.

Според податоците што ги објави на прес-конференција претседателот на ДИК Оливер Дерковски, најголема излезност има во Четвртата изборна единица – 59,79 проценти, а најмала и понатаму останува Шестата изборна единица со 39, 23проценти.

Во Првата изборна единица излезноста е 52,17,во Втората е 47,97 проценти, во Третата 57,31 и во Петтата 50,16 проценти.

Претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски оцени дека изборниот ден поминал во најдобар ред, со мали спорадични инциденти. Деркоски вели дека излезноста со оглед на ситуацијата, е задоволителна.

„Денешниот изборен ден помина во исклучително комплицирана сложена ситуација, меѓутоа помина одлично, со мали исклучоци кои во текот на денот заедно со вас ги расправавме. Можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет кој го покажаа во овој изборен ден“, рече претседателот на ДИК.

Како што информира Деркоски, до ДИК пристигнале неколку претставки за евентуално нарушување на изборниот процес и неколку приговори во смисла на повреда на избирачко право и на изборен молк, но, посочи, тоа не е нешто посебно што може да го наруши целиот изборен процес.

Генерална оценка е дека овие избори минаа во мирна фер и демократска атмосфера, рече вечерва министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој рече дека до Министерството за внатрешни работи имало пријави за агитација, делење пари за гласање, пишување графири, фотографирање на гласачко ливче, напад на полициски службеник и други неправилности, но оти изборниот ден генерално го оцени за мирен.

„Овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера и се уште еден доказ, како за демократската свест на граѓаните, така и за капацитетите на институциите, пред се на МВР, кои крајно одговорно бескомпромисно неселективно и согласно законски надлежности постапуваше, Нна ваков начин МВР претставувало силен гарант за спроведување на граѓанската волја, но и за почитување на словото на уставот и на законите“, рече министерот Наќе Чулев.

Денеска биле евидентирани 151 настани, од кои за 31 настани наводите во пријавите не биле потврдени.

Приведени биле осум лица поради расчистување на настаните – четворица поради фотографирање гласачко ливче, три лица за сторени прекршоци и едно лице кај кое биле пронајдени две гласачки ливчиња.

Најмногу, 38 настани биле регистрирани на подрачјето на СВР Струмица. Најмирно било на подрачјето на СВР Охрид, вели Чулев.

Николовски – Очекуваме сигурна победа на СДСМ

Партиите и од власта и од опозицијата очекуваат победа.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој е и носител на кандидатската листа во третата изборна единица, вечерва рече дека според првичните информации коалицијата предводена од СДСМ е во огромно водство. Тој сепак не одговори колку пратенички места очекуваат.

„Со право очекуваме потврда на резултатите од анкетите и сигурна победа на СДСМ и чист мандат за коалицијата „Можеме“, рече Николовски.

Јанушев - Засега водиме со 7-8 пратеници разлика

Победа очекуваа и во ВМРО-ДПМНЕ. Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев рече дека обновата доаѓа. Јанушев очекува разлика од 7-8 пратеници предност за ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи дека имало околу 20 неправилности за време на изборите за кои ги известиле надлежните.

„Победуваме во Македонија, победуваме речиси секаде“, рече тој.

Османи – Да се обединиме за Албанец премиер

Бујар Османи од ДУИ на прес-конференција им заблагодари на граѓаните кои, како што рече, и покрај пандемијата излегле во голем број да ѝ дадат легитимитет на наредната влада.

„Очекуваме да бидеме клучен фактор во детерминирање на понатамошните политички чекори во државата“, рече Османи.

Тој ги повика партиите од албанскиот блок да се обединат околу идејата на Албанец премиер.

„Граѓаните веќе ја дадоа поддршката, сега и партиите треба да се обединиме, за да направиме денеска историја“, рече Османи.

Арбен Таравари од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вечерва на прес-конференција во Скопје рече дека информациите, што ги имаат од нивните штабови, покажуваат дека се во предност и очекуваат победа. Но, според него, ова биле најнекоректни избори.

„Трендот е во наша предност. Сме биле под притисок од три страни и тие соработувале за да не оштетат нас. Ние сме оштетена страна во овој изборен процес“, рече Таравари.

Тој очекува лидерите на партиите да излезат за кратко и да ги кажат конечните резултати.

Изборите ги следат 2550 домашни и 102 меѓународни набљудувачи. Домашните набљудувачите регистрирале помали неправилности. Граѓанската асоцијација МОСТ регистрирала еден гласач кој го фотографирал гласачкото ливче, а во Битола на гласачко место било пронајдено вишок гласачко ливче. Од Цивил, кои исто така ги мониторираат изборите, констатираат дека изборниот ден поминуваат мирно, без посебни инциденти или поголеми проблеми во гласањето. Мониторингот на ЦИВИЛ бележи еден случај на лажни вести, а нотираат и дека има провокации кон нивните набљудувачи.

Граѓаните гласаа на предвремените парламентарни избори на кои треба да изберат 120 пратеници, кои ќе бидат дел од десеттиот парламентарен состав. Право на глас имаат 1.814.263 гласачи. Поради пандемијата изборниот ден се одвиваше според посебни здравствени протоколи со заштитна опрема и на дистанца.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG