Зошто толку многу Унгарци се без деца?

Фотографија на Сузана Симон, на која пишува „Нема да раѓам додека не се промени власта“

Во 2014 година, кога имаше 26 години, фотографката Сузана Симон зазеде смел став. Со розов кармин на стомакот напиша„Нема да раѓам додека не се смени власта“. Потоа направи две селфиња.

Нејзиниот протест се претвори во серија, при што Симон фотографираше и други жени, нивните тела украсени со истата или слична фраза.

Десет години подоцна, нивните постапки се порелевантни од кога било, бидејќи се повеќе луѓе во Унгарија избираат да немаат деца, и покрај или во некои случаи поради про-семејната политика на владејачката националистичка партија Фидес.

Зборувајќи од нејзиниот стан во Будимпешта, Симон, која нема деца, вели дека „сакала да направи нешто радикално“.

„Тие беа просечни жени кои на некој начин сакаа да и се спротистават на Владата“, вели таа за оние кои учествуваа во нејзиниот проект.

Ниски стапки на наталитет

Како и многу други европски земји, Унгарија се соочува со ниска стапка на наталитет и опаѓање на населението. Во 2023 година, бројот на живородени деца во Унгарија достигна историски минимум, а населението се намали за 15 000 луѓе, според податоците на унгарскиот Централен завод за статистика. Во изминатата деценија, населението на Унгарија падна од околу 10 милиони на 9,7 милиони.

Демографите се особено заинтересирани за жените на возраст над 40 години, што укажува на тоа дека оваа група жени се всушност жени кои не раѓаат, наместо само да го одложуваат родителството. Во таа група, според неодамна објавените резултати од пописот во Унгарија во 2022 година, и бројот и процентот на жени без деца се во пораст.

Фидес, партија која е на власт од 2010 година се обидува да го запре овој пад на населението без да се потпира на имиграцијата, како што направија другите европски земји. Говорејќи во радио интервју во 2022 година, популистичкиот националистичко-конзервативен премиер на земјата Виктор Орбан, кој има пет деца, рече:

„Сакаме да ја оставиме земјата на нашите деца, а не на странците!“.

Видете и ова: Програмата на Орбан не ги врати унгарските иселеници дома

Додека беше на власт, Фидес спроведуваше политики погодни за семејството, вклучувајќи заеми без камата за брачни парови со деца, субвенции за домување и даночни ослободувања за мајки со четири или повеќе деца. Сепак, експертите велат, дека иако овие стимулации имаа скромно позитивно влијание врз стапките на наталитет, тие не беа доволни да го променат целокупниот тренд.

Граѓани од втор ред

Ребека Лаура Рац, 45-годишна новинарка која напиша книга за движењето „без деца во Унгарија“, вели дека заедницата расте, но се уште е релативно мала, веројатно брои илјадници. Од луѓето што ги анкетирала, Рац вели дека луѓето без деца имаат тенденција да живеат во градови и имаат високо ниво на образование. Таа проценува дека две третини од нив се во долги врски.

Поради семејните политики на унгарската влада, Рац вели дека многу Унгарци без деца се чувствуваат како владата да ги третира како граѓани од втор ред.

„Тие велат дека би можеле да земете кредит за автомобил или стан, само ако имаат дете“, вели Рац.

Ребека Лаура Рац напиша книга за движењето без деца во Унгарија

Движењето без деца неодамна доби на интензитет на глобално ниво. Зголемениот економски притисок, грижите за животната средина, еволуирачките општествени норми и зголемениот фокус на индивидуалната автономија, сето тоа го поттикна овој тренд.

Во Унгарија, експертите велат дека клучниот фактор што ги спречува луѓето да имаат деца е економската несигурност.

Шзандра Крамариќ, истражувач по социјална политика, вели дека многу млади луѓе не се убедени во владините понуди за финансиска помош.

„Повеќето од луѓето што ги интервјуирав рекоа дека не сакаат да имаат деца бидејќи не се задоволни од здравствената заштита, образованието и недостатокот на простори во градинките. И многу луѓе едноставно не гледаат иднина овде“, вели Крамариќ.

Промена на владините политики

Според демографот Балаж Капитани, кој зборуваше за унгарскиот сервис на РСЕ во 2023 година, одлуката на луѓето да имаат деца е комплицирана поради тоа што владата на Орбан ја менува својата политика, односно редовно спроведува нови мерки и укинува други.

На пример, популарниот владин попуст за создавање семејни домови, програма која им даваше финансиска помош на семејствата за купување, изградба или проширување на домови, повеќе не постои. Тој е заменет со слична субвенција, но со нови правила, на пример дека е применливо само во одредени рурални области и е поврзано со континуирано вработување.

„Двојките брзо ќе сфатат дека овие мерки нема да бидат поддржани од владата. И новите стимулации ќе ја изгубат својата ефикасност, бидејќи луѓето не сметаат на нив“, изјави Капитани за РСЕ.

Видете и ова: Пречките на Орбан да стане шеф на Европскиот Совет

Многу од новите субвенции на Фидес се поврзани со вработување или возраст.

„Целта на владата не е да ги поддржи сите“, вели Крамариќ, кој забележува дека политиките се селективни и насочени кон средната класа.

Тоа е нешто што Тиби, кој побара од РСЕ да го задржи неговото презиме, премногу добро го знае. Тиби е член на една од многуте унгарски фејсбук групи за луѓе без деца. Тој вели дека тој и неговата партнерка на почетокот на врската одлучиле да немаат деца.

Кога Тиби купуваше имот, тој беше шокиран кога виде колку се високи цените, што многумина го припишуваат на ефектите од субвенционираните хипотеки дадени на семејствата - бенефиции за кои Тиби не е квалификуван.

„Она што Фидес го нарекува семејна политика е финансиска замка, а семејствата стануваат жртви без да знаат“, вели Тиби.

Висока инфлација

Иако постои владина финансиска поддршка за семејствата, во последните години е забележана рекордна инфлација, со просечна стапка од 17 проценти за 2023 година.

„Оваа инфлација нема да се компензира со даночните ослободувања погодни за семејството“, убеден е Тиби.

Унгарските политичари, според демографот Капитани, очекувале премногу од овие семејни политики, во смисла на пораст на населението.

„Обично има ефект, но тој е мал, неспектакуларен и тешко се мери. Одлуките за раѓање деца се комплицирани и сложени. Луѓето не се како машини во кои фрлате паричка и добивате топло чоколадо“, вели Капитани.

И покрај нејзиниот фотографски проект, Симон вели дека тоа што не сака да има деца, не е поради политиката. Но, таа вели дека владата на Фидес и го отежнува животот од ден на ден.

Нејзината уметност не и ги плаќа сметките, па таа мора да се занимава и со комерцијална работа, а тоа е фотографирање во фабрика за челик. И промените на данокот за хонорарци во 2022 година и го отежнаа животот, вели таа.

Сè што таа сака за да има деца, е да биде во „нормална психичка состојба“.