Достапни линкови

Вести

Ангеловски - Потребен нов закон за контрола на ОТА, со постоечкиот тоа не е можно

Зоран Ангеловски, директор на Оперативно техничката агенција (ОТА)
Зоран Ангеловски, директор на Оперативно техничката агенција (ОТА)

Директорот на Оперативно – техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, денеска апелираше да се донесе нов закон за контрола и надзор над безбедносните служби. Тој додава дека контролите што во моментот се прават не се функционални.

„На овој начин на кој е поставена контролата, контролните механизми, реално контрола во ОТА не може да се направи“, вели Ангеловски.

Тој вели дека службите се уште се држат до тоа дека следење на комуникации е следење на нечиј телефон, а тоа одамна не е така.

Ангеловски, денеска учествуваше на конференција „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувања, предизвици и приоритети“, организирана од ДЦАФ.

Тој вели дека за да може Собранието да ја преземе во свои раце надзорната функција врз разузнавачката заедница, потребен е закон со кој ќе им се даде многу поголеми овластувања на пратениците, кои со ангажирање на експерти ќе можат да направат реална контрола во безбедносните служби.

И директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, кој учествуваше на конференцијата, е согласен дека е потребно да се донесе нова законска регулатива, но, нагласи, веќе еднаш треба да се почне со имплементација на она што е донесено.

види ги сите денешни вести

Референдум за изградба на нуклеарна централа во Казахстан

Гласач на референдумот во Казахстан, 6 октомври 2024
Гласач на референдумот во Казахстан, 6 октомври 2024

Казахстан денеска (6 октомври) одржува референдум за тоа дали да ја изгради својата прва нуклеарна централа, бидејќи оваа централно-азиска земја се обидува постепено да ја прекине зависноста од јаглен, најзагадувачкиот извор на енергија.

Гласањето започна во 7 часот по локално време, а избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот.

Казахстанската влада проценува дека изградбата на нуклеарна централа би чинела до 12 милијарди долари.

Нацијата богата со ресурси најмногу се потпира на електрани на јаглен за производство на електрична енергија. Казахстан, исто така, увезува електрична енергија од Русија, бидејќи со сопствената застарена инфраструктура се бори да ја задоволи домашната побарувачка.

Право на глас имаат над 12 милиони граѓани.

Референдумот се смета за валиден доколку на него учествувале повеќе од 50 проценти од граѓаните на изборните листи.

Прашањето кој ќе ја гради нуклеарката не беше ставено на гласање.

Владата објави дека ги разгледува апликациите од Русија, Кина, Јужна Кореја и Франција.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев, по денешното гласање во Астана, изјави дека меѓународен конзорциум би можел да ја преземе изградбата на нуклеарната централа. Тој не соопшти детали.

Најмалку 18 загинати во израелски воздушен напад врз џамија во Газа

Последици од израелски напади врз куќи, во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа
Последици од израелски напади врз куќи, во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа

Во очигледен израелски воздушен напад рано утрово (6 октомври) загинаа најмалку 18 лица во центарот на Газа, соопштија палестинските медицински претставници.

Нападот ја погоди џамијата во која се сместени засолништа за раселените лица во близина на болницата Ал Акса во градот Деир ал Балах, се вели во соопштението на болницата.

Новинар на Асошиетед прес ги броел телата во болничката мртовечница. Болничките досиеја покажуваат дека сите загинати се од машки пол. Уште двајца мажи се тешко ранети, соопшти болницата.хеб

Израелската армија веднаш не го коментираше нападот на џамијата.

Според палестинското Министерство за здравство, најновите напади го зголемуваат бројот на загинати во Газа, кој се приближува до 42.000. Министерството не прави разлика меѓу смртни случаи на цивили и милитанти, но многу од загинатите се жени и деца.

Овој напад се случува по израелското бомбардирање на Либан во саботата.

Илјадници луѓе во Либан, вклучително и палестински бегалци, продолжија да бегаат од конфликтот што се проширува во регионот, додека ширум светот се одржуваа собири по повод годишнината од почетокот на војната во Газа.

Силните експлозии во саботата започнаа околу полноќ и продолжија во неделата (6 октомври), откако израелската армија ги повика жителите да ги евакуираат областите во Дахије, претежно шиитска заедница на јужниот раб на Бејрут.

Израелската војска потврди дека погодила цели во близина на Бејрут и соопшти дека околу 30 проектили преминале од Либан на израелска територија, а некои од нив биле пресретнати.

Хезболах - либанска група поддржана од Иран, која САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент - во соопштението тврди дека успешно нападнал група израелски војници во близина на населбата Манара во северниот дел на Израел.

Во саботата, израелски напад врз северниот камп Бедави уби официјален претставник на военото крило на Хамас, заедно со неговата сопруга и двете мали ќерки, соопшти палестинската милитантна група.

Хамас- која е означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ, подоцна соопшти дека уште еден член на неговото воено крило бил убиен во израелски напади во долината Бека во источен Либан.

Израел уби неколку претставници на Хамас во Либан од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.

Најмалку 1.400 Либанци, вклучувајќи цивили, медицински лица и борци на Хезболах, беа убиени, а 1,2 милиони протерани од своите домови за помалку од две седмици. Израел вели дека има за цел да ја избрка милитантната група од заедничките граници за раселените Израелци да можат да се вратат во своите домови.

Хезболах, поддржан од Иран, почнаа да гаѓа ракети кон Израел речиси веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври, нарекувајќи го тоа знак на поддршка за Палестинците.

Хезболах и израелската армија речиси секојдневно разменуваат оган.

Босна и Херцеговина гласа на локални избори

Гласачко место во Бихаќ, 6 октомври 2024
Гласачко место во Бихаќ, 6 октомври 2024

Во Босна и Херцеговина денеска (6 октомври) се гласа на локални избори.

Исклучок се општините каде што изборите беа одложени поради поплави и свлечишта: Јабланица, Коњица, Кисељак, Крешево и Фојница.

Претходно беше најавено дека на три избирачки места во Фојница ќе се одложат изборите. Но, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) утрово ги одложи изборите во сите избирачки места и во Фојница поради поплавите кои пред два дена ја погодија и оваа општина.

Одлуката за датумот на одржување на одложените избори во општините ќе биде донесена кога ќе се исполнат условите за нивно одржување.

Од градската изборна комисија на Мостар за РСЕ изјавија дека сите избирачки места се отворени навреме и дека не е забележан инцидент. Имаат 154 редовни избирачки места и 22 мобилни тимови.

Проценките на ЦИК велат дека изборите ќе чинат околу 19 милиони марки

Според податоците на ЦИК, вкупно 296 политички субјекти се заверени за учество на изборите, од кои 110 се политички партии, а ќе се борат за гласовите на 3,4 милиони гласачи.

На изборите ќе бидат избрани вкупно 142 градоначалници и исто толку собранија на општини/градови. Граѓаните ќе изберат и ново свикување на Собранието на округот Брчко на БиХ, како посебна административна единица во БиХ. Согласно Изборниот закон, ова тело последователно го избира градоначалникот.

Повеќе од 25.700 кандидати ќе се борат за пратенички места во парламентите на месните заедници.

Вкупно нешто повеќе од 3,4 милиони луѓе ќе можат да гласаат на изборите, колку што се запишани во Централниот избирачки список. Ова е повеќе од бројот на жители во земјата, бидејќи проценките на Обединетите нации покажуваат дека БиХ моментално има помалку од 3,2 милиони жители.

Гласање во Мостар, 6 октомври 2024
Гласање во Мостар, 6 октомври 2024

Како што претходно соопшти ЦИК, во избирачкиот список се сите лица кои имаат лична карта и пријавено место на живеење во БиХ, иако живеат во странство, па тоа е причината за разликата.

Во странство, околу 40.000 гласачи ќе можат да гласаат во 14 дипломатско-конзуларни претставништва во осум земји.

Началниците и градоначалниците се избираат директно во повеќето месни заедници, освен во три - градовите Сараево и Мостар и округот Брчко.

Проценките на ЦИК велат дека изборите ќе чинат околу 19 милиони марки (околу 9,7 милиони евра).

Масовни напади во Бејрут

Чад од израелските воздушни напади во Дахије, Бејрут, Либан, рано на 6 октомври 2024
Чад од израелските воздушни напади во Дахије, Бејрут, Либан, рано на 6 октомври 2024

Масовни, последователни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, Либан, од доцна во саботата (5 октомври) до неделата, велат очевидци за агенцијата Ројтерс.

Ова се случува по неколкудневните израелски бомбардирања на предградијата на Бејрут кои се сметаат за упориште на милитантната група Хезболах поддржана од Иран, при што беше убиен нејзиниот водач Сејед Хасан Насралах и веројатно неговиот потенцијален наследник.

Либански безбедносен извор во саботата изјави дека тој не бил во контакт од петокот со Хашем Сафиедин, потенцијалниот наследник, по израелскиот воздушен напад во близина на меѓународниот аеродром во градот, за кој се вели дека бил цел.

Израелската војска соопшти дека го елиминирала Насралах во нападот врз централниот штаб на групата во Бејрут на 27 септември. Дека е убиен потврди Хезболах - либанската група поддржана од Иран, која САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Либански безбедносни извори соопштија дека израелските напади во петокот врз Дахије, станбена област и упориште на Хезболах, јужно од центарот на Бејрут, ги спречиле спасувачките екипи да го пребараат местото на нападот во четвртокот вечерта.

Хезболах досега коментираше за Хашем Сафиедин.

Неговата загуба ќе биде уште еден удар за групата и нејзиниот покровител Иран.

Израелските напади низ регионот во текот на изминатата година, кои нагло се забрзаа во последните седмици, го десеткуваа раководството на Хезболах.

Израел ги проширува своите акции во Либан. Го започна својот прв напад врз северниот град Триполи во саботата, изјави либански безбедносен претставник, а израелските трупи започнаа рации на југ.

Најмалку осум напади ги потресоа јужните предградија на Бејрут доцна во саботата, вклучително и во близина на аеродромот, според очевидци на Ројтерс, откако израелската војска предупреди некои жители да ја напуштат областа.

Пред неодамнешната ескалација, размената на оган меѓу Израел и Хезболах беше главно ограничена на израелско-либанската гранична област, паралелно со едногодишната војна на Израел во Газа против палестинската група Хамас, која е означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.

Портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари, во саботата изјави дека Израел убил 440 борци на Хезболах во своите копнени операции во јужен Либан и уништил 2.000 цели на Хезболах.

Хезболах не објави бројка на загинати.

Израел вели дека го засилил нападот врз Хезболах за да овозможи безбедно враќање на десетици илјади граѓани во нивните домови во северниот дел на Израел, кој групата го бомбардира од минатиот 8 октомври.

Израелските власти во саботата објавија дека девет израелски војници досега се убиени во јужен Либан.

Израелските напади беа смртоносни за стотици Либанци-цивили, велат официјалните лица, и протераа 1,2 милиони луѓе - речиси четвртина од населението - од своите домови.

Либански функционер за безбедност, за Ројтерс изјави, дека припадник на Хамас, неговата сопруга и двете деца биле убиени во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Триполи во саботата. Медиумите поврзани со палестинската група соопштија дека во нападот бил убиен водачот на нејзиното вооружено крило, идентификувајќи го како Саид Аталах.

Немаше коментар од Хамас.

Израелската војска соопшти дека два проектили преминале од Либан, од кои едниот бил пресретнат додека другиот паднал, но не предизвикале никаква штета.

Насилството доаѓа како што се приближува годишнината од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, во кој според израелските податоци беа убиени 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.

Подоцнежниот напад на Израел врз Газа уби речиси 42.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, и го расели речиси целото население на енклавата од 2,3 милиони.

Влијанието врз цивилите предизвика широки протести на меѓународно ниво. Илјадници демонстранти излегоа на улиците во големите градови ширум светот во саботата додека се приближува годишнината.

Русија лансираше речиси 90 дронови во Украина во текот на ноќта

Украински пожарникар се бори со пожар на 6 октомври по руски воздушен напад врз пристанишниот град Одеса
Украински пожарникар се бори со пожар на 6 октомври по руски воздушен напад врз пристанишниот град Одеса

Руските сили лансираа 87 беспилотни летала и четири проектили врз Украина во текот на ноќта, насочени кон главниот град Киев и други градови, соопштија украинските власти денеска (6 октомври).

Украинските единици за противвоздушна одбрана соборија 56 од беспилотните летала и два од проектилите, соопштија воздухопловните сили на земјата, на платформата Телеграм.

Шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко, на Телеграм напиша дека „руските беспилотни летала влегле во Киев во неколку бранови и од различни правци“.

Нападите го држеа главниот град на Украина и околните области под тревога за воздушен напад повеќе од пет часа во текот на ноќта.

Воздушните напади го погодија и црноморското пристаниште Одеса, предизвикувајќи неколку експлозии во јужниот град, според локалните власти.

Нема информации за жртви од нападите во текот на ноќта.

Олександар Прокудин, гувернерот на Керсон, претходно на 6 октомври изјави дека еден цивил загинал, а 15 се повредени во руските напади врз јужниот регион во изминатите 24 часа.

Променливо облачно време со дожд

Илустрација - есен во Скопје
Илустрација - есен во Скопје

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа дождовите ќе бидат пообилни, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер.

Во следните денови, времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура, освен во среда кога се очекува слаб локален дожд, информираат денеска (6 октомври) од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Едно лице повредено во престрелка во Чаир

Илустрација
Илустрација

Едно лице е повредено во престрелка што се случи вечерва (5 октомври) во скопската населба Чаир. Инцидентот се случил на крстосницата на улиците „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”.

„Во 20:20 часот пријавено е дека на ул. Цветан Димов во Скопје има повредено лице од огнено оружје. Според пријавеното, во повредениот било пукано од возило „пасат". Повредениот е пренесен во ГОБ Св.Наум Охридски за укажување помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштуваат од Министерството за внатрешни рабои.

Повредениот се наоѓа надвор од животна опасност, а на местото на инцидентот се присутни бројни полициски екипи, јавуваат медиумите.

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркет во Скопје
Маркет во Скопје

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите. Се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит. Имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Вршат и големи притисоци врз добавувачите. Oва го изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, на прес-конференција денеска (5 октомври) и најави строги казни.

Тој нагласи дека екипите на ДПИ се секојдневно на терен и вршат контроли и објасни дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа.

„И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не велам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат“, рече првиот човек на ДПИ.

Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.

Со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто.

Оваа одлука Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.

МЗ: Ќе се утврдат причините за смртта на 14-месечното бебе

Илустрација - Министерство за здравство
Илустрација - Министерство за здравство

За да се утврдат причините за смртта на 14-месечно бебе, кое починало утрово на Клиниката за детски болести, Министерството за здравство ќе иницира комисија за стручен надзор на оваа клиника, но и на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле.

„Од Клиниката информираат дека е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација.Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта“, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), како што велат од Министерството, согласно надлежностите ќе изврши вонреден инспекциски надзор во двете здравствени установи каде починатото бебе било лекувано.

„Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање здравствена заштита“, додаваат од Министерството за здравство.

Граѓански протест во Тузла - Речиси 600 дена болните од рак чекаат апарат

TUZLA PROTEST/BOSNIA
TUZLA PROTEST/BOSNIA

Неколку илјади граѓани денеска (5 октомври) одржаа протест во Тузла, Босна и Херцеговина, поради проблемите што настанаа во врска со набавката на линеарен акцелератор за Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Тузла.

Заболените од рак во Тузла речиси 600 дена чекаат клиничкиот центар да набави апарат за зрачење и да им ја обезбеди потребната терапија.

Радиотерапијата беше прекината во февруари минатата година, поради истрошеност и неодржување на апаратот.

Оттогаш, околу 200 пациенти патуваат стотици километри до болниците во Сараево, Мостар и Зеница на лекување.

Од УКЦ Тузла пред неколку дена беше соопштено дека е завршена постапката за доделување на договорот за набавка на линеарен акцелератор.

„Во наредните денови ќе се потпише договор со избраниот понудувач Inel-Med d.o.o.Mostar, по што ќе следи демонтажа на опремата која е вон употреба и ќе се вгради комплетен нов систем. Во текот на овие работи кои не смеат надминуваат 180 дена, договорот предвидува обука на персоналот УКЦ Тузла, кој ќе работи со опрема за радиотерапија“, соопштија од оваа здравствена установа.

Болницата се обидува да купи нов апарат од март 2023 година.

Три пати беше поништен тендерот за набавка на нов уред. Жалбата секој пат ја поднесуваше компанијата Сименс медицина Сараево.

Компанијата го обвини клиничкиот центар дека се обидел да му ја „намести“ работата на одреден производител.

Од центарот ги отфрлија обвинувањата.

И набавката на опрема за радиотерапија стана предмет на истрага на обвинителството, но сѐ уште нема резултати.

На 28 мај полицијата запленила документација и доказни материјали поврзани со набавка на апарати за радиотерапија и придружна опрема за лекување на онколошки пациенти во Универзитетскиот клинички центар во Тузла и на други локации, соопшти тогаш обвинителството во Тузла.

Тие не прецизираа за кои други локации се работи.

Станува збор за продолжување на проверките со цел да се утврди дали при набавка на апарати за радиотерапија во таа медицинска установа се фаворизира некој од добавувачите, се додава во соопштението.

До февруари 2023 година, клиничкиот центар во Тузла имаше два апарати за радиотерапија кои беа во употреба 15 години.

Тие се запечатени и забранети по барање на државната Агенција за радијациона сигурност поради истекување на гаранцијата и несервисирање.

После тоа, обвинителството во Тузла покрена истрага за да се утврди дали евентуално е нарушено здравјето на пациентите со нивната употреба.

Невладината организација „Пратимо тендере.ба“ предупредува дека 90 отсто од јавните набавки се предмет на корупција и други злоупотреби.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG