Достапни линкови

Пик на грипот - не изненадуваат бројките, туку симптомите


Илустрација - Мерење на телесна температура кај дете
Илустрација - Мерење на телесна температура кај дете

Амбулантите низ целата држава се полни со болни од грип и бројот на случаи деновиве го достигнува врвот во сезоната. Но, ваквата слика не е изненадувачка за лекарите, туку изненадуваат симптомите, за кои велат дека се должат на пад на имунитетот, но можно е и на аерозагадувањето.

„Буквално секоја коска во телото ме болеше. Мислев дека ме болат и забите и косата, не само мускулите. Сѐ! Толку тешко не ми било никогаш“. Вака охриѓанката Христина го опиша нејзиното неодамнешно искуство со грипот, во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ).

Овојпат симптомите, вели, биле многу поинакви од вообичаено.

„Никогаш не ми се случило да стигнам до примање на инфузии кога сум имала грип. Сега добив и бронхит. Имав и гадење и повраќање. Веќе сум во втората недела откако се разболев и уште нозе не ме држат“, вели Христина.

Бројките растат. За споредба, во текот на цел декември се регистрирани 570 случаи на грип и заболувања слични на грипот, а само до 9 февруари веќе има 2880 случаи, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по месец.

Амбулантите се полни, но ова е очекувана слика и не ги изненадува докторите, вели матичниот лекар Бојан Трајковски.

Матичниот лекар Бојан Трајковски
Матичниот лекар Бојан Трајковски

„Можеби симптомите малку повеќе изненадуваат со оглед на тоа што веројатно има пад на имунолошкиот систем и генерално послаб имунитет како резултат на претходните години со стрес, Ковид, лоша храна, лош воздух, особено периодов. И само заради тоа имаме малку поголема експлозија на симптомите“, смета Трајковски.

Тој вели дека генерално, клиничката слика трае од три до седум дена.

„Единствено нешто што може да трае малку подолго време е кашлицата којашто мислам дека е тесно поврзана и со аерозагадувањето кое е значително полошо од тоа што било некогаш“, додава матичниот лекар.

„Сега сме во пикот“

Нема зголемен број на случаи во однос на просекот од минатите години, вели доктор Злате Мехмедовиќ како портпарол на Комисијата за заразни болести, а во моментов има најмногу досега во оваа сезона.

„Во пикот сме. Гледаме достигнување максимален број на случаи регистрирани на неделно ниво. Минатата недела имаше и благо намалување од 5 проценти. Можно е да се очекуваат осцилации во наредните недели“, изјави Мехмедовиќ за РСЕ.

Пад на бројките се очекува по втората половина на февруари. Но, Мехмедовиќ очекува и поголема свесност кај родителите за раст на бројот на вакцинирани деца.

„Она што загрижува е што најголем број од новопријавените случаи се деца на возраст од 0 до 4 години. Треба да се зголеми свесноста на родителите за вакцинација на децата на таа возраст, затоа што гледате дека, претежно пациентите коишто ги преполнуваат амбулантите се од таа педијатриска возраст“, додава докторот.

Вакцините - најефикасна заштита

Заклучно со шестата недела од 2025 година, вкупно 72.288 лица во државата се вакцинирани со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи согласно препораките на СЗО: лица над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

Сезона на грип е - Како да го препознаете и како да се заштитите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00

Забрана на посети на хоспитализирани пациенти за да се спречи ширење на грипот во болнички услови и строго да се почитува куќниот ред во здравствените установи, особено во однос на користењето лична заштита - носење заштитни маски, дезинфекција на раце и одржување физичка дистанца, каде е возможно.

Ова се превентивните мерки кои ги препорача Комисијата за заразни болести, а Министерството за здравство ги задолжи јавните здравствени установи да ги почитуваат.

Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип и заболувања слични на грип до 9 февруари е 11.614.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, според ИЈЗ, регистрирани се две починати лица кои заболеле од грип.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG