Достапни линкови

Формирањето влада ќе ги стивне меѓуетничките тензии


Рејтингот на власта зависи од менаџирањето на кризата
Рејтингот на власта зависи од менаџирањето на кризата

Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први во разговор за Радио Слободна Европа оценува дека владата треба да има неколку приоритети. Марковиќ меѓу нив ги набројува здравството, економијата и образованието. Тој вели дека изборните резултати упатуваат порака до раководствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Професоре Марковиќ, што според вас треба да биде првата задача на идната влада?

Има еден патоказ кој го даваат изборните резултати кои покажуваат разочараност кај луѓето, меѓутоа две работи се поврзани со последиците од коронавирусот- самото справување со епидемиолошката ситуација секако е приоритет без никакви задршки и справувањето со економската криза која веројатно од есен ќе биде поинтензивна. Третата работа во која треба да се инвестира најмногу е образованието и образовниот процес. Четвртата работа е она што ќе се случува со преговарачката рамка. Очигледно е дека преговорите ќе почнат со Европската унија, ќе треба да се формираат тимовите и во таа смисла тоа ќе биде многу високо на надворешно политичките приоритети на која било идна влада.

Пред изборите зачестија меѓуетничките препукувања. Мислите дека тие ќе спласнат во периодов што следи?

Мислам дека ќе ги обедини желбата за власт, дека ќе ги обедини „поделбата на пленот“ кој го добија на изборите, така што ќе спласнат сигурно, до некои следни избори кои би можеле да бидат за жал многу брзо. Дотогаш ќе имаме примирување. Нема некои особени причини, надвор од ова предизборно и постизборно мерење на силите условно кажано, особено меѓу ДУИ и СДСМ, да постојат меѓуетнички тензии. Работите во државата, освен на епидемиолошки план, сега за сега одат добро во врска со зачленувањето во НАТО, приближувањето кон Европската унија, односно надворешно политичките приоритетите се остваруваат еден по еден иако тоа ќе биде долг процес. Економијата веројатно ќе биде еден сериозен проблем, но мислам дека тука некакви меѓуетнички тензии нема да му помогнат на ниеден начин. Она што се подигна сега како привидни меѓуетнички тензии беше во смисла на некаква регрутација на гласови пред изборите и тоа мислам дека ќе стивне во оној момент кога ќе се формира влада.

Каква поука треба да извлечат партиските раководства особено на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ според вас, кои имаа повеќе од 100 000 помалку гласови во споредба со изборите во 2016 година?

ВМРО-ДПМНЕ треба да извлече поука дека не се реформираа доволно и дека граѓаните не паднаа на оваа псевдо реформа која се случи кај нив, или не докрај изведена. Тие мора сериозно да размислуваат на повеќе полиња. СДСМ пак треба да извлече една многу проста порака, дека градоначалниците на СДСМ мора да почнат да работат нешто. Треба СДСМ да седне и да види во кои општини стојат најкастрофално и да ги подучи своите градоначалници да почнат нешто конкретно да работат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG