Дали сте подготвени да ја слушнете „Вистината за Македонија“, праша тогашниот лидер на опозициската партија СДСМ, Зоран Заев на 9 февруари 2015 година. Со кошула со подвиткани ракави, без вратоврска, тој излезе пред насобраните граѓани, медиуми, партиски членови и почна да ги објавува таканаречените бомби – аудио снимки од нелегално прислушувани разговори, кои со месеци претходно ги најавуваше.
„Целта е да ја вратиме слободата и демократијата во Република Македонија“, рече Заев.
Обзнани дека во период од неколку години во земјата биле прислушувани над 20 илјади граѓани, меѓу нив – опозиционери, министри, обични граѓани. Само разговорите меѓу премиерот Никола Груевски и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков не биле прислушувани, рече Заев.
Според него, разговорите ги снимале македонските безбедносни служби, по директна наредба на Груевски и на Мијалков.
„Бомбите“ отворија сомнежи за криминал, корупција, злоупотреби на државни институции во партиски цели, кршење на човекови права...
А јавноста можеше да чуе како функционерите велат дека „Немаме за леб, а јадеме чоколада, па ние сме лудаци“.
Ќе останат запаметени и „Каменот од близу доаѓа.“ „Да не го тупиме, нека биде со динамит.“ „Миле, ми текна.“
Власта одвреме-навреме демантираше, велејќи дека материјалите се „сечени, лепени и монтирани“ и дека зад нив стои странска разузнавачка служба и „жолти комбиња“.
Атмосферата во јавноста „зовре“ на 5 мај 2015, со објавата на разговорот за убиството на младиот Мартин Нешкоски, со кој се отвори сомнеж дека власта го криела убиството. Тој беше убиен во јуни 2011, кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на парламентарните избори. Протестите по „бомбата“ за Нешкоски завршија со жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Со месеци на улиците се слушаше „Нема правда, нема мир“, „Ќе си лежите“, „Шутка не ти бега Никола“, а институциите осамнуваа во „живи бои“, обоени од учесниците на таканаречената Шарена револуција.
Опозицијата протестираше, власта организираше контра-протести. Потоа опозицијата кампуваше пред Влада, а власта им возврати со камп пред Собрание. На крај, беше склучен Пржински договор за излез од кризата. Беше договорено опозицијата да се врати во Парламентот, да се формира нова техничка влада и да се одржат предвремени избори, и да се формира Специјално јавно обвинителство, кое ќе биде надлежно за обвиненијата од опозицијата по објавените „бомби“.
Во март 2016 СЈО отвори предмет за опремата за прислушување „Тврдина“, а во ноември истата година го отвори предметот за прислушувањето и го нарече „Таргет“. Незаконски биле прислушувани 5800 телефонски броеви од страна на десетина поранешни и актуелни функционери на Управата на безбедност и контраразузнавање (УБК).
Обвинителката Ленче Ристоска, една од трите препознатливи лица на Обвинителството, рече дека нема докази за странски служби и „жолти комбиња“.
Аболиција, немири, повлекување на помилувањето
Претседател на државата Ѓорге Иванов во 2016 година со еден акт помилува 56 луѓе кои на некаков начин беа поврзани со прислушувањето. Одлуката за аболиција предизвика масовни протести. По силниот притисок од домашната, но и од меѓународната јавност, Иванов 10 дена по нејзиното донесување, ја поништи својата одлука.
Таргет - Тврдина
Во судница предметот „Таргет“ беше споен со уште еден предмет за уништување на опремата за прислушување познат како „Тврдина“ и го доби името „Таргет -Тврдина“.
Судскиот процес за „Таргет-Тврдина“ почна на почетокот на 2018.
Во предметот за прислушувањето обвинети беа поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколкумина вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување во периодот меѓу 2008 и 2015 година.
По шест години од објавувањето на првата „бомба“, во февруари 2021 беше изречена пресудата за „Таргет-Тврдина“. Судот пресуди дека нелегално се прислушувало во УБК, а зад целиот процес стоел Сашо Мијалков, шеф на Управата. Мотивот бил да се има контрола над целото општество. Мијалков доби 12 години затвор.
Судскиот процес од првичната постапка започна на 22 декември 2017 година против 11 лица. Беа одржани 53 рочишта, на кои се сослушаа 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и над 200 оштетени лица.
Во 2022 Апелациониот суд ја укина пресудата за „Таргет-Тврдина“ донесена во 2021 и предметот го врати на повторно судење. Судот потоа беше обвинуван дека неразумно долго, без да наведе причини, ги чувал предметите во фиока, меѓу нив и „Таргет-Тврдина“.
Обвинетите за прислушувањето повторно седнаа во судница на крајот на февруари годинава.
Но речиси сите предмети што произлегоа од прислушувањето, се карактеризираа со укинати предмети, па вратени на повторно судење, рочишта кои се „тегнат“ со години. Од 21 предмет од поранешното СЈО кои во судска постапка се влезени од почетокот на 2018 година, во 18 случаи барем еднаш била донесена пресуда пред првостепениот суд.
„Прислушувачите“ куртулија, уништената опрема сè уште е во игра
Партијата која во 2015 ветуваше дека „Вистината за Македонија“ ќе излезе на виделина, а виновниците ќе одговараат, во 2017 ја презеде власта. Шест години подоцна Владата предводена од СДСМ, во брза постапка и со европско знаменце, што потоа беше критикувано и од ЕУ и од САД, донесе измени на Кривичниот законик. Со нив се намалуваат казните за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, а со тоа се отвора можноста многу од делата што произлегоа од прислушувањето да застарат.
На 17 октомври 2023 Судот донесе решение да се запре кривичната постапка за предметот „Таргет-Тврдина“, бидејќи ова дело застарува со измените на Кривичниот законик. Со тоа, запира кривичната постапка за Сашо Мијалков и за другите обвинети за„злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување, појасни јавната обвинителка за случајот, Ленче Ристоска.
„Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик“, изјави Ристоска.
Сепак застарува делот само за прислушувањето, додека делот за уништувањето на опремата за прислушување се уште не е застарен.
Трошоците за кривичната постапка ќе падне на товар на Буџетот. Од Буџетот ќе бидат платени и оние кои побарале обештетувањето затоа што биле прислушувани.
Политички реакции
Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска е единствена од Владата кога го коментираше застарувањето на клучниот предмет на СЈО за прислушувањето. За виновник за застарувањето го посочи калкулантскиот однос на судиите. Премиерот Димитар Ковачевски не го коментираше застарувањето на случајот. Веднаш по застарувањето на предметот реагираа од опозициските партии Беса и Левица. На ВМРО-ДПМНЕ им требаше два дена да реагираа.
„Од лавовите на шарената револуција не останаа ниту мали мачиња, барем да бекнеа за тоа што се случува“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 19 октомври.
Два дена подоцна се произнесе и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој вели дека е иритиран од фактот што делото е застарено и дека никој нема да одговара за прислушувањето.
Аферата за прислушување, која ја објави Заев во 2015, е петта по ред афера која се однесува на прислушување за само две децении. За прислушување беа обвинувани двете најголеми македонски политички опции -СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, дека ги користеа тајни служби за време на своите мандати.