Би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ ако нејзиниот лидершип се расчисти од сите досиеја кои се отворени од Специјалното јавно обвинителство. Ова е ваша изјава пред изборите во 2016 година. Што се смени сега за да седнете на маса со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ?
Да се седне и да се разговара со опозициска партија за нас е природно, затоа што имаме многу работи за кои треба да разговараме. Останува нашата позиција дека би коалицирале со која било македонска политичка партија, која ќе ги сподели нашите програмски заложби.
Разговаравте со ВМРО-ДПМНЕ дали имате заеднички програмски заложби?
Разговаравме за некои работи кои се опозициски работи, а треба да разговараме, да се координираме во правец на изборниот законик, затоа што во изборниот законик се прецизира дека некои работи се за позиција, некои за опозиција. За тие работи кои се поврзани со опозиција ние мора да седнеме и да се координираме. Се координираме за некои работи во однос на решенијата кои ние би требало да ги понудиме како опозиција за законите кои се во процедура, во таа насока и за законот за јавно обвинителство итн. Уште е рано ние да разговараме за коалиција со која било партија, дали македонска, дали албанска, затоа што уште е рано да се разговара за избори, иако ние баравме предвремени избори. Во ова време разговорите со опозициските партии се во правец на координација, како опозиција.
За вредностите ве прашувам, за заеднички вредности кои би ви биле со ВМРО-ДПМНЕ?
Епа за заедничките вредности ќе разговараме кога ќе дојдат избори. Тогаш ќе седнеме и ќе видиме дали има сменето нешто во лидершипот на ВМРО-ДПМНЕ или не и дали би коалицирале со нив.
Изјавувавте дека се додека на високите политички функции споменувајќи ја и претседател на собранието не биде поставен Албанец, Македонија секои 10 или 15 години ќе се соочува со длабока политичка криза. Еве две години Талат Џафери е собраниски спикер, добија нешто Албанците со тоа?
Ништо не добија. Талат Џафери е претседател на Собранието и тој не ги претставува Албанците, тој ја претставува ДУИ. Тоа се гледа низ целото двегодишно функционирање на Собранието. Јас останувам на тоа дека за Македонија да биде држава во која сите сакаме да живееме, мора да се тргне предрасудата дали некој на некоја позиција ќе дојде само заради тоа што е Македонец или Албанец. Македонија ќе ја биде само тогаш кога граѓаните ќе се определат за една личност без разлика дали е Македонец или Албанец, туку ќе се определат според тоа кои вредности ги претставува, вредности кои заеднички ги споделуваме, а тоа се европски вредности.
Но сепак господине Касами, вие зборувате низ призма на Албанците. Ќе се обидете ли како Беса да ги придобиете и грубите гласачи и Македонците, Ромите, останатите етнички заедници, да им понудите и на нив конкретна програма?
Треба да направиме една разлика со тоа што ние бараме правда и права за Албанците, тоа за нас е многу важно затоа што Албанците и по Устав и по демографските бројки се многу важен елемент на државноста на Македонија. По сите параметри тие не малцинство класично, како другите малцинства. И ако тоа население не е задоволно, не ја има можноста да придонесува за развитокот на државата, државата постојано ќе се справува со кризи.
Според испитувањата на јавните мислења и за Македонците нема правда и правдина во општеството.
Затоа ние зборуваме за правда и правдина, кога цело време зборуваме за делимични решенија ние ќе се справуваме со оваа ситуација. Ние сакаме еднаш за секогаш овие прашања да се затворат и заеднички да се бориме за заедничките проблеми кои ги споделуваме како граѓани, без разлика дали сме Албанци или Македонци. Ние не сакаме и понатаму албанските политички партии да опстојуваат во политичкиот живот само со тоа што ќе бараат правда и права за Албанците. Ние сакаме еднаш за секогаш со општествен договор меѓу Македонците и Албанците да се затворат и да почнеме да разговараме за проблеми кои заеднички не тангираат.
Целото интервју со претседателот на Беса, Биљал Касами, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.