Достапни линкови

Завршени и незавршени работи пред формирањето на техничката влада


Завршени и незавршени работи пред стапувањето на должност на техничката влада. Што успеаа досегашните министри да завршат, а со кои проблеми ќе се соочат „техничките“? Њузлетер 26.01.2024

Заврши мандатот на премиерот Ковачевски. Што остави зад себе?
Димитар Ковачевски си замина од премиерската функција по две години, период кога Европската унија изразуваше сериозна загриженост за судство и корупцијата и кога Соединетите Американски Држави, како најголем стратешки партнер, ја прошириjа и надградија „црната листа“ со бизнисмени, поранешни и сегашни политичари од земјата, а надлежните институции не превземаа ништо.
Го прифати „Францускиот предлог“ за почеток на преговорите за членство со ЕУ и вети дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот, но, не успеа да ги убеди пратениците од ВМРО - ДПМНЕ. Евро-скептицизмот во државата е најголем досега.

Граѓаните бараа повисоки плати и пензии, оти кризата сериозно им го испразни џебот. За граѓаните имаше зголемување на платите и пензиите за неколку проценти, додека функционерските плати се зголемија за речиси 80 отсто.
За време на владеењето на Ковачевски не беше пуштен ниту еден голем стратешки проект, како автопат, хидроцентрала, пруга, а тука се и евергрин проблемите во здравството, образованието, судството...
Во поголем дел од државата луѓето се борат за свеж воздух, други, пак, се туркаат да добијат нови лични документи, во недостиг на термини и обрасци. Ученици немаа учебници, а кога ја завршија годината немаа свидетелства. Лекови се бараа на протести.

Ковачевски не беше избран на избори, туку го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече од функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година.

Завршена работа е делењето државни пари на невладини организации на луѓе блиски до ДУИ
Државен советник во министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, лица кои добиле вработувања во Министерството за политички систем, поранешен член на ДИК, советничка вработена во општина Струга кај Рамиз Мерко, административци и именувани функционери од ДУИ, но и советничка за протокол во владата. Ова се дел од имињата на луѓето кои добија државни пари за невладини организации во кои се појавуваат како основачи или (екс)претседатели, открива истражувањето на Радио Слободна Европа.
Околу 325.000 евра од државната каса легнале на сметките на невладини организации, во кои голем дел од нивните основачи веќе земаат плата од државата, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“. Дел од 33-те добитници на државни пари за финансирање на здруженија и фондации од Министерството за политички систем за 2023 година се и нови организации формирани пред помалку од две години и се делумно непознати за граѓанскиот сектор.
Некои немаат интернет страница, а за други, пак, не се наоѓа ниту една информација околу нивната активност на интернет пребарувачот Гугл.
При проверката на основачите на невладините организации РСЕ наиде на имиња на луѓе од Скопје, Тетово и Струга, кои во одредени временски периоди се поврзуваат со владејачката ДУИ.

Од Министерството за политички систем, предводено од Артан Груби, кое ги делеше парите, не добивме одговор на клучните прашања: дали е направен мониторинг на реализираните проекти за 2022 година, кои се членови на комисијата кои одлучуваа за повикот од 2023 година? Но, и зошто во јавниот оглас е наведено дека се исклучува членот 52 од Законот за спречување на корупција, со што се овозможува функционери и блиски до ДУИ, кои се основачи на НВО, да станат добитници на државна помош од министерството.

Незавршена работа со замената на личните документи
Веќе е јасно дека сите граѓани нема да можат да ги заменат личните документи со новото име на државата Северна Македонија, до 12-ти февруари.
Прв проблем е што иако уставните измени со новото име на државата беа изгласани во јануари 2019-та, а се до август 2021-ва, значи, повеќе од две години, државата издаваше лични документи со старото име. Зошто?
Потоа, лани есента, почна навалицата барања за нови лични документи. Сега, дојде дотаму што закажувањето за фотографирање оди многу тешко, термини се добиваат за неколку месеци, а исто така и оние што сега успеваат да се фотографираат, на издавањето на новите документи, особено пасошите, чекаат многу подолго од законски утврдениот рок.
Дури и итната постапка за пасоши, за која е тројно поскапо, веќе не е итна. И за ова се чека повеќе од предвидениот рок за издавање,сведочат граѓани.

Се појави и нов проблем – недостиг од обрасци за лични документи, на што предупреди народниот правобранител Насер Зибери во интервју за РСЕ. МВР, вели дека обрасци ќе пристигнат навреме.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека личните карти и возачките дозволи кои се со валиден рок, ќе важат и по 12-ти февруари, но само за внатрешна употреба.
Па така, граѓаните кои немаат пасоши со новото име, ќе останат „заробени“ во државава, бидејќи институциите ниту го решаваат проблемот, ниту пак издејствуваа продолжување на рокот за нивно важење.

Нерешени проблеми во образованието
Почна второто полугодие со истите проблеми како и во првото. Кој немаше учебници по одредени предмети, нема и понатаму. Во училиштата низ земјата каде што недостигаат училници, некаде и клупи, нема и сега. Од дигитализацијата, најавена од министерот за образование Јетон Шаќири, абер нема.
Во основното училиште во Чашка, наставата не ни почна поради истиот проблем од крајот на минатата година – паралелката на албански јазик. Жители на Чашка и неделава го блокираат влезот во училиштето и имаа турканици со полицијата, која се обидуваше да им овозможи влез на наставниците.

Турканици пред основното училиште во Чашка
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:18 0:00

Проблемот почна од август 2023, кога Министерството за образование и наука му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски и наложи да се отвори паралелка на албански јазик за неколку првачиња.
Според родителите Македонци - министерот за образование насилно и противзаконски сака да отвори албанска паралелка во училиште според чиј Статут наставата се одвива на македонски јазик, иако има и други училишта во околината во кои наставата е на албански јазик. Според родителите Албанци, тие имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

„На политиката и затвораме врата“
Добро е кога можеш да споделиш нешто, а многу луѓе околу тебе тоа го споделуваат, вели Виктор Петров – Викса популарен радио водител, во Поткастот Зошто на Радио Слободна Европа. Со Викса разговараме за Радиото како медиум денеска, вчера и во иднина. Радиото, вчера и денеска, не е исто. За Викса Радиото е друштво на луѓе што знаат да бидат во друштво.

На политиката и затвораме врата
please wait

No media source currently available

0:00 0:17:48 0:00
Директен линк


Ќе имаме ли нова олимпијка на наредната олимпијада во Париз?
И Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет ја прогласија таеквондистката Милијана Релиќ за најдобра млада спортистка за 2023. Таа верува дека водена од тренерот Александар Ефтимов може да го оствари својот најголем сон, да се пласира на Олимписки игри и да освои олимписки медал.

Најдобрата млада спортистка: Целта ми е да освојам олимписки медал
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Почитувани, тоа е се за оваа седмица. Можете да ме контактирате на мејл: nakevl@rferl.org. Доколку ви се допаѓа њузлетерот, препорачајте го на пријателите. Сите сугестии, предлози и забелешки се добредојдени.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG