Достапни линкови

Игри без правила - дел инкогнито портали до државни пари за изборите


Државна изборна комисија (илустрација)
Државна изборна комисија (илустрација)

Пари од државната каса за платена политичка реклама можеби нема да добијат само порталите што не се пријавиле. За двојните избори во регистарот на ДИК влегоа 249 онлајн медиуми. Голем дел немаат видливо сопствеништво, а некои од нив продуцираат вести само од сферата на спорт, кулинарство и забава.

Потврда дека е отворена фирма, односно тековна сметка од Централниот регистар не постара од 30 дена е единствениот критериум кој го бара Државната изборна комисија (ДИК) од 249- те портали кои се пријавија за изборниот колач со реклами.

Ова е одговорот од ДИК за РСЕ на прашањето по кои критериуми е оформен регистарот со онлајн медиуми на кои ќе може да се рекламираат политичките партии со државни пари.

Од 17 милиони евра вкупно планирани за двојните избори на пролет, 60 проценти ќе се слеат во медиумите за платени политички реклами за време на изборната кампања.

Една четвртина од 10,6 милиони евра ќе им припадне на порталите и печатените медиуми. Поголемиот дел или 75% од парите за медиумските кампањи се наменети за телевизиите и радијата.

Со објавата на регистарот на портали на овие двојни избори се отвара можност еден портал да добие вкупно најмногу 30 илјади евра за објавување на платена политичка реклама. Односно по максимални 15 илјади евра за претседателските избори и 15 илјади евра за парламентарните избори.

Двојните избори годинава привлекоа досега најголем број на портали заинтересирани за поделба на изборниот колач вреден неколку милиони евра. На локалните избори во 2021 година се пријавиле вкупно 176 портали, додека на парламентарните во 2020 година имаше вкупно 235 пријавени портали.

Според проверката на РСЕ на регистарот, некои од порталите немаат функционален сајт, дел немаат објавено податоци за тоа кој ги уредува (сопствеништво и импресум). Има и портали кои се основани годинава, а пак десетина портали се во сопственост на една фирма со што можната добивка на крајот од изборите за фирмата може да достигне и до 300 илјади евра.

Според содржината која ја објавуваат, дел од порталите воопшто не објавуваат вести од областа на политиката, туку продуцираат вести од спортот, забавата и кулинарството.

Од ДИК не одговорија на прашањата зошто во Регистарот влегуваат и портали кои немаат македонски домен, што значи дека не може да се утврди на македонската академска истражувачка мрежа „Марнет“ кој е основачот на овие портали. Според регистарот на ДИК, најмалку десетина портали се регистрирани со домен од Република Албанија. Во регистарот има ѝ портали кои објавуваат на албански јазик, а се регистрирани во Данска и Англија.

Дополнително, од ДИК не одговорија ниту на прашањето дали воопшто направиле проверка колку од порталите имаат функционални сајтови. Според проверките на РСЕ најмалку три веб страници кои се пријавиле за регистарот за платени политички реклами во моментот воопшто не функционираат.

Во однос на нивните надлежности од ДИК велат дека тие можат сами да проверат само дали навреме ги доставиле ценовниците и дали по нив се воделе кога им наплаќаат на партиите.

„Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето. Радиодифузерите и печатените медиуми кои што нема да постапат по известувањето за корекција на ценовниците во наведениот рок го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање“, одговорија од ДИК на прашањата на РСЕ.

Според Изборниот законик, ДИК ги исплаќа парите за реклами врз основа на фактура доставена од медиумите во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Со фактурата треба да се достават и договорот и медиа-планот од партијата и извештајот за реализираните услуги.

Парите за реклами од државниот буџетот во најголем дел или 90 отсто ќе ги искористат четирите најголеми партии – 45 отсто двете најголеми партии од власта и 45 отсто двете најголеми партии од опозицијата.

Седум отсто, пак, ќе поделат партиите „кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група“. Најмногу три отсто, пак, ќе искористат партиите кои не се дел од Собранието.

Политички консензус за игри без правила

Според актуелната законска рамка, телевизиите, радијата и печатените медиуми во Северна Македонија се регулирани, но, не и онлајн-медиумите, иако, како такви се признати во Изборниот законик.

Во декември 2019 година, Советот за етика во медиумите, заедно со Здружението на новинари и во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија го презентираа во јавноста првиот регистар на професионални онлајн- медиуми „Промедиа“. Целта беше да се промовираат порталите кои ги почитуваат професионалните стандарди и исполнуваат критериуми за членство.

Иако од СЕММ пред еден месец барале овој регистар да биде искористен и од Државната изборна комисија како алатка за тоа кои медиуми можат да се квалификуваат за добивање пари во изборната кампања, предлогот не им бил прифатен.

„Ние инсистираме да има критериуми и по можност да влезе регистарот на „Промедиа“ во ДИК, имајќи во предвид дека таму има одамна правила на кои медиумите сами се согласуваат – да го почитуваат Кодексот на новинарите и насоките за известување во онлајн медиумите. Тие ми рекоа дека нема измени во Изборниот законик и дека никој не ги обврзува на каква било селекција. Дека ДИК нема кадар за да спроведе некаков рејтинг на кандидатите - портали и дека ќе постапат според актуелниот Изборен законик. Почнавме да одиме по трагата на предлози на измени во законот, имаше такви предлози од ЗНМ и АВМУ. Но, тоа остана во некоја фиока по патот од АВМУ до Влада – во Министерството за правда. Не стигнаа до влада предлозите од медиумските здруженија“, вели Билјана Георгиевска од СЕММ.

Според Георгиевска, преку недефинираните правила на игра се отвора можност за перење пари и задоволување на сопственици на медиуми кои вршат пропаганда, шират лажни вести и не работат по професионални стандарди.

„Немаше политичка волја или имаше политички консензус, бидејќи така им одговара на сите, а најмалку на граѓаните, чии пари се трошат, а не знаеме за што. Како е можно со судски одлуки за некој портал кој продуцира вести да се вели дека не е портал, а од друга страна во друг закон се признаваат содржина, а се признаваат како такви“, прашува Георгиевска.

И Здружението „Онлајн медиа“, кое е прво здружение на 30-тина порталите во Северна Македонија, во изминатата година водеше борба за смена на дел од Изборниот законик кој го регулира пласирањето на државни пари во медиумите. Од Здружението барале измени во два сегменти во Изборниот законик – да се избрише ограничувањето на вкупните државни пари од 25 насто за онлајн и печатените медиуми, за кое велат дека таква одредба не постои никаде во Европа, но и воспоставување на критериуми за онлајн медиумите кои ќе се квалификуваат за државни пари на кампањата.

„Баравме да има некакви критериуми – да постојат барем три години, да има барем двајца вработени во редакцијата, импресум, да објавува редовно содржини. За тоа имавме поддршка од владата, Пармалемнтот, ДИК, но, за жал, со меѓусебен договор на политичките партии едноставно се одлучи во законот ништо да не се менува во однос на парите и медиумите. Еден дел од партиите го прават следното - пред изборите формираат нови портали и една компанија може да оформи една компанија со повеќе портали со разни домени. На тој начин ги клонираат од еден прават повеќе медиуми и на тој начин конкурираат. Партијата ти дава пари, а ти како газда ги враќаш во партијата во кеш. Ова што го гледаме е сетирање на корупција отворено и најдиректно и никој не реагира“, вели новинарот Бранко Героски од здружението „Онлајн медиа“.

„Ревизија“ на Изборниот законик бараа и државните ревизори

И Државниот завод за ревизија во извештајот од 2023 година нотираше проблеми во изборното медиумско рекламирање. Ревизорите побараа доуредување на Изборниот законик и дефинирање на институција за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми (интернет портали).

ДЗР ја посочи и потребата за прецизирање на условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат порталите за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК. Но, да има и јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските пари за платено политичко рекламирање на интернет порталите.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG