Достапни линкови

Случај Онкологија: Се набавувале лекови на реверс, злоупотреби од 30 милиони евра


Клиника за онкологија / Јавно обвинителство
Клиника за онкологија / Јавно обвинителство

За измами во служба се гонат двајца поранешни директори и тројца лекари онколози. Еден од директорите е осомничен и за седум дела злоупотреба на службената положба. Обвинителството досега нема информации дека вишокот лекови завршувал во Косово. Од Албанија, се уште се чекаат информации.

Двајца поранешни директори на Клиниката за онкологија – еден медицински и еден организациски, и тројца доктори – онколози, од денеска, 31 јануари, имаат својство на осомничени во случајот со злоупотреби на терапии на оваа здравствена установа.

Ова доаѓа откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, кое почна да го испитува случајот во септември лани, денеска објави дека отвора истрага за повеќе кривични дела за периодот од 2017 до 2022 година.

Истрагата во овој момент се однесува на два клучни аспекти. Едниот е дека биле набавувани лекови на реверс, без објавување тендери односно во нетранспарентни постапки. На ваков начин се создавале вишок лекови и терапии. Вториот аспект, е што се препишувале повеќе од потребни лекови на име на пациенти. Истрагата понатаму треба да утврди каде завршил вишокот.

За што се гонат осомничените?

Од осомничените, поранешниот медицински директор се сомничи за седум кривични дела- злоупотреба на службената положба и овластувања како и за едно дело измама во служба. Организацискиот директор е осомничен за измама во служба, а тројцата онколози за помагање во кривичното дело измама во служба.

Седумте дела на поранешниот медицински директор се за седум јавни набавки на лекови и терапии на Клиниката.

Обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска на брифинг со новинарите посочи дека за двајцата поранешни директори сомнежите се дека набавувале лекови на реверс пред да склучат договор за јавна набавка и без согласност од Фондот за здравствено осигурување.

Со набавките бил надминат одобрениот буџет, било констатирано и дека за краток временски период без објавување тендери се правени повеќе набавки.

„Оваа постапка за преговарање без оглас се смета за постапка која не треба да се спроведе доколку ситуацијата објективно не дозволува поинаку“, вели обвинителката.

Во однос на препишувањето на лекови, пак, од доказите Обвинителството увидело дека спротивно на регистрационите одобренија на лековите, протоколите за лекување, податоците од медицина базирана на лекови имало недоследности во дозирањето на лекови и во тајмингот на давањето на терапиите.

Тоа, како што објасни Гоговска-Јакимовска, не значи дека од пациенти е кратена или не им се давана терапија туку дека се впишувала вишок терапија на име на пациенти.

На пример, утврдено е дека кај некои пациенти имало препишување на една ампула повеќе од терапијата, а има и изолиран случај кога на пример, на име на еден пациент натпишани се осум. Други случаи што констатирало обвинителството е дека лекови од нови генерации на таргет и имуно терапија биле издавани за пациенти еден ден пред тие да починат.

Во случајот Обвинителството прегледало над 500 истории на пациенти на хартија, а повеќе од 25 000 електронски записи за пациенти.

Нема сознанија дека терапија завршувала кај косовски пациенти

Каде завршувале вишокот терапии, треба дополнително да се утврди. Засега нема официјални информации дека биле препродавани на црниот пазар во соседството.

Од скопското обвинителство велат дека докази и материјали биле прибавени од Косово, но од нив не произлегуваат сознанија дека терапијата завршувала на тамошниот пазар или, пак, дека косовски државјани примале терапија во Скопје.

Од Албанија се уште се чекаат докази и материјали.

Инаку, според досегашните неофицијални пресметки, противправната имотна корист стекната во овој случај со злоупотреби на Клиниката засега се пресметува на 1 817 520 000 или речиси 30 милиони евра.

Во наредниот период не се исклучува можноста за проширување на истрагата кон други дејствија или осомничени.

Од петмината осомничени во моментов, на барање на обвинителството, Основниот кривичен суд на поранешните двајца директори им одреди забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува еднаш во судот, одземање на пасови. Поранешниот медицински директор, кој сега е доктор на Клиниката, доби и забрана за извршување опеделени работни активности.

За тројцата онколози, осомничени за помагање, обвинителството не побара притвор или други мерки.

Неславен крај на Анкетната комисија

Поранешните директори на Клиниката за онкологија, но и бивши министри и други функционери во здравството, изминатиот период за случувањата во оваа здравствена установа зборуваа јавно пред пратениците на седници на Анектната комисија – ад хок тело кое беше формирано за овој настан.

Со него претседаваше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Комисијата заврши неславно на крајот на ноември, со изнесување заклучоци од страна на Мизрахи и од пратеници од владејачкото мнозинство, без да се изгласаат некои од нив.

„Јас сум разочарана од мнозинството, пред се како човек, не како пратеник, не како ВМРО-ДПМНЕ. Ако не можеме да се надминеме себе си во партиските структури во партиската одбрана ние сме нелуѓе. Вистината беше многу очигледна. Она што јас го ветив, беше вистината каква и да е и со читањето на моите заклучоци, јас сметам дека ја изнесов вистината баш таква како што е. Јас имав презентација од 47 минути пред сите медиуми. Тоа што мнозинството не можеше да се надмине себе си и да застане во интерес на граѓаните, ако не на граѓаните – на самите себе оти сите наши фамилии имаат некој на Онкологија или сите сме на пат кон онкологија“, вели Мизрахи за Радио Слободна Европа.

Заклучоците се однесуваа на имиња од кои треба да се бара одговорност, но пратениците од СДСМ не се согласија со тие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а бараа и оставка од Мизрахи.

Случајот со онкологија избувна во јавноста откако беа објавени новинарските истражувања, во кои освен дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, беа отворени и сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG