Отворена предистрага за лажните „Трамп картички“
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува случајот со интернет продажбата на картички со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Една недела по објавувањето на истражувачката сторија на Радио Слободна Европа, во која се објавени детали за интернет-механизмот воспоставен со цел десетици Македонци, главно од градот Велес, со измама да извлечат пари од американските граѓани, од обвинителството информираат дека има оформено предистрага.
„Се работи за обемен предмет. Оформен е по анонимна пријава и таа е од аспект на финансиите, всушност ги следиме финансиските текови на парите. Се работи за доста комплексен предмет, кој вклучува корпус на дејствија, а меѓу другото можно е да биде вклучена и меѓународна правна помош. Но, до таа фаза се уште не сме стигнале. За сега имаме наредби и кога ќе добиеме исход ќе влеземе во фазата за меѓународна помош. Дел од оваа предистрага е поврзана и со предмет кој веќе е во фаза на судење“, велат од обвинителството за гонење на организиран криминал.
Со истражувањето, РСЕ откри група луѓе кои се од Северна Македонија, а на американските граѓани преку огласи им продаваат лажни производи со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Им креираат приказна дека производите купени денеска со ликот на Трамп ќе вредат милиони доколку тој повторно стане претседател. Најчесто, лажните понуди се за продажба на картички со ликот на Трамп, но и монети, стикери, налепници. Всушност, се нуделе целосно безвредни производи.
Кои портали ќе се „опарат“ од политички маркетинг за изборите?
Потврда дека е отворена фирма, односно тековна сметка од Централниот регистар не постара од 30 дена, е единствениот критериум кој го бара Државната изборна комисија (ДИК) од 249- те портали кои се пријавија за изборниот колач со реклами. Излегува дека пари од државната каса за платена политичка реклама, можеби нема да добијат само порталите што не се пријавиле.
Со објавата на регистарот на портали на овие двојни избори се отвара можност еден портал да добие вкупно најмногу 30 илјади евра за објавување на платена политичка реклама. Односно по максимални 15 илјади евра за претседателските избори и 15 илјади евра за парламентарните избори. Но, според проверката на РСЕ на регистарот, некои од порталите немаат функционален сајт, дел немаат објавено податоци за тоа кој ги уредува (сопствеништво и импресум). Има и портали кои се основани годинава, а пак десетина портали се во сопственост на една фирма со што можната добивка на крајот од изборите за фирмата може да достигне и до 300 илјади евра.
Друг проблем, за кој нема одговор од ДИК, е зошто во Регистарот влегуваат и портали кои немаат македонски домен, што значи дека не може да се утврди кој е основачот на овие портали. Според регистарот на ДИК, најмалку десетина портали се регистрирани со домен од Република Албанија. Во регистарот има ѝ портали кои објавуваат на албански јазик, а се регистрирани во Данска и Англија. Дополнително, од ДИК не одговорија ниту на прашањето дали воопшто направиле проверка колку од порталите имаат функционални сајтови. Според проверките на РСЕ најмалку три веб страници кои се пријавиле за регистарот за платени политички реклами во моментот воопшто не функционираат.
„Баравме да има некакви критериуми – да постојат барем три години, да има барем двајца вработени во редакцијата, импресум, да објавува редовно содржини. За тоа имавме поддршка од владата, парламентот, ДИК, но, за жал, со меѓусебен договор на политичките партии едноставно се одлучи во законот ништо да не се менува во однос на парите и медиумите“, вели новинарот Бранко Героски од здружението „Онлајн медиа“.
Една година од договорот со „Бехтел и Енка“, пари од буџетот се одлеваат, а градежни активности нема
Една година од потпишување на договорот за автопати со Бехтел и Енка и три прослави за почеток на градба, а на асфалт уште не замирисало. Досега е одземен нешто повеќе од половина од имотот каде ќе поминуваат трасите, и на третина од земјиштето му е направено геотехничко испитување. Властите очекуваат март да го одбележи градежна експанзија. Жителите на местата каде ќе поминуваат патиштата не сакаат на нивните ниви да никне автопат.
Видете и ова: Автопатите на Бехтел и Енка по една година - нема ни педа асфалтАмериканско - турскиот конзорциум Бехтел- Енка и државата пред една година (8 март 2023) склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Договорот имаше многу контроверзи.
За експропријација на приватниот имот државата планира да потроши 300 милиони евра. Според најавите на функционерите од пред една година, дополнителни 1,3 милијарди евра ќе бидат потребни за да се изградат 109-те километри пат. Рокот е 57 месеци, од кои веќе помина една година.
Проектот се финансира од буџетот, за чија цел годинава се предвидени 5,1 милијарди денари или околу 245 милиони евра.
Во 2023 требаше да се исплатат 244 милиони евра, но Министерството за транспорт на сметката на Претпријатието за државни патишта исплатило 235 милиони евра, покажуваат податоците на владината алатка за отчетност Отворени финансии. ЈПДП потоа ги исплаќа на сметка на Бехтел и Енка. Од тие пари конзорциумот добил 207 милиони евра, а останатите пари се на посебна сметка во државното претпријатие и годинава ќе се трошат, вели Ејуп Рустеми, директор на ЈП Државни патишта.
Дали украински деца и војници ќе се рехабилитираат во Северна Македонија?
Балканските држави, вклучително и Северна Македонија, да помогнат во рехабилитацијата на деца од Украина и на ранети украински војници, е иницијатива што претседателот на Украина, Володомир Зеленски ја дискутирал со претседателите на Северна Македонија и на Црна Гора, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.
„Идејата е начелно прифатлива за нас, при што е потребна конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе изразат согласност да земат учество во оваа програма“, велат од Кабинетот на Пендаровски за РСЕ.
„Во моментов Амбасадата на Украина и македонските власти ја разгледуваат можноста за рехабилитација во Северна Македонија на деца од Украина. Станува збор за деца од ранливите категории и одржување на тренинзи за деца спортисти од Никополскиот реон во Днипропетровската област, велат од Амбасадата на Украина за Радио Слободна Европа.
Амбасадата се обраќала и со молба до македонската страна околу можноста за приклучување кон процесот на обнова на Украина. Конкретно, според одговорот од амбасадата, украинската страна понудила да се разгледа можноста за спроведување на иницијативата за обновување или реконструкција на инфраструктурни објекти во Киевската област.
Докази дека руските трупи поставуваат забранети мини во Украина
Новиот извештај на „Шеми“, истражувачка секција на украинскиот сервис на РСЕ, ги открива имињата и идентитетите на руските војници одговорни за поставување противпешадиски мини во Украина. Тие мини се забранети според меѓународните конвенции, но руските сили го користат, а страдаат невини цивили.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Женскиот аматерски хор „Фрида“ со песна шири оптимизам
Речиси педесет скопјанки здружени под името „Фрида“ се дел од женскиот аматерски хор, воден од пејачката и наставничка по музичко, Сузана Турунџиева. Повеќето членки имаат над 40 години, а во распеаната женска дружина има и пензионерки. Немаат баш сите искуство со пеење, но баш сите сакаат да пеат и да се дружат. Велат дека се радуваат на секоја проба во студиото на музичарот Огнен Стаматовски, единствениот маж во оваа женска екипа, кој е нивна музичка придружба.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Децата се отруени со материјализам
Зумбулите и розите на 8 март во училиштата почнаа да се заменуваат и со ваучери за патувања, сваровски накит или кожени чанти. Децата сфаќаат дека подарокот е единствен израз на почит, но и како да дадат поткуп. Како да се постапи со “изнудените“ подароци за празникот на жената во образовните институции во „Зошто“ разговараме со професорката Татјана Алексиќ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org