Достапни линкови

Неказнива корупција во „држава на старци“


Корупцијата не се казнува. Високо ниво на корупција. Тоа што ни е познато, го потврдија и Транспаренси интернешнел, но и Државната комисија за спречување на корупцијата. Од власта нема реакции на ваквите констатации. Корупцијата е една од причините и за иселувањето на младите од државата, која полека станува „држава на старци“.

Корупцијата ја гледаат сите, освен оние што треба

Во најновиот извештај на Транспаренси интернешнел, Северна Македонија останува во групата земји со високо ниво на корупција. Има освоено 42 бода, два бода повеќе од лани, на скалата во која нула значи дека една држава е многу корумпирана, а 100 – некорумпирана односно држава чиста од корупција.
„Секој резултат под 50 поени, согласно мерилата на Индексот на перцепција на корупцијата, во која група припаѓа и Македонија, укажува на сериозни корупциски проблеми во јавниот сектор“, рече претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски при презентацијата на извештајот.

Она што најмногу го привлече вниманието на Транспаренси Интернешнл, кога станува збор за борбата против корупцијата, се измените на Кривичниот законик што беа донесени во Собранието на почетокот на септември 2023 година.
„Во септември 2023 година, Парламентот на Република Северна Македонија значително го поткопа судството. Нетранспарентно, по брза постапка, пратениците го изменија Кривичниот законик кој доведе до намалување на затворските казни и скратување на застареноста на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика застарување на околу 200 претпоставени случаи за корупција од кои во многу се вклучени поранешни функционери на високо ниво“, пишува во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата.
Дека нема напредок во борбата против корупцијата и проблемите во судството, сериозни критики имаше и од ЕУ и САД, кои исто така ги критикуваа и измените во Кривичниот законик.


Предметите на Антикорупциската комисија игнорирани од надлежните институци

Завршува мандатот на актуелната државна комисија за спречување на корупцијата. Од наредната недела, стапува на должност нов состав.
По 5 годишниот мандат, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, објави дека отвориле над 5 илјади предмети, од кои повеќе од 2.800 за корупција. Од властите побарале разрешување на 59 службени и раководни лица, а за 56 и кривично гонење. Но, поразително е што до сега, ниту еден предмет кој доаѓа по иницијатива од ДКСК не видел бела виделина на суд освен предметот Бачило.

Ивановска тврди дека не може да функционира во целост правосудниот апарат ако не се постапува по нивните иницијативи кои содржат сомнежи за корупција. Таа вели дека неказнивоста им дава слобода на функционерите да не ги почитуваат препораките на ДКСК.
Со други зборови, антикорупциската комисија си ја работеше својата работа, но, ниту политичарите, ниту надлежните институции за постапување по нивните предмети, не ги есапеа.


Дали аферата во Онкологија ќе добие судски расплет?

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за случајот со злоупотреби на терапии и лекови на Клиниката за Онкологија. Еден од осомничените е поранешен медицински директор на Клиниката за онкологија, а друг е организациски директор. Останатите тројца осомничени се лекари - онколози.
Медицинскиот директор е осомничен за седум кривични дела- злоупотреба на службената положба и овластувања како и за едно дело измама во служба. Организацискиот директор е осомничен за измама во служба, а тројцата онколози за помагање во кривичното дело измама во служба.

Според досегашните пресметки, противправната имотна корист стекната во овој случај засега се пресметува речиси 30 милиони евра.
На почетокот на септември Обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документации. Ова следуваше по новинарските истражувања, кои открија дека покрај тоа што на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, имаше и сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Стари лица ќе се населуваат во училишта, градинки ...

Населението во Северна Македонија драматично старее. Младите исчезнуваат од државата, стари лица има се повеќе, а нема кој да се грижи за нив.
Во моментов, во повеќе општини, има повеќе стари лица над 65 години отколку деца до 14 години. Општините бараат начин да ги згрижат старите, па објекти што порано се користеле како градинки, училишта и амбуланти, сега ги пренаменуваат во домови за стари лица. Такви се примерите од Пробиштип и од Кратово.
Моментално постојат 45 старски домови, од кои само 5 се државни, а 40 се приватни, каде што е двојно, па и повеќе поскапо за сметување на стари лица.

Градинки и училишта стануваат старски домови оти старите се побројни од децата
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:20 0:00


Дезинформации – најмногу за војната во Украина

Фондацијата Метаморфозис следела написи во домашните онлајн медиуми но и објави на социјални мрежи во периодот од јануари до септември 2023 година, за кои имало сомнежи дека содржат дезинформации поврзани со странски влијанија во земјава. Според анализата на теми на кои најчесто се шират дезинформации, воделе написите поврзани со војната во Украина.
Како поконкретни теми кои се препознаени како дезинформации се:
„Војната во Украина е војна меѓу НАТО и Русија“, „Русија не води војна во Украина, туку само спроведува специјална операција“, „Русија во Украина се бори против нацизмот“, „Украина регрутира деца на фронтот“, „Трговија со органи во Украина“, „Украина ја продава донираната воена помош на црниот пазар“.

„Се пренесуваат сите оние дезинформации кои ги лиферува Кремљ и нивните функционери, а често се пренесувани и од истакнати медиуми без да се објасни контекстот или да се објасни дека дадената изјава која се пренесува содржи елементи на лаги или манипулации. Ваквите дезинформации имаат големо влијание особено онаму каде граѓаните се веќе научени да прифаќаат одредени теории на заговор,“ вели Филип Стојановски директор во „Метаморфозис“.
Според анализата на Метаморфозис, „странски малигни влијанија“ ги користат дезинформациите и медиумските манипулации како алатка за да предизвикаат поларизација и конфузија. Ова, според нив, станува глобално прашање бидејќи има и негативно влијание врз кревката демократија на Северна Македонија, но и на земјите од Западен Балкан.

Колку и да се труди, вештачката интелигенција нема да не замени
Вештачка интелигенција – нови можности или нешто страшно. Ова се екстремите во кои се движат реакциите за новата технологија која забрзано го освојува светот. Каде сме ние, за што ја користиме? Но и дали ќе помага и во изборните кампањи во поткастот „Зошто“ разговараме со комуникологот Бојан Кордалов.

Кој ќе биде заменет од робот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:00 0:00
Директен линк

Почитувани, тоа е се за оваа седмица. Можете да ме контактирате на мејл: nakevl@rferl.org. Доколку ви се допаѓа њузлетерот, препорачајте го на пријателите. Сите сугестии, предлози и забелешки се добредојдени.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG