Достапни линкови

Албанската платформа на ДУИ „лет во празно“


Ниту една партија до сега не го коментираше јавно новиот предлог „албанска платформа “ на ДУИ со која по етничка основа се бара таа да биде единствената што ќе преговара за влез во новата Влада. Аналитичарите велат дека таа е очајничка и недемократска порака.

Лет во празно и очајничка еднонационална порака е предлог „албанската платформа “ на ДУИ во пресрет на официјалните преговори за формирање на Влада, велат дел од аналитичарите. Петте столба кои ги промовираше досегашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи од ДУИ е далеку од европските вредности и оди против досегашниот концепт „едно општество за сите “ во Владата во која учествуваа и тие вели професорот Никола Дујовски.

Османи со предлог „платформата“ бара да не се ситнат гласовите на Албанците и ги групира по етничка линија потоа бара партијата што ќе победи да води преговори за формирање влада, а второ рангираната партија да не се меша како што беше случај во 2006 година.


Слична ситуација имаше и во 2017 година кога ВМРО – ДПМНЕ имаше пратеник плус, но по неколку месеци лидерот на СДСМ Зоран Заев доби мандат и коалицираше со ДУИ.

Во предлогот е наведено и дека опозициските партии од албанскиот блок да и дадат поддршка на ДУИ за стратегиски прашања, а да критикува само за дневно политички теми.

Според Дујовски, ваквите политики се целосно погрешни затоа што значат враќање назад кон етноцентризам и покажуваат дека ДУИ се режим за Албанците во земјава, кој се плаши дека за прв пат по толку години може навистина да замине во опозиција.

„Ми се чини како лет во празно. Јас ова го гледам како политика на очајници кои се свесни дека не направиле ништо и сакаат ова преку изборниот инженеринг, да го валоризираат како сопствена победа. Ако се прочита во детали, што тие бараат, тоа апсолутно нема никаква врска со развој на општеството. Апсолутно погрешно и не само против европските вредности туку и против цивилизациските вредности е сето ова. Ние ваквиот начин го надминавме“ вели Дујовски.

Професор Башким Селмани од Факултетот за општествени науки, вели дека иако ДУИ се декларира како проевропска и про НАТО партија, сепак со оваа „платформа“ си го покажува недемократското лице.Тој додава дека токму првите два предлога се против демократските начела.

„Не може никој да легитимира, или да упати некој дали да формира партија и да се понуди како избор на гласачите, во демократскиот систем група луѓе имаат право да формираат партија, исто така секој има право да избира пратеник во Собрание. Мислам дека тоа не е демократско, не може некој да кажува кој ќе основа партија или ќе оди на избори,“ вели Селмани

Дујовски не очекува, како што вели, ниту еден разумен политичар во албанскиот блок да ги земе в предвид ваквите барања, и додава дека ДУИ нема таков легитимитет за ваквите барања и покрај тоа што освоија 100 илјади гласови.

„Тие едноставно не се релевантен партнер за идната македонска влада, но се нужно зло, без кое ако Заев не успее да обезбеди барем уште два, тројца други пратеници, ќе мора да ги вклучат во новата Влада. Но, нивниот концепт е концепт на минатото, ова што го читам сега, за мене е силно разочарување од луѓе кои што се декларирани како млади и европски политичари, а таму се претежно млади и се декларираат како Европјани. Со вакви еднонационални или националистички пораки да се оди во концепт кој е сосема погрешен и спротивен на концептот на Владата во која учествуваа во последниве две и пол години, за мене е поразителна политика“, вели Дујовски.

Селмани додава дека се согласува со делот од „платформата“ кој се однесува на принципот „победник со победник “.

„Но, ако се анализира од претходно, ниту една од политичките партии досега не се придружуваат до тој принцип. Тој принцип од 2006 навака не е почитуван, затоа велам дека е потребно со закон да бидат регулирани тие постапки, “ вели Селмани.

Според него, проблемите во земјава ги сочинуваат само политичките партии кои што водат сметка само за своите интереси а не во интерес на граѓаните и државата. Тој додава дека во период на пандемија, политичките партии покажа дека ги интересираат само финкционерските столчиња, но не и главниот јавен интерес – јавното здравје.

Како пандан на „албанската платформа“ денеска се очекува протестен марш на Алијансата на Албанците против изборен грабеж за кој го обвинува исклучиво ДУИ. Предлогот на ДУИ за „групирање“ по етнички линии на партиите на Албанците доаѓа во период кога со освоени 15 пратенички мандати, се уште „виси во воздух“ прашањето дали ќе биде дел од новата Влада и ако биде со која партија ќе седне на функционерските столчиња. Со новата „платформа“ која подразбира преговори „победник со победник“, ДУИ се ослободува од грижите за теоретските можности и комбинаторики во преговорите за нова Влада. Но, ваквото коалицирање во неколку наврати беше проблематизирано бидејќи токму партијата на Ахмети го прекрши принципот.

Дополнително етничката политичка карта во Собранието со овие избори е сменета. Во пратеничките клупи ќе седнат повеќе пратеници Албанци кои не членови на досегашната владејачка ДУИ.

На предвремените парламентарни избори, коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои 46 пратенички места, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Обнова на Македонија“ добија 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник. Ниедна од партиите до сега не објави подетални информации за преговори околу парламентарно мнозинство, врз основа на што се добива мандатот за формирање Влада.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG