Дел од професорите велат дека добро е што се донесе законска одлука да се овозможи учење со помош на електронска комуникација во основно средно и високо образование, но многумина и дополнуваат дека учењето на далечина не зависи само од подготвеноста на наставниците туку и на родителите како и на надлежните институции.
До нивниот коментар доаѓа откако вчера на седница владата донесе одлука наставата, испрашувањето, полагање испит и оценување да се одвива по електронски додека трае вонредната состојба во земјава.
Дел од дилемите во меѓувреме денеска ги разреши министерот за образование и наука Арбер Адеми кој одржа пресс конференција. Тој информираше дека одобрена е првата национална платформата за далечинско учење - www.eduin.gov.mk - и веќе се пријавени повеќе од 600 наставници кои ќе ги снимаат методските единици за сите премети. Оваа платформа ќе биде во употреба од утре. Адеми додаде дека за изработка на оваа платформа се користеа искуствата од земјите во регионот, особено во Хрватска. Оваа платформа е изработена во соработка со Бирото за развој и УНИЦЕФ.
„Јасно е дека сите образовни установи нема да бидат отворени и во наредниот период нема да продолжат со регуларна настава. Но, ова не значи дека учебната година треба да ја прогласиме за завршена. Затоа Владата и Министересгвото заобразовани и со поддршка на УНИЦЕФ и граѓански организции понудивме мерки за продолжување на наставата со учење од дома. Наставниот кадар ќе реализра настава, вежби тестирања и оценки за објективно оценување“, изјави Адеми на денешната прес конференција.
Инаку и досега некои од факултетите веќе применуваа елeктронско учење, додека во основните и средните училишта тоа беше по избор, па оттаму очекуваат МОН да даде и поконкретни насоки за наставниците како тоа да го изведуваат.
„Тоа е двонасочен процес и колку реално ќе биде изводливо не зависи само од подготвеноста на наставникот или професорот, туку зависи и од тоа колку учениците ќе имаат можност да се вклучат во смисла на технички услови“, вели Елена Џукеска професорка на Филозофскиот факултет во Скопје.
Таа дополнува дека она што загрижува е дека секаде интернетот веќе е преоптоварен. Тоа го најавуваат како проблем и развиените земји па се намалува резолуцијата за видеа преку видео конференциски врски или преку Јутуб.
Професорката Џукеска меѓутоа, вели дека постојат и други опции, а тоа е електронска комуникација, значи давање инструкции за учениците и преку е-пошта и оти тоа може да функционира. Но, таа дополнува дека има и други непознаници за кои треба да се размисли.
„Треба и родителите и студентите да се вклучат активно. Понатаму прашање е како ќе биде оценувањето, ќе треба поголема поддршка од институции, тоа не може да биде оставено на индивидуално дејство на наставници и на професори“, вели професорката Џукеска.
Инаку, и досега некои професори и факултетите се снаоѓаа на свој начин преку електронски пат да остварат комуникација за студентите и да одржат предавања. Некои држат предавања преку скајп, некои преку Јутуб, а некои користат друга електронска комуникација.
Полесно е за факултетите кои имаат претежно теоретска настава. Но, за некои од факултетите како драмски е малку поголем проблем да организираат настава по електронски пат, односно тоа практично е невозможно за дел од предметите.
Професорката Зоја Бузалкова вели дека ФДУ има теоретски предмети, но и доста практични предмети.
„За практичните предмети онлајн наставата е практично невозможна или само делумно возможна, но не може до крај да ги задоволи потребите на наставата онака како што е замислена зашто е потребен контактот во живо меѓу студентите, комуникацијата па и вежби и танци и говор актерска игра, режија, сето тоа во голем дел од работата бара жива комуникација, простор, допир, контакт и не може онлајн до крај да се изведе“, вели Бузалкова.
Таа дополнува дека на ФДУ има во голем дел и теоретски предмети кои е апсолутно возможно да се одржат онлајн и дека првична проценка на професорите е дека дури и испити може да се одвиваат на далечина.
Колку е одржлива онлајн настава?
Дел од средните и основните училишта наведуваат дека имаат направено платформи и неформални вибер групи преку кои наставниците контактираат со своите ученици, но оттаму укажуваат дека институциите треба да размислуваат и за одржливоста во смисла колку деца дома имаат компјутер и дали сите ќе може тоа да го платат.
Професорката Елка Даскалова е директор на основно училиште Владо Тасевски во Скопје. Таа наведува дека од 1039 ученици колку што учат во ова училиште досега се пријавени 16 ученици, меѓу нив, и тие со посебни потреби кои немаат компјутер во своите домови или пак, што се вклучени во наставата на поинаков начин.
„Училиштата и наставниците се подготвени, но она што загрижува е што во родителските домови колку луѓе тоа може да си го дозволат и може да следат таков тип на настава. Но и за тоа сме подготвени. Во училиште имаме дежурни екипи кои се грижат за тие родители кои не може по екектронски пат да добијат насоки. Сите наставници дефектолози за деца со посебни потреби им подготвуваат на неделно ниво задачи, родителот доаѓа ги зема тие задачи со цел децата кои немаат компјутер да бидат опфатени“, вели професорката Даскалова.
Таа укажува дека не смее да се загрози правото на образование и во вонредна состојба и дополнува дека важно е да се каже дали надлежните имаат испланирано колку е одржлива онлајн наставата.
„Тешко е во вакви услови не знам колку ќе биде одржливо. Колку ќе издржат децата, учениците, дали ќе може да се плати. Почнавме со платформи се прилагодивме ја прифативме ситуацијата, но треба да се размислува за одржливост. Дали има смислено што понатаму за да не се загрози и ова онлајн настава“, вели професорката Даскалова.
Инаку, од Владата информираа дека образовните институции сами ќе одлучуваат со кои онлајн платформи и електронски комуникации ќе се одвива наставата и оценувањето.
„За периодот на организирање на наставата во основните и средните училишта за учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците. Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот“, соопшти Владата која ги донесе уредбите со кои стапуваат во сила овие одлуки.
Оттаму дополнуваат дека полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши преку електронска комуникација, но под услов да се обезбедат соодветни технички решенија за идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето.
„Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска и, магистерска и докторска, како и задача или труд“, напоменува Владата.