Достапни линкови

Електронско оценување и предавање, одлучи Владата


Илустрација
Илустрација

Наставата, испрашувањето (полагањето испити) и оценувањето во основните, средните училишта и на факултетите ќе се одвива електронски додека трае вонредната состојба во земјава. Оваа одлука ја донесе Владата на вчерашна седница.

Образовните институции сами ќе одлучуваат со кои онлајн платформи и електронски комуникации ќе се одвива наставата и оценувањето.

„За периодот на организирање на наставата во основните и средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците. Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот“, соопшти Владата која на вчерашната седница ги донесе уредбите со кои стапуваат во сила овие одлуки.

Оттаму дополнуваат дека полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши преку електронска комуникација, но под услов да се обезбедат соодветни технички решенија за идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето.

„Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд“, напоменува Владата.

И работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација.

Според Уредбата, (ре)акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, чија важност престанала или ќе престане за време на вонредната состојба, продолжува да важи најмногу една година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата, не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им продолжува до изборот на нови органи и тела. Високообразовната установа е должна најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанување со важење на оваа Уредба да почне, односно да ја продолжи постапката за избор на органите и телата од став 1 на овој член.

Одредбите од Уредбата за Законот за високо образование не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учеството на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.

XS
SM
MD
LG