Онлајн настава - системско решение или волја на наставниците?

Архивска фотографија-Прес-конференција на министерот за образование и наука Арбер Адеми

Додека дел наставници, родители и ученици се збунети од онлајн наставата која се одвива речиси еден месец поради коронавирусот, министерот за образование Арбр Адеми убедува дека се работи за системско решение.

Речиси еден месец по воведувањето на далечинската настава поради пандемијата од коронавирусот, училиштата се празни, а домовите во дел од денот претворени во училници. На социјалните мрежи има различни коментари, некои родители сметаат дека е добар начинот, некои, пак дека едноставно не се во можност тие да бидат и учители. Речиси секој има различно искуство, некаде учениците се преоптоварени, некаде воопшто немаат двонасочна комуникација со наставникот.

Видете и ова: Критики и фалби за далечинското образование на државните училишта

Министерот за образование Арбер Адеми, пак, тврди дека се работи за системско решение. Тој вели дека веќе се донесени три уредби со законска сила, во кои се предвидува далечинското учење. Предвидено е, додава тој, ваквиот тип на учење да се врши преку средствата за електронска комуникација и дека задолжително треба да има двонасочна комуникација наставник-ученик.

„Конкретно, мислиме на видео конференциските платформи, електронската пошта и секое друго средство за електронска комуникација. Секако дека треба да се одржи таа комуникација меѓу наставникот и ученикот, затоа што наставникот е оној кој го следел во континуитет својот ученик“, вели Адеми.

И додека министерот е задоволен од тоа како досега се одвива онлајн наставата професорите отвораат други дилеми. Професорката Елка Даскалова, директор на основно училиште Владо Тасевски вели дека училиштата и наставниците се подготвени, но она што загрижува е што во родителските домови колку луѓе тоа може да си го дозволат и може да следат таков тип на настава. Но, таа додава дека не смее да се загрози правото на образование и во вонредна состојба и дополнува дека важно е да се каже дали надлежните имаат испланирано колку е одржлива онлајн наставата.

„Тешко е во вакви услови и не знам колку ќе биде одржливо. Колку ќе издржат децата, учениците, дали ќе може да се плати. Почнавме со платформи се прилагодивме ја прифативме ситуацијата, но треба да се размислува за одржливост. Дали има смислено што понатаму за да не се загрози и оваа онлајн настава“, вели професорката Даскалова.

Видете и ова: Многу непознаници за онлајн наставата

Во моментов поради светската пандемија со коронавирусот , како што соопшти организација за oбразование, наука и култура на Обединетите нации УНЕСКО повеќе од 180 држави одлучија да ги затворат образовните институции. Тоа се одразува врз речиси 90 отсто од учениците и студентите во светот, наведува УНЕСКО.

Некои од нив и во светот и во Македонија пак немаат пристап до интернет ниту пак до технички уред.

„Ние ќе обезбедиме интернет за сите деца, најбитно е сега сите да имаат пристап до интернет и затоа со министерот Дамјан Манчевски ќе доделуваме ваучери за пристап до Интернет. За обезбедување на ИТ уред веќе сме во комуникација со потенцијални донатори“, вели Адеми во интервјуто кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Инаку, покрај опциите за интернет едукација на Македонската радио телевизија секој работен ден оди програмата ТВ училница на која наставници од земјата предаваат различни предмети од разни одделенија. Учениците се дома од десетти март, кога владата донесе таква одлука во обид да го спречи ширењето на коронавирусот. Првично мерката беше најавена како двонеделна, но потоа се продолжи поради ширењето на вирусот, а во земјава е прогласена и вонредна состојба. Засега проценките се дека школската година најверојатно нема да продолжи во училишните клупи.