Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата.
Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настани, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група.
Ова е (пре)краткото соопштение од Министерството за култура испратено до јавноста по цели два дена од немилите настани во Македонскиот народен театар. И, толку од нив.
Симона Угриновска, директорка на оваа наша национална институција, појаснува дека настанот што се случи во петокот бил во организација на Владата, на Министерство за култура и на пратеникот Артан Груби. Било планирано одбележување на 22 ноември Денот на албанската азбука и во рамките на тој настан требало да се одржат два поединечни настани.
Таа дополнува дека за вториот настан каде што настанал инцидентот тие во МНТ немале информација дека ќе биде емитуван документарен филм посветен на навивачките групи и дека на него ќе присуствува некоја навивачка група на фудбалски клуб.
- На сите мои прашања за што станува збор ми беше кажано само проекција на документарец. Јас мислев дека е тоа во духот на прославата и во духот на оној прв настан кој помина беспрекорно и на кој зборуваше и премиерот Зоран Заев. Затоа не очекував таква една убава прослава да биде искористена за едно вакво, би рекла, подметнување на друг настан кој нема никаква врска со денот, пак ќе кажам Денот на албанската азбука. До почетокот на проекцијата ние не ни знаевме дека ќе дојдат навивачите и се случи, тоа што се случи. Ова е за секоја осуда. Убав ден, убав настан да се злоупотреби за вакво нешто. Не од друга причина туку се знае каде е местото на навивачките групи, ним не им местото во МНТ за тоа се стадионите, вели Угриновска.
Актерот Сенко Велинов истакнува дека целата работа сега делува прилично застрашувачки затоа што е екстремна и не сме имале ваков пример навивачки групи да дивеат во најголемата национална театарска зграда. Тој дополнува дека не е тоа врв на ледник, ниту случаен испад туку дека целата работа е почната одамна – во времето кога престанаа зградите на театрите да се третираат како нешто посебно и свето туку само како објекти кои служат за изнајмување за разни настани. Велинов потсетува дека на времето за тоа служела Универзална сала во Скопје кадешто се одвиваа разни настани, а театрите се чуваа за специјални културни настани од малку повисок матрап. Тој смета дека ова што се случува е непримерно, недолично ... но од друга страна јавно прашува дали само тоа треба да се коментира или треба да се коментираат сите оние постапки којшто доведуваат до вакви настани.
- Ова само е дел од многуте нон-сенси којшто ни се случуваат. Живееме за жал во едно такво време кадешто не можеме да ги наброиме будалаштините. Еве ни се случува уште еден таков настан којшто ќе не обележи, за жал, во наредниов период. Сметам дека доколку не се поведе вистинска сметка за вредностите, а тоа ќе се поведе само доколку се поведе вистинска грижа и за самата држава всушност. Ние сме сведоци дека голем дел од вредностите се еродирани, така да ова е само последица на целокупните активности во оваа држава. Не е чудо да ни се случуваат и пострашни работи од оваа ако се продолжи со ваков третман кон државата, а со самото тоа и кон културата и културните институции во државата, дециден е Сенко Велинов.
Дарија Андовска, професор на Музичката академија и композитор, знае да каже дека ја разбира до некаде пазарната стратегија и заработката од издавање на просторот со цел на негово одржување што не значи дека и ја оправдува.
- Сепак сите тие простори се со посебна намена, македонска опера и балет, Македонска филхармонија, Македонски народен театар ...и се, нагласувам, државна сопственост. Тие се заедничко добро. Не се маалско гранапче, приватно, па газдата да си решава што сака да прави за да профитира. Кон институции кои се храмови на уметноста односот треба и мора да е исклучив и селективен. Навивачката група „шверцери“ и нивната така наречена „прослава“ е скандалозна. Видео снимките од дивеењето буквално парализираат. За тоа мора да се превземе одговорност и да се сносат последици. Почнувајќи од министерството под чија надлежност е театарот, па до сите учесници во вандализирањето. Одговорност морална и финансиска. Санкции и парична отштета, истакнува Дарија Андовска.
И, кога сме веќе кај одговорноста од МНТ велат дека во тек се проценките за настанатата штета и дека очекуваат наскоро да излезат со информација.
Во меѓувреме на Малата сцена во МНТ вечерва ќе биде премиерата на „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев, а утревечер на репертоарот е „Бесачи“ од бугарскиот режисер Јавор Грдев.
Навивачката група Шверцери на фудбалскиот клуб Шкупи, пак негира дека кршеле, дивееле и дека упатувале навредливи зборови на прославата на 30 години постоење на навивачката група, што во петокот се одржа во МНТ. Од навивачката група велат дека информациите дека „дивееле“ се невистинити и шпекулации.