За опозицијата скандал, властите уверуваат нема нелегално следење

Илустрација.

Нема потврда, ниту демант од институциите за набавка на нов софтвер за следење на комуникациите. ВМРО-ДПМНЕ се сомнева во нелегално прислушување. Судската власт и ОТА велат се држат до законот, а според експертите злоупотреба не е можна од ОТА, но може ако опремата се инсталира во друга институција

Неколку разузнавачки афери и постојано сомнежи и политички прозивки за нелегално следење на комуникациите ги одбележа изминативе околу три децении самостојност на државата. Темата која не губи на актуелност кај домашната јавност изминативе денови повторно е предмет на обвинувања меѓу власта и опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „ултра скандалозна набавка“ на систем за следење на интернет, институциите, пак, уверуваат дека не се постапува надвор од законските прописи.

Ваквите прашања и сомнежи, пак, според универзитетскиот професор Злате Димовски од Факултет за безбедност, треба да се решава институционално, а не во јавна дебата.

„Во последно време сведоци сме дека се наметнува една фама дека наводно се набавени некакви си технички уреди за кои дури и се тврди дека наводно во Комисијата за контрола на следењето на комуникациите едноставно утврдиле дека има направено таква набавка. И не знам зошто би се кревала фама во граѓанството кога сето тоа може да оди преку Комисијата до соодветните институции поточно до обвинителството и оттаму да се покрене соодветна постапка, да се потврди или да се негира тоа што се шири како фама“, вели Димовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: „Големото уво“ остана неказнето

Кои се сомнежите на опозицијата?

Контролното собраниско тело за оваа проблематика е Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, чиј претседател е пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, кој веќе јавно ги изнесе сомнежите. Според неговите информации, како што посочува тој во разговор со РСЕ, станува збор за набавка на Оперативно-техничката агенција (ОТА) што била одобрена на владина седница во 2019 година, а била реализирана пред неполна година. Дали системот денес е во употреба тој нема информации, но посочува дека летово кај еден оператор бил во тест-фаза.

Сомнежите тој претходно ги изнесе и на седница за пратенички прашања и на партиска прес-конференција.

„Во Македонија се случува не мега, тука ултра скандал од највисок степен поврзан со следење на комуникациите на граѓаните. ’Големиот брат‘, односно нелегалното следење и надзор на комуникации се случува и поминаа 20 часа од ова мое тврдење и сè уште нема демант на овие основани сомневања“, рече Јанушев на 2 декември откако ден претходно во Собранието за оваа набавка го прозва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Опозицискиот пратеник тврди дека не се почитувал Законот за следење на комуникациите бидејќи МВР претходно не издало одобрение за набавка на софтверот, но и не извршило контрола на набавката.

„Има сериозни индиции дека Министерот Спасовски е запознаен со предметот на набавката и имал увид до техничката спецификација на истата, а наводно и бил лично брифиран за истото на состанок кој се одржал во просториите на ОТА и на кој покрај Спасовски присуствувале и претставници на ЈО и лично Јовевски“, рече Јанушев на прес-конференцијата.

Видете и ова: Афера прислушување – обвинетите на слобода, државата ќе обесштетува?

Спасовски, пак, на седницата за пратенички прашања лично му одговори на Јанушев дека е доставена комплетна документација до Комисијата со која тој претседава. Но, детали не сподели јавно бидејќи рече дека станува збор за класифицирани информации.

„Тоа не е моја набавка. Прво, за да се прават вакви набавки има надлежни институции. Тоа не е набавка на МВР. Единствено нешто што е целосна шпекулација и лага е тоа дека некој може да ги следи сите. Следењето за сите беше до 2017 година кога следевте 20 и кусур илјади луѓе и кога еден милион и кусур разговори завршија во јавноста. Следењето во овој момент е само врз основа на судски наредби и ништо повеќе“, рече Спасовски.

Обвинителството и ОТА уверуваат: „Нема следење без судска наредба“

Без детали одговараат и од Јавното обвинителство чиј шеф, републичкиот обвинител Љубомир Јовевски, беше прозван од опозицијата.

„Примената на посебните истражни мерки е прецизно регулирана во Законот за кривична постапка и во Законот за следење на комуникациите. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во целост постапува согласно законските одредби“, гласи краткиот одговор што го испратија од Јавното обвинителство на нашите прашања дали обвинителството е запознаено со набавката и кога таа се случила, дали Јовески присуствувал на состанок во ОТА на оваа тема и дали евентуално е отворено предмет за набавката.

Со слични уверувања излегоа и од ОТА, без да споделат детали. За обвинувањата на нивна адреса посочуваат дека неколку пати досега јавно се произнеле со деманти и соопштенија. Во однос на сите активности кои ги имаат како Агенција, пак, нагласуваат дека ги почитуваат важечките законски одредби, вклучително и Законот за класифицирани информации.

„Следењето на комуникациите, кое се врши преку OTA и операторите, се спроведува во законска, строго утврдена постапка, единствено по претходно издадена судска наредба, преку безбеден и контролабилен систем и без техничка можност на ОТА за пристап до содржината на следената комуникација. Со воспоставените механизми на заштита, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија не е и нема да биде возможно“, велат од ОТА за РСЕ.

„Преку ОТА тешко може да има злоупотреби“

Кај нас, според професорот Димовски, отсекогаш било сомничаво дека некој некого прислушкува и токму од тие причини се направи реформа на безбедносниот систем и се формираше ОТА како тело кое ќе биде само посредник во извршувањето на оперативно техничките работи. Барем досега, посочува тој, постоеше размислување дека ОТА работи како што треба, кај неа стигаат анонимизирани барањата за следење од правосудните инстанци и тешко може да се злоупотреби.

„Дали има можност да се злоупотреби, факт е дека барем преку ОТА тоа не би можело да се реализира на таков начин како што некој замислува. Меѓутоа, ако се набавени и набавувач е ОТА, а не се инсталирани соодветните апарати во ОТА и не е обезбеден севкупниот легален начин на употреба и истите се инсталирани можеби во некоја друга институција од безбедносно разузнавачка или друг тип институција, тогаш веќе имаме класична злоупотреба и тоа треба да се истражува посебно“, посочува Димовски.

Видете и ова: ОТА гарантира дека „бомбите“ нема да се повторат



Тој посочува дека повеќе институции треба да се изјаснат дали таков систем постои или не постои, дали е набавен или не е.

„Меѓутоа зашто некој кој веќе е претседател на Комисијата за следење комуникациите, тврди дека такво нешто постои што значи дека можеби имаат докази дека е набавен таков софтвер. Софтверот кој е набавен треба да се утврди каде се наоѓа и да се потврди нормално, кој го нарачал, во која функција се употребува истиот“, вели професорот.

Комисијата нагласува тој, може да побара дополнителни информации и да ги активира сите институции за да се добие јасна слика дали има некакви нерегуларности или се е легитимно.

Уште еден аспект што Димовски го посочува околу ОТА и последните сомнежи е што оваа институција од неодамна има нова директорка. Марија Јаничевска, како кадар од Агенцијата, беше избрана за позицијата на 27 ноември.

„Пред неполн месец избран е нов директор на ОТА кој и досега беше таму вработен што значи дека ако партиципирал во севкупната набавка и во сè што било нелегитимно тогаш зошто гласаа толкав број пратеници и од позиција и од опозиција?“, посочува професорот.

Оперативна -техничката агенција (ОТА) како засебна агенција функционира пет години и таа нејзиното воведување беше клучната реформа со која беа одземени ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и преминаа во неа како новоформираниот независен и самостоен државен орган.