Достапни линкови

Критики и фалби за далечинското образование на државните училишта


илустрација
илустрација

Додека приватните училишта и универзитети веќе некое време држат предавања преку видео конференции, државните образовни институции се обидуваат да се адаптираат на новите платформи за едукација. Класичната онлајн настава најверојано нема да биде опција до крајот на учебната година.

Епидемијата на коронавирусот во земјава која стави клуч на образовните институции, ги принуди просветните работници и учениците класичното учење да го заменат и адаптираат со таканареченото „далечинско учење“. За таа цел во моментот се достапни интернет платформите за учење преку компјутер, образовни емисии на јавниот сервис, националната платформа едиуно, преку која наставниците преку кратки видеа им ги предаваат на учениците соодветните наставни програми.

Далечинско учење на државните училишта нецелосно

Додека државните училишта и наставниот кадар се „обидуваат“ да функционираат на ваков начин, приватните училишта и универзитети веќе некое време спроведуваат класична онлајн настава преку видео конференции преку кои учениците или студентите ги следат предавањата „во живо“.

И додека сите образовни институции и надлежните во овој ресор се обидуваат да се адаптираат на новонастанатата ситуација, реакциите во јавноста се поделени. Многу од родителите се обидуваат да се прилагодат на новиот начин на едукација на нивните деца и се жалат дека сега многу повеќе време поминуваат на компјутер со своите деца, кои пак, секојдневно добиваат домашна работа преку онлајн платформите. Критики има за наставните содржини и начинот на кој се предава материјалот. Дел пак, сметаат дека децата треба да добиваат доволно задачи за да не го поминуваат денот со мобилни телефони и видео игри.

Од Министерството за образование велат дека новите платформи се добра опција за учениците и нивната континуирана надградба. Ваквото образование кое не е задолжително, од МОН истакнуваат дека е добар начин за совладување на предвидената наставна програма.

Како до помал стрес кај децата поради коронавирусот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Класичната онлајн настава засега не е опција имајќи предвид дека за истата не постои правна регулатива, но и затоа што како што велат од ресорното министерство, не сите деца особено најмалите основци поседуваат, користат и знаат да ракуваат со ИТ уреди, или пак, имаат концентрација да следат онлајн настава. Меѓу другото, воведувањето на онлајн настава е детерминирано и од поставеноста и квалитетот на интернет мрежата, која сакале или не мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба.

Во меѓувреме, министерот за образование Арбер Адеми ја најави можноста за издавање на ваучери на оние деца кои немаат пристап до интернет, со цел да се обезбеди нивно вклучување во овој вид настава.

Платформата eduino.gov.mk постојано се полни со нови содржини, велат од МОН, додавајќи дека не само основците, туку и средношколците можат истата да ја користат. Околу 600 наставници се пријавиле да учествуваат со видео предавања на истата платформа во обид да им ги приближат на учениците наставните содржини.

Марина Манојловска, директорка на ОУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово вели дека и наставниот кадар во ова училиште е ангажиран во овој начин на комуникација и едукација на учениците. Таа вели дека овој вид на настава е засега продуктивен и функционира, но само за децата кои имаа компјутер дома.

„Во овие околности нашето училиште е вклучено во оваа интернет настава и сега засега добро функционира. Сепак морам да кажам дека наставата ученик во училница заедно со својот наставник, ништо не може да ја замени. Но, со оглед на околностите ние мора да се адаптираме. Сите наставници се вклучени во овој вид учење, а интерес има голем и кај учениците, со исклучок на тие кои немаат технички услови за тоа. Тука спаѓаат децата од социјални семејства кои немаат телефон или компјутер за да ја следат ваквата настава“, изјави директорката Манојловска.

Приватните со онлајн настава

За разлика од ваквата настава во основните и средни државни училишта, во некои од приватните веќе некое време функционира класичната онлајн настава.

Универзитетот Американ колеџ тоа го прави уште пред да не затекне ситуацијата со коронавирусот. Дел од наставата таму се изведувала онлајн и порано, но по појавата на коронавирусот наставата ја адаптирале за видео конференција. Проректорот на Универзитетот Марјан Бојаџиев вели дека во образованието треба да се инвестира во развој и обуки, па професорите на овој Универзитет и претходно биле вклучени во обуки за средни училишта.

„Да бидам искрен ние не бевме целосно подготвени за оваа ситуација. Но откако се случи тоа имавме многу интензивни тренинзи за воспоставување на видео конференција, со групи на професори за да дојдеме на ниво да може да почнеме со таа настава. Во меѓувреме ќе правиме и семинари за професионален развој, односно „вебинари“, а и ќе се прошириме со нови платформи потребни за организирање на мајската сесија“, вели проректорот Бојаџиев.

Бојаџиев вели дека онлајн образованието постои секаде во регионот и светот како легитимен начин на образование. Тој додава дека ваквиот начин на преадаптација на образованието не црпи дополнителни финансиски средства, особено затоа што провајдерите барем засега нудат бесплатни опции и дека системот може да функционира и на ваков начин само ако се има добар хардвер и интернет, ентузијазам, креативност и посветеност од вклучените во процесот.

Сепак, во јавноста остануваат присутни и дилемите во однос на електронската настава. Некои укажуваат на тоа дека секаде интернетот веќе е преоптоварен. Од ИТ секторот укажуваат дека процесот на воведување електронска настава може да се реализира, но дека кон овој процес треба да се пристапува системски. Проблем може да биде и тоа што не постои јавно достапен попис на интернет инфраструктурата во училиштата за да се види до кој степен е функционална опремата во училиштата и дали постои брза и стабилна интернет конекција која би ги издржала видео предавањата.

Пред една недела, Владата донесе одлука за електронско оценување на учениците. Наставата, испрашувањето (полагањето испити) и оценувањето во основните, средните училишта и на факултетите ќе се одвива електронски додека трае вонредната состојба во земјава. Образовните институции сами ќе одлучуваат со кои онлајн платформи и електронски комуникации ќе се одвива наставата и оценувањето, соопштија неодамна од Владата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG