Ахмети незаменлив за лидер на ДУИ

Али Ахмети

Али Ахмети е најдолговечниот лидер на партија во Македонија, а веројатно ќе продолжи да ја води ДУИ и во наредниот период. Причината е во тоа што, освен со мал прекин, ДУИ е постојано на власт од 2002 година.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети најверојатно повторно ќе биде избран за лидер на партијата на конгресот кој ќе се одржи на 21 декември. Последен пат Ахмети, кој е прв човек на ДУИ од формирањето на партијата во 2002 година, беше избран во 2014 година со мандат од четири години, кој требаше да истече лани.

Во меѓувреме во јавноста се појавија гласини дека тој планира да се повлече откако земјава ќе стане членка на НАТО, што е веќе извесно.

Но, на прашањето дали може да се очекуваат промени во раководството на ДУИ, министерот за економија Крешник Бектеши, кој е и член на партијата, вели дека тренерот на тимот што победува не се менува.

„Јас мислам дека Али Ахмети има уште многу да ѝ даде на политиката во Северна Македонија, имајќи предвид дека ние ги решивме сите крупни прашања, сме пред целосно зачленување во НАТО, пред почнување на преговорите со ЕУ. Во ДУИ екипата што победува не се менува, а посебно не тренерот или лидерот. Секако дека ќе има измени во раководството на ДУИ, но најбитно за граѓаните и поддржувачите на ДУИ е дека ќе излеземе со нова програма“, вели Бектеши.

Видете и ова: Политичката драматика за Законот за јазици заради изборите

ДУИ на парламентарните избори во 2014 година освои околу 154 илјади гласа, или 19 пратеници, а две години подоцна, односно во 2016 година, околу 87 илјади гласови или 10 пратеници. Бектеши е убеден во подобри резултати на предвремените парламентарни избори договорени за 2020 година.

„Значи не сме 2016 година, моментално сме 2019 година, а изборите се предвидени за 2020 година, вие ги имате и анкетите и тука многу јасно се кажува која политичка партија има најголема доверба. Значи не зборувам за падот на бројот на пратеници, туку за анкетите кои покажуваат дека ДУИ е поодржано од мнозинството Албанци, и ДУИ ќе биде одлучувачки фактор на следните избори“, изјави Бектеши во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.

Според аналитичарот Владимир Божиновски една од причините за долготрајноста на Ахмети на лидерското столче е тоа што ДУИ во изминативе 17 години со краток прекин е постојано на власт и доколку ДУИ не биде дел од следната власт по изборите во април, дури тогаш може да се очекува некаква промена во партијата.

„Втората причина која можеби е позначајна е дека очигледно Али Ахмети е ДУИ и ДУИ е Али Ахмети. Значи без него може да се случи, мислам тој е она сврзивно ткиво што ја држи партијата во целина. Ние сме свесни дека во минатото имаше многу сериозни судири меѓу различни крила или општински ограноци на партијата и дека најверојатно благодарејќи на Али Ахмети тие некако се менаџираат сè уште. Така што прашање е колку може да опстои ДУИ ако не е Али Ахмети“, вели Божиновски.

Инаку досега сите поголеми партии сменија неколку лидери. Од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ партијата ја водеа Љубчо Георгиевски, Никола Груевски и сега Христијан Мицкоски. Во СДСМ пак лидери беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и сега Зоран Заев.