Достапни линкови

Селективно здравство и непожелни медиуми


Селективно здравство и за пациентите и за лекарите и медицинскиот персонал. Кој решава кои пациенти ќе се лекуваат, а кои ќе чекаат, кој ќе се вработи, а кој не? Кому пречат медиумите и професионалните новинари? Њузлетер 23.02.2024

Клиника за онкологија – очајни пациенти, немоќни лекари

Проблемите на Клиниката за онкологија во Скопје траат со години, а дополнително се усложнија со откривањето на аферата во врска со малверзациите со скапите лекови. Истрагата на Обвинителството сеуште е во тек, а засега се гонат само двајца поранешни директори на клиниката.
Дека состојбата на онкологија и натаму е драматична, во изјава за РСЕ потврдува сегашната директорка Виолета Клисарова. „Ако правилото е лек за секого, тоа мора да биде без ограничување“, вели Клисарова.
Но, често, среде лекување снемува лекови за пациентите на кои животот им зависи од нив. Од одредени лекови има само за 5 до 6 месеци, а потоа нема. На клиниката во Скопје, недостигаат и лекари и медицински сестри а доаѓаат пациенти од сите градови во државата, бидејќи онколошки регионални центри нема.
Погледнете ја репортажата на РСЕ од клиниката за онкологија во Скопје.

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:21 0:00

Лекари и медицински сестри има, но за вработување само преку партија или националност

Околу 350 лекари и 1.400 медицински сестри чекаат вработување додека ветените 1.117 се стопирани. Младите лекари се жалат дека не можат да се вработат во јавно здравство ни со висок просек од студиите, бидејќи таму се вработува најчесто преку партија или по „други критериуми“, каков што беше најновиот пример во болницата во Гостивар.
„Се повторуваат истите шеми со вработувањата во здравството, само што сега во случајот со Гостивар имаме 100 отсто етничка компонента. Слични случаи имавме на Клиника за гинекологија, на Инфективна клиника. „Ние повторно ги повикуваме колегите да излегуваат јавно и да ги кажуваат проблемите. Ама, тие што се храбри, си отидоа од тука“, вели Ненад Лазаров од Асоцијација на специјализанти и млади лекари.

Пред месец и половина двајца министри од Владата и поранешниот премиер Димитар Ковачевски најавија дека 1.117 лица ангажирани со договор на дело во здравството ќе бидат вработени пред да се распишат изборите напролет. Тоа не беше реализирано.
Нема точна бројка колку лекари заминале од Северна Македонија. Податоците од Лекарската комора се дека од 2017 година досега, околу 600 лекари побарале потврда дека против нив не се води никаква постапка пред Судот на честа при комората. Оваа потврда им е потребна на сите оние кои одат на специјализација во странство, како и на оние кои заминуваат засекогаш.
Според податоците од Синдикатот на Клинички центар, пак, од 450 лекари, кои годишно добиваат лиценци за работа од комората, 430 земаат дипломи за странски јазик, што е показател дека заминуваат да работат во други држави.

Маркетинг за личните документи доведе до објава на лични податоци

По хаосот кој настана со издавањето лични документи и мобилизацијата и реорганизацијата што потоа ја најавија надлежните институции, дел од функционерите преку видеа и
фотографии на социјалните мрежи изминатите денови покажаа како сега „течно“ се одвива процесот.
Видеа објавени на официјалната Фејсбук страница на шефот на дипломатијата Бујар Османи овековечија како тече фотографирањето и издавањето пасоши во амбасадите Брисел, Берн, Виена, како и во конзуларните претставништва во Минхен, Бон, Венеција.

Преку објави на официјалните страници на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот дополнителен заменик Митко Бојмацалиев, пак, можеше да се види како се работи во управните служби во зградата на МТВ, на пунктот во полициската станица „Пролет“...
Меѓутоа, на некои од кадрите можеше јасно да се види и прочита и нешто друго – лични податоци на граѓаните. На пример, на виделина се најдоа матични броеви, имиња и презимиња, фотографии, броеви на лични карти, што ги отвори прашањата дали институциите и функционерите воопшто водат сметка за заштитата на личните податоци и колку објавените видеа ги прекршуваат законските одредби.
Откако функционерите ги увидоа „грешките“, почнаа со бришење на постовите, но предоцна. Утврдена е повреда на прописите за заштита на личните податоци, но одговорност нема.

Лични податоци на „ачик“ во промотивните видеа на функционерите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Технички премиер на сите, во кампања кај „своите“

За околу три недели, колку што Талат Џафери ја предводи техничката Влада, на терен, тој беше во посета на почеток на градба на обиколница во Тетово, на градинка во Липково, на Универзитетот и студентскиот дом исто така во Тетово, места со доминантно албанско население. Потоа, пак, го посети кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза", најмладиот државен универзитет, на кој наставата се изведува главно на албански јазик, а во Арачиново во посета на градинка и основно училиште, како и во општина Чаир во посета на градинка.

Џафери на ова не гледа како на предизборна кампања, а прашан дали на пример би го посетил Универзитетот во Штип или би отишол во Виница, премиерот вели: „Никаков проблем нема да направам таква посета и ќе направам, доколку ректоратот и управата искажат интерес да бидеме таму“.
Политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири вели дека не само Џафери, туку и министрите, 100 дена пред избори не мислат на ништо друго, туку само на тоа да мобилизираат што е можно повеќе гласачи.
Премиерот не гледа ништо лошо во овие активности и додава дека законот не му забранува. Во негова придружба, најчесто одат и министри од албанските партии во власта.

Лидерот на СДСМ во пресметка со медиуми

Најнапред со негативна оценка за работата на МРТВ, па со констатација дека медиумите се „продале“, па дека има медиуми чија што уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација, па се до израз од типот “ќе квицкаат по подруми“, што и да значи тоа.
„Ќе бараат да се извиниме, па ќе се извиниме“, заклучи лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски на партиска трибина. И, се извини откако стигнаа реакциите, но дамката остана.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) најостро ја осуди изјавата на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски со која обвини медиуми „дека самите се продале и уште сега се продаваат“ и се ставаат во функција на една политичка партија, соопштија денеска од АВМУ.
И Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изрази сериозна загриженост поради изјавите на Ковачевски, кои како што наведуваат, создаваат непотребни тензии кон новинарите, особено во предизборен период.
„Негативниот и агресивен политички говор кон новинарите ги зголемува ризиците од напади кон новинари, а воедно и го нарушува правото на граѓаните да бидат правилно информирани“, оценија од ЗНМ.

Русија ја прогласи Радио Слободна Европа за „непожелна организација“

Со таквата квалификација на руските власти, на РСЕ и се забранува да работи во Русија и го изложува секој што соработува со медиумот на потенцијално кривично гонење. Со кривично гонење можат да се соочат и руски граѓани кои даваат изјави за РСЕ или пак споделувааат содржини од сајтовите или социјалните мрежи на РСЕ.

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Претседателот на РСЕ, Стивен Капус, рече дека овој потег покажува дека Москва смета дека независното известување е „егзистенцијална закана“. „Милиони Руси се потпираат на нас со децении - вклучително и публика која соборува рекорди во изминатите неколку дена по смртта на Алексеј Навални - и овој обид да не задушат само ќе ја натера РСЕ да работи понапорно за да донесе слободно и независно новинарство за луѓето во Русија“, вели Капус.

Вдовицата на Навални вети дека ќе ја продолжи неговата работа

Вдовицата на Алексеј Навални, Јулија Навалнаја, вети дека ќе продолжи со неговата работа, во видео објавено на социјалните мрежи. Во него Навалнаја, исто така, тврди дека руските власти го одложуваат предавањето на неговото тело додека од него исчезнат трагите од отровот Новичок. Кремљ на 19 февруари соопшти дека истрагата за смртта на Навални е во тек.

Вдовицата на Навални вети дека ќе ја продолжи неговата работа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Алдин, средношколец со оштетен вид: „Го сакам животот и сакам да помагам“

Тетовецот Алдин Шерифи има оштетен вид и желба да стане физиотерапевт, а ужива во музицирање како хоби. Низ ходниците на државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, каде учи, може да се движи сам. Но, на улица не е така. И покрај сите секојдневни предизвици со кои се соочува, вели - го сакам мојот живот!

Алдин, средношколец со оштетен вид: „Го сакам животот и сакам да помагам“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG